По повод Меѓународната недела за финансиска едукација на деца и млади, 15-21 март, под водство на Меѓународната организација за едукација на деца и млади со седиште во Амстердам, Холандија, беа преземени бројни активности од страна на 185 организации за финансиска едукација, при што беа опфатени 1 милион деца и млади од најмалку 80 држави.

По повод Меѓународната недела за финансиска едукација на деца и млади, 15-21 март, под водство на Меѓународната организација за едукација на деца и млади со седиште во Амстердам, Холандија, беа преземени бројни активности од страна на 185 организации за финансиска едукација, при што беа опфатени 1 милион деца и млади од најмалку 80 држави.
Во рамките на оваа недела и проектот „Финансиска едукација“ на Народната банка на Република Македонија, се организираа бројни активности во дел од основните училишта во Скопје.
Изминатиот период, претставници и дел од раководството на Народната банка на Република Македонија, посетија 13 основни училишта и одржаа интерактивна настава наменета и приспособена за учениците од трето до петто одделение. Во наставата беа вклучени вкупно околу 400 ученици. Под мотото „Преку игра до едукација“, учениците се запознаа со теми од областа на парите, целите и задачите на Народната банка, банките, штедењето и сл. За да се постигне ефектот кај учениците од остварувањето на проектот „Финансиска едукација“, овие активности треба да дадат јасна слика за тоа што претставува централната банка и кои се нејзините основни цели и задачи како институција во државата. Интерактивната настава опфаќаше запознавање на учениците преку интересни едукативни игри и активно учество и поттикнување на детската размисла во целокупната дискусија за време на предавањата. Во некои училишта во изведувањето на наставата се вклучи и Центарот за човечки права и разрешување конфликти. При посетите на училиштата беа направени видео и фотографски записи коишто долгорочно ќе останат во архивата на Народната банка и дел од нив се достапни на следнава врска: Галерија. За време на наставата на учениците им беа подарувани сложувалки со дизајн на македонските пари, брошури, касички и други репрезентативни материјали со заштитните ликови на Народната банка: момчето, девојчето и монетата од еден денар со име Денарко. Едукативните материјали се преведени на албански, ромски, турски, влашки и српски јазик и тие периодично ќе се доставуваат до основните училишта во кои има настава на некој од споменатите јазици, а ќе бидат објавени и на интернет-страницата на Народната банка. Во рамките на проектот, постојано се објавуваат материјали со едукативна содржина, којашто опфаќа повеќе аспекти од економската сфера, и во списанијата за деца и млади „Другарче“, „Развигор„ и „Наш свет“ коишто редовно се дистрибуираат до сите основни училишта во државата.