Народната банка ја известува јавноста дека, во периодот од 7 до 11 септември 2015 година, е домаќин - организатор на Работилницата за теми во областа на спроведувањето на заднинските активности во процесот на управување со девизните резерви
Народната банка ја известува јавноста дека, во периодот од 7 до 11 септември 2015 година, е домаќин - организатор на Работилницата за теми во областа на спроведувањето на заднинските активности во процесот на управување со девизните резерви. Работилницата е организирана од страна на Светската банка, како дел од редовната годишна програма на Светската банка за едукација и размена на искуства и вештини во рамки на програмата РАМП (англ. RAMP - Reserve Management Advisory Programme).
Воведно обраќање на Работилницата ќе има вицегувернерката на Народната банка, г-ѓа Маја Кадиевска-Војновиќ, задолжена за Секторот за финансиските операции и платните системи.
Работилницата има меѓународен карактер и во неа ќе земат учество претставници од централните банки од дваесет и една држава: Белорусија, Босна и Херцеговина, Грузија, Јужна Африка, Кенија, Кореја, Литванија, Намибија, Малави, Молдавија, Оман, Сејшели, Свазиленд, Замбија, Хрватска, Црна Гора, Уганда, како и претставници на Народната банка на Република Македонија. Предавачи на работилницата ќе бидат претставници од Светската банка, г. Гери Рајс и г. Прадип Марајапан, г-ѓа Изабел Штрос-Кан, г-ѓа Шитал Ратнакар Шети и г-ѓа Ниша Синг.
Управувањето со девизните резерви е комплексен процес којшто треба да има утврдени јасни цели, добро дефинирани нивоа на одлучување, силни контролни механизми, транспарентен начин на известување и реалистичен приод во надминувањето на ограничувачките фактори при спроведувањето на активностите. Доколку се зборува за стратегијата на управување со девизните резерви, централните банки тековно се соочуваат со предизвиците на инвестирање на финансиските пазари каде што преовладуваат исклучително ниски стапки на приноси, но истовремено оние што ги носат политиките треба да ги имаат предвид и факторите коишто ја условуваат стратегијата, а се специфични за секоја земја поединечно. Следствено, камен-темелник на процесот на управување со девизните резерви е стратегиската распределба на инвестирањето, при што се води сметка за остварување на клучните цели на управувањето со резервите, и тоа: зачувување на вредноста на девизните резерви, обезбедување доволно ликвидни средства во рамки на инвестициите и како последно, но не и помалку значајно, обезбедување одредено ниво на профитабилност од инвестициите. Извршувањето на заднинските активности во рамки на процесот на инвестирање на девизните резерви е витална функција којашто овозможува навремено евидентирање на сите текови на средства, поткрепени со соодветна документација, обезбедувајќи на тој начин прецизни и точни показатели за пазарните позиции и кредитна изложеност врз основа на договорни страни и финансиски инструменти. На тој начин, ефикасното остварување на заднинските активности овозможува унапредување и подобро контролирање на условите во коишто се спроведува процесот на инвестирање на девизните резерви, придонесувајќи за одржување висока репутација на централните банки при извршувањето на оваа функција во работењето.
Имајќи ги предвид темите коишто ќе се разгледуваат во текот на работилницата, се очекува дека ќе се придонесе за подобро разбирање на најдобрите практики во доменот на порамнување на трансакциите за тргување со финансиските инструменти, различните услуги коишто се даваат од страна на меѓународните депозитари и значењето на информатичките алатки и програми за спроведување на операциите.