Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата прва седница на која беше разгледан најновиот Квартален извештај и беа прикажани најновите макроекономски проекции.
Во текот на последниот квартал од 2012 година монетарните услови останаа непроменети, така што максималната каматна стапка на аукциите на благајнички записи беше задржана на нивото од 3,75%. Одредено олабавување на политиката беше извршено преку инструментот задолжителна резерва, но целно, само за банките со кредитна активност насочена кон секторите чијшто раст ја намалува надворешната ранливост на економијата. Во последниот квартал, податоците за инфлацијата покажаа забавување на растот на домашните цени, коишто заедно со надолните корекции на оцените за идниот раст на увозните цени, укажаа на намалени ризици за домашната инфлација. На девизниот пазар продолжија интервенциите на НБРМ со откуп на девизи, така што показателите за адекватност на девизните резерви и натаму се поволни, со оцени за релативно комфорно ниво за апсорбирање потенцијални, непредвидени шокови. Показателите за економската активност покажаа благо подобрување, но сепак недоволно за солидно и одржливо економско закрепнување. При релативно слаби економски остварувања и влошување на квалитетот на кредитното портфолио, кредитирањето на приватниот сектор значително забави. Во услови кога декемвриските податоци за инфлацијата и движењата на девизниот пазар во втората половина од декември упатија на задржување на поволните остварувања, на почетокот на јануари 2013 година, НБРМ донесе одлука за намалување на максималната каматна стапка за 25 базични поени.
Последните макроекономски проекции ја потврдија можноста за поолабавена монетарна политика, со оглед на процените за пониска инфлација во следните две години и поголем капацитет за создавање девизни приливи преку билансот на плаќања, при истовремено умерено послаб раст на економијата и побавни кредитни текови во однос на претходно очекуваните.
Во услови на постојано пролонгирање на должничката криза во евро-зоната и понатамошно одржување на амбиентот на неизвесност и присутни ризици, новите проекции за билансот на плаќања не покажуваат поголемо влошување на надворешната позиција. Последните процени за 2012 година упатуваат на тоа дека дефицитот во тековната сметка би изнесувал 3,2% од БДП, наспроти претходните очекувања од 2,8%, делумно заради фактори со еднократен карактер на станата на увозот. За 2013 година и 2014 година се очекува проширување на дефицитот во тековната сметка (3,8% од БДП и 5,4% од БДП). Влошувањето на дефицитот во 2014 година е резултат на оцената за повисок увоз во 2014 година, којшто главно се должи на најавените инвестициски текови. Се очекува дека дефицитот во тековната сметка и понатаму ќе се финансира преку капиталните приливи, коишто би обезбедиле понатамошен раст на девизните резерви.
Како резултат на влошувањето на економските изгледи на евро-зоната, се очекува дека закрепнувањето на домашната економија ќе се одвива со малку поумерено темпо од претходно очекуваното, с? до средината на 2014 година. Најновите показатели за економската активност упатуваат на стагнација во 2012 година и постепено економско закрепнување во наредните две години. Се очекува дека глобалното окружување ќе влијае стимулативно, односно ќе придонесе за постепено ревитализирање на извозниот сектор и ќе ги поттикне домашните инвеститори, што заедно со очекуваниот импулс од јавните и странските инвестиции, би довело до засилување на инвeстицискиот циклус и негово задржување во текот на целиот временски хоризонт на проекциите. При вакви претпоставки, во 2013 година и во 2014 година се очекува раст на БДП од 2,2% и 3%, соодветно, поддржан од растот на домашната побарувачка и негативен придонес на нето-извозот.
Домашната побарувачка во 2013 и 2014 година ќе биде дополнително финансирана преку кредитирањето од страна на банките. Се очекува дека постабилниот амбиент, растот на депозитите, како и олабавувањето на монетарната политика на почетокот на јануари ќе обезбедат умерено забрзување на растот на вкупните кредити од 7,5%, во 2013 година и 8,1% на крајот на 2014 година.
Најновите макроекономски проекции покажуваат намалување на инфлациските ризици, при што е извршена надолна ревизија на проекцијата за инфлацијата за следните две години. Во услови на забавување на инфлацискиот раст во периодот помеѓу двете проекции и надолна ревизија на оцените за увозните цени во следните две години, очекуваната просечна инфлација за 2013 година е ревидирана надолу од 3,5% на 3,2%, а за 2014 година од 2,6% на 2,3%.
Општо гледано, новите проекции на НБРМ покажуваат релативно стабилни инфлациски изгледи, поволна надворешна позиција, со капацитет за создавање нови девизни приливи и раст на девизните резерви, постепено, но и понатаму бавно економско закрепнување и мал раст на кредитната активност. Ризиците и понатаму се присутни и во голема мерка се условени од исполнувањето на претпоставките коишто произлегуваат од надворешното окружување. Евентуалното влошување на економските изгледи за европската економија и обновувањето на недовербата кај инвеститорите може да делуваат како ограничувачки фактор за остварување на проекциите за извозниот раст и капиталните приливи.
На денешната седница, Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за изменување на Одлуката за расположливите депозити со која се изврши приспособување на каматната стапка на расположливите депозити кај НБРМ со рок на достасување преку ноќ, со последното намалување на останатите каматни стапки на Народната банка. Во таа смисла, каматната стапка на расположливите депозити преку ноќ се намали за 0,25 п.п., односно од 1,0% на 0,75%.
Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.