Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата единаесетта седница на која беше разгледан Кварталниот извештај за третиот квартал
Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата единаесетта седница на која беше разгледан Кварталниот извештај за третиот квартал. По зголемувањето на основната каматна стапка за 0,75 процентни поени во вториот квартал и преземените дополнителни монетарни мерки, во текот на третиот квартал на 2016 година, Народната банка не направи промени во монетарната политика. Економските основи беа оценети како солидни, при отсуство на нерамнотежи во економијата, но при сѐ уште присутна неизвесност, главно поврзана со домашните политички случувања.
Најновата оцена за економскиот раст во 2016 година изнесува 2,3%, со инфлација од 0%. Се очекува дека овој резултат ќе биде постигнат во услови на дефицит на тековната сметка на билансот на плаќања од 2,1% од бруто домашниот производ. Во рамките на тековната сметка, салдото во размената на стоки и услуги е поволно поради стеснувањето на енергетскиот дефицит, при пониски цени на енергентите на светските берзи и ефектите од новите извозни капацитети, додека годинешниве остварувања кај дел од традиционалниот сектор се понеповолни. Притоа, и годинава странските директни инвестиции и надворешното задолжување се главните извори на финансирањето на дефицитот на тековната сметка. Во текот на целиот период, показателите за адекватноста на девизните резерви беа во сигурната зона.
Најновите проекции за 2017 и 2018 година упатуваат на забрзување на економскиот раст и остварување на стапки од 3,5% и 3,7%, соодветно. За 2017 година се очекува дека дефицитот на тековната сметка ќе изнесува 2,3%, а за 2018 година 2,6%. Растот на цените умерено ќе забрза во 2017 и 2018 година при што очекуваните стапки на инфлација изнесуваат 1,3% и околу 2%, соодветно.
Се очекува дека во 2017 година растот на домашната побарувачка ќе произлезе од инвестициите и личната потрошувачка и дека таа ќе има поголем придонес кон растот на БДП отколку во 2016 година. И за 2018 се очекува дека посилниот раст и на личната и на инвестициската потрошувачка ќе доведе до продолжување на растот на домашната побарувачка. Ова соодветствува со очекуваната солидна кредитна поддршка од страна на банките, од 6,4% во 2017 година и 6,7% во 2018 година. За наредните две години се очекува дека депозитите во банкарскиот систем ќе растат со стапка од 7,5% годишно.
И за 2017 и 2018 година се очекува дека дефицитот на тековната сметка во целост ќе биде покриен од финансиски текови, коишто ќе овозможат и дополнителен раст на девизните резерви. Показателите за адекватноста на нивното ниво и натаму ќе бидат во сигурната зона.
Ризиците за овие очекувања се главно непроменети. И покрај преземените позитивни чекори во разрешувањето на домашните политички предизвици, и натаму постои дел од неизвесноста, а со тоа и неповолните ризици. Надворешните ризици повторно се поврзани со кревкото глобално закрепнување, протекционистичките тенденции, променливоста на финансиските пазари, а нов фактор е ризикот поврзан со одделувањето на Велика Британија од Европската Унија.
Општо земено, последните остварувања укажуваат на задржување слична макроекономска слика, со прилично солиден економски раст, отсуство на ценовни притисоци и платнобилансна позиција којашто обезбедува одржување на девизните резерви на соодветното ниво. Оттука, Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи соодветни промени во монетарната политика за успешно остварување на нејзините цели.
На денешната Седница, Советот ги разгледа и ги усвои и Одлуката за пуштање во оптек на книжни пари во апоени од 200 и 2000 денари и Одлуката за повлекување од оптек на книжните пари во апоен од 5000 денари. Утврдувањето на апоените на националната валута коишто ќе се пуштат во оптек претставува комплексен процес, а особено утврдувањето на вредносната разлика помеѓу две деноминации. Секоја земја треба повремено да изврши ревизија на постоечката апоенска структура, со цел да утврди дали е компатибилна со промените во општеството и трендовите на економскиот развој и економските движења. Соодветно приспособената апоенска структура претставува олеснување за потрошувачите, овозможува непречено одвивање на готовинските трансакции и намалување на трошоците на централната банка.
Стратегиската одлука за издавање книжни пари во апоени од 200 и 2000 денари произлезе од реално согледаната потреба за ребалансирање на постоечката апоенска структура на книжните пари во оптек.
Постоечката апоенска структура на книжните пари коишто се во оптек од 8 септември 1996 година до денес нема претрпено промени и воведувањето на овие два нови апоена претставува прва промена којашто се спроведува по период од 20 години. Ваквата одлука е донесена врз основа на истражувања и анализи на сите постоечки фактори, при што се утврди дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена. Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените коишто се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации.
Со цел новите апоени соодветно да се вклучат во системот на готовинското работење и заради непречено одвивање на готовинските трансакции, нивното пуштање во оптек е предвидено за 15 декември 2016 година. Во меѓувреме, временскиот период од пристигнувањето на книжните пари до нивното пуштање во оптек ќе се искористи за едукација и запознавање со основните карактеристики и заштитни елементи на книжните пари на вработените во банките и другите финансиски институции. Исто така тоа е време во кое можат да се спроведат и активности за приспособување на софтверските модели на машините за обработка на книжните пари, банкоматите и останатите автоматизирани машини за самопослужување коишто работат со готовина, што ќе овозможи непречена циркулација на новите апоени.
Искуствата покажуваат и дека, во одредени случаи, потребно е да се елиминира некоја од деноминациите со цел структурата на деноминации да стане покомпактна. За да се донесе таква одлука, потребно е да се следат два показатела, и тоа: побарувачката за таа деноминација и временскиот период во кој таа деноминација е активна во оптек.
Книжните пари со апоенска вредност од 5000 денари не се прифатени од пошироката јавност заради нивната висока номинална вредност, ограничена е застапеноста при вршењето на готовинските трансакции и размена, првенствено во трговијата. Нивната примена во секојдневните трансакции е незначителна.
Потреба од книжни пари со оваа деноминација не пројавуваат ниту банките и наместо нивната количина во оптек од година во година да се зголемува, таа постојано опаѓа и затоа тие ќе престанат да бидат законско средство за плаќање на 15 декември 2016 година. Деловните банки во Република Македонија ќе ги заменуваат книжните пари со апонска вредност од 5000 денари од 15 декември 2016 година до 28 февруари 2017 година, а од 1 март 2017 година нивната замена ќе се врши од страна на Народната банка на Република Македонија.
Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.