На седницата, Советот на НБРМ беше информиран за најновите макроекономски движења. Податоците за инфлацијата укажуваат на натамошно умерено зголемување на општото ниво на потрошувачките цени, главно заради растот на цените на храната и на енергијата на светските берзи. Со тоа, просечната годишна стапка на инфлација во периодот јануари-февруари 2011 година изнесува 3,6%, при годишна инфлација во февруари од 3,9%. Инфлациските движења во досегашниот период од годината, заедно со очекувањата за движењата на детерминантите на инфлацијата на краток рок, покажуваат дека стапката на инфлација ќе го надмине проектираното ниво за 2011 година од јануарската проекција. Сепак, и покрај растот на вкупната инфлација, базичната стапка на инфлација во последните четири месеци е релативно стабилна и во февруари изнесува 1% на годишна основа, што укажува на засега контролиран раст на цените во домашната економија.
Претходната констатација се потврдува со стабилните движења на девизниот пазар. Имено, и покрај јануарското значително влошување на трговското салдо на годишна основа, во првите два месеца на 2011 година НБРМ оствари мал нето-откуп на девизи. Ова соодветствува со остварувањата на менувачкиот пазар, каде што во текот на првите два месеци на 2011 година, нето-откупот продолжи умерено да расте на годишна основа за 3,5%. На крајот на февруари, бруто девизните резерви изнесуваа 1.702,5 милиони евра и забележаа мало намалување од 12 милиони евра во однос на 31.12.2010 година, што се должи на ефектот од курсните разлики и ценовните промени на златото. Сепак, остварувањата и понатаму укажуваат на подобра вкупна позиција на билансот на плаќања во однос на очекувањата. Имено, наспроти оцените во јануарската проекција за намалување на девизните резерви во првото тримесечје, податоците укажуваат на нивно речиси непроменето ниво, со исклучен ефект од курсните разлики и ценовните промени на златото.
Во првите два месеци на 2011 година, физичкиот обем на индустриското производство забележа раст од 8,5% на годишна основа, што претставува продолжување на поволните тенденции од последниот квартал на претходната година, кога беше забележан највисок квартален реален раст на БДП во 2010 година. Сепак, со оглед на ниската споредбена основа од првиот квартал од претходната година, остварените движења во реалниот сектор од економијата треба внимателно да се протолкуваат.
Движењата во банкарскиот сектор упатуваат на одржување на стапките на раст на вкупните депозити и вкупните кредити на банките кај приватниот сектор. Во февруари 2011 година, вкупниот депозитен потенцијал се зголеми за 13,2% на годишна основа, при забележан посилен раст кај денарските депозити. На кредитниот пазар, по минатомесечната стагнација на кредитната активност, во февруари 2011 година, вкупните кредити на банките повторно остварија солиден месечен раст. Сепак, годишната стапка на раст на вкупните кредити во февруари изнесуваше 7,2% и е речиси еднаква со онаа на крајот на 2010 година.
На денешната седница на Советот беa усвоени и повеќе одлуки. Новата Одлука за управување со ризиците се донесе како резултат на согледувањата од потребата за зајакнување и појаснување на одредени одредби содржани во претходната одлука којашто датира од 2007 година, со цел да се овозможи нејзино единствено разбирање и примена. Дополнително, со новата одлука се воведува дефиниција на „користењето услуги од надворешни лица“ (со што се отстранија недоразбирањата во поглед на опфатот на овој термин и обврските коишто треба да ги исполнат банките согласно со Одлуката); подетаљно се определуваат елементите на процесот на интерно утврдување и оцена на потребната адекватност на капиталот на банка; се дефинира опфатот на системот за известување на банката заради соодветно мерење и следење на оперативниот ризик; се воведува обврска за банката за воспоставување стандарди за физичка безбедност на вработените, клиентите и нејзиниот имот.
Меѓу усвоените одлуки беа и четири во доменот на заштитата на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. Со овие одлуки не се врши позначително квалитативно менување на досегашната регулатива, туку се врши усогласување со измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, од февруари 2011 година. За таа цел, е извршено и унапредување во содржината на извештаите за годишната стапка на вкупните трошоци коишто банките и штедилниците ги доставуваат до НБРМ и е воведена обврска за полугодишно известување за бројот на склучените договори за кредит во текот на полугодието за кое се известува.
Со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за условите и начинот под кои резидентите можат да вршат наплата и плаќање во ефективни странски пари во трансакциите со нерезиденти се регулира исплатата на ефективни странски пари на резидент во два случаи: за службени патувања во странство и за исполнување на обврските врз основа на приредување игри на среќа во казино. Исто така, резидент кој врши меѓународен транспорт се ослободува од обврската да достави до банката превод од меѓународен товарен лист - образец ЦМР, при уплата на ефективни странски пари од извршената услуга.
Со дел од донесените одлуки се врши усогласување со новиот Закон за Народната банка на Република Македонија. Имено, согласно со членот 126 од Законот за Народната банка, предвидено е подзаконските прописи да се донесат во рок од девет месеци од денот на влегувањето на Законот во сила. Советот на Народната банка ги донесе следниве одлуки: Одлука за издавање, тргување и исплата на благајничките записи на Народната банка на Република Македонија, Одлука за расположлив кредит преку ноќ, Одлука за интрадневен кредит, Одлука за девизен депозит кај Народната банка на Република Македонија, Одлука за референтната стапка за пресметување на стапката на казнената камата, Одлука за укинување на Одлуката за каматните стапки на Народната банка на Република Македонија и Одлука за укинување на Одлуката за доставување на податоци за состојбата на денарската готовина на банките.
Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за утврдување на постапката за откривање и повлекување фалсификувани пари со која прецизно се дефинираат сите активности околу начинот на постапување со фалсификуваните пари во процесот на нивното идентификување и повлекување, а во насока на спречување на појавата и понатамошно проширување на фалсификувањето. Истовремено, донесувањето на оваа одлука претставува чекор напред кон приближувањето и усогласувањето на националното со европското законодавство во доменот на спречувањето на појавата на фалсификати и заштитата на еврото и другите странски валути од фалсификување.