Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата седма седница на која беше усвоен Извештајот за финансиската стабилност во Република Македонија во 2012 година.
Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата седма седница на која беше усвоен Извештајот за финансиската стабилност во Република Македонија во 2012 година.
Извештајот се изготвува шеста година по ред, во согласност со стандардната практика на повеќето централни банки од развиените земји во светот. Тој содржи осврт на ризиците со кои се соочуваат економските субјекти во Република Македонија и соодветно е поделен на анализа на финансискиот и нефинансискиот сектор.
Во 2012 година се задржа финансиската стабилност во Република Македонија, при што негативните информации за новите жаришта на финансиската криза во ЕУ имаа само повремени, инцидентни и многу краткотрајни ефекти врз финансискиот систем. Како и во претходните години, директните негативни ефекти врз македонскиот банкарски систем се минимални, со оглед на малата зависност на домашните банки од странско финансирање. Сепак, зголемените ризици за светската економија може и во иднина негативно да се одразуваат врз екстерната позиција на домашната економија, а со тоа да претставуваат предизвик за одржувањето на финансиската стабилност на поединечните сектори, пред се на нефинансискиот корпоративен сектор.
Ризиците коишто ги создаваа домаќинствата во 2012 година и натаму се во контролирани граници, а некои од показателите бележат и подобрување. Иако долгот на домаќинствата се зголеми, побрзиот раст на финансиската актива услови подобрување на нивната способност за отплата на долгот и го зголеми просторот за натамошно задолжување. Во 2012 година, намалената „евроизација“ како последица на согледувањата на јавноста за неизвесност и за иднината на еврото, но и на постојаните разлики во приносот на штедењето во евра и денарското штедење, доведе до намалена изложеност кон валутен ризик, иако тој и натаму постои поради примената на валутни клаузули. Кредитниот ризик кај домаќинствата се намали, но вообичаеното прелевање на ризиците од нефинансискиот корпоративен сектор упатува на претпазливост.
Учеството на банкарскиот систем во вкупниот финансиски систем е најголемо и во 2012 година. Темелите на стабилноста се високата и стабилна ликвидност и солвентност, а малку поголеми ризици беа забележани во корпоративниот сектор. Остварувањето на кредитниот ризик во текот на 2012 година предизвика мал раст на нефункционалните кредити. Сепак, нефункционалната компонента од кредитното портфолио и натаму е целосно покриена со резервациите издвоени од страна на банките. Кај другите помали сегменти од финансискиот систем, ризиците коишто произлегуваа од недостиг на соодветна регулатива и супервизија се надминати во најголем дел.
Во 2012 година започнаа да се одржуваат работни средби меѓу претставници на финансиските супервизорски органи во Република Македонија, коишто имаат за цел, преку унапредување на меѓусебната соработка, да придонесат за одржувањето сигурен и стабилен финансиски систем, што е и актуелна, меѓународна практика.
На денешната седница на Советот беше донесена и Одлуката за изменување на Одлуката за задолжителната резерва, со која се намалува стапката на задолжителната резерва за обврските на банките во домашна валута од 10% на 8%, со истовремено зголемување на стапката на задолжителната резерва за обврските во странска валута од 13% на 15%. Оваа мерка всушност претставува продолжување на практиката на примена на диференцирани стапки на задолжителната резерва, со што се обезбедува поддршка на растот на штедењето во домашна валута и продолжување на трендот на постепено, но стабилно преструктурирање на валутниот состав на обврските на банкарскиот систем. Заради задржување на соодносот на задолжителната резерва што се издвојува во денари и во евра, се предвидува зголемување на делот од задолжителната резерва во евра којшто се исполнува во денари, од 23% на 30%.
Исто така, заради поттикнување на кредитниот раст, Народната банка донесе уште една макропрудентна мерка со контрацикличен карактер. Имено, заради привлекување на долгорочните приливи на странски капитал, наменети за кредитна поддршка во земјата, со измените на Одлуката за задолжителната резерва се овозможи примена на стапка од 0% за обврските на банките кон нерезидентите - финансиски друштва, со договорна рочност над една година, како и за сите обврски кон нерезидентите со договорна рочност над две години. За категоријата краткорочни обврски кон нерезидентите - финансиски друштва со рочност до една година се задржа постојната стапка на задолжителна резерва од 13%
Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.