Награди за децата со најдобри творби за осигурување и штедење
Награди за децата со најдобри творби за осигурување и штедење

Народната банка на Република Македонија, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурувањето денеска ги доделија наградите на најуспешните ликовни и литературни творби испратени на конкурсот по повод Денот на штедењето - 31 Октомври. Наградите ги врачија вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Попоски.
На конкурсот пристигнаа 310 творби од кои 51 литературна творба и 259 ликовни. Конкурсот е во рамки на активностите за подигнување на нивото и општата свест за финансиската писменост, вклученост и едукација на населението, особено на младите. Според организаторите, трите институции, станува збор за креативни и иновативни идеи на децата поврзани со штедењето и осигурувањето. Дипломи и парични награди добија дванаесетте најуспешни, а беа доделени и пофалници на училиштата коишто учествуваа во конкурсот.
Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, истакна дека целта е младите од рана возраст да се научат на финансиските основи коишто ќе им требаат и со кои ќе се сретнат и ќе ги употребуваат понатаму во животот. „Да научат децата како да управуваат со буџетот, како што се трудиме ние за државата да управуваме со буџетот на Република Македонија, на поголема основа, но концептот е тој и ист, дека мора домаќински да се располага со парите и да се управува со нив на начин кој ќе обезбеди да се искористат за најважните потреби. Но, претходно за да се направи тоа треба да ги имаш, а за да ги имаш треба да штедиш, а исто така и да бидеш осигурен бидејќи има ризици во животот“, рече Ставрески.
Тој истакна дека децата се нашата иднина и дека ако го добијат ова знаење во рана возраст, таа иднина ќе биде подобра и во финансиите.
Според него, децата преку конкурсот успеале една ваква сериозна тема да ја преточат во весели и разиграни цртежи и ликовни творби. „Важно е“, им порача, „да учите добро, да бидете истовремено љубопитни и креативни, да читате постојано и да осознавате нови знаења на најразлични теми, не само од учебниците, туку и од другите извори“.
Според гувернерот Богов, фокусот на активностите е ставен на младите, бидејќи тие понатаму ќе бидат носители на економијата. „Тие ќе бидат идните сопственици на фирми, претприемачи, банкари, директори и колку повеќе ќе научат во своето образование, толку подобри ќе бидат во иднина“, рече Богов.
Истакна дека целта е да се добијат граѓани кои ќе имаат поголеми знаења за тоа како се управува со парите и какви сѐ опасности демнат во работењето со парите и со финансиските институции, бидејќи информираните граѓани се оние кои знаат да носат добри одлуки.
Климе Попоски од Агенцијата за супервизија на осигурувањето истакна дека раната финансиска едукација е многу важна. „Ние, како клучни институции, се грижиме за раната финансиска едукација којашто претставува долгорочна инвестиција за целото општество и државата“, рече Попоски.
Информира дека Агенцијата, веќе две години по ред, промовира соодветни едукативни инструменти за описменување и учење на децата.
Најави дека планираат секоја година да промовираат по еден информативен материјал.