Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата дванаесетта седница на која беа прикажани најновите макроекономски движења.
Скопје, 29.12.2011 година
Соопштение на НБРМ

Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата дванаесетта седница на која беа прикажани најновите макроекономски движења.
Инфлацијата во економијата ја следи проектираната патека, така што во ноември годишната стапка на инфлацијата изнесува 3,5%, а просечната базична инфлација се задржа на нивото од 1,2%.
Во согласност со очекувањата за забавување на економскиот раст во втората половина од годината, во третото тримесечје бруто домашниот производ оствари реален годишен раст од 2,3%, којшто е повеќе од двојно помал во однос на растот во второто тримесечје. Исто така, физичкиот обем на индустриското производство веќе трет месец по ред бележи пад на годишна основа, којшто во ноември достигна 5,3%.
Според најновите податоци за платниот биланс, во третиот квартал на годината е остварен повисок суфицит на тековната сметка од очекуваниот (0,6% од бруто домашниот производ), што главно се должи на подобрите остварувања кај приватните трансфери и услугите. Притоа, кај капиталната и финансиска сметка се забележани нето-одливи од 1,3% од бруто домашниот производ. Бруто девизните резерви бележат постојан раст во однос на крајот на 2010 година и заклучно со 23. декември достигнаа 2.018,1 милион евра, одржувајќи се на соодветното ниво.
Во ноември е забележан забавен годишен раст на штедењето и умерено засилување на растот на кредитите на приватниот сектор. Ова е во согласност со очекуваните движења на овие агрегати, а се очекува дека нивната динамика на раст ќе продолжи до крајот на годината.
Советот на Народната банка го разгледа Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија во третиот квартал од 2011 година. Притоа се заклучи дека, во третиот квартал од 2011 година, банкарскиот систем ја задржа својата стабилност и сигурност, при натамошно зајакнување на ликвидноста и солвентноста и благо засилување на кредитниот ризик. Активностите на банките се зголемија, но со побавно темпо во однос на претходниот квартал. Вкупната актива оствари квартален раст од 1,3% и на 30.09.2011 година изнесуваше 321.168 милиони денари (годишната стапка на раст изнесуваше 11,6%). Зголемувањето на активностите беше главно овозможено од растот на депозитите, коишто на квартална основа пораснаа за 2,6% (годишната стапка на раст на депозитите изнесуваше 11,7%). Банките го искористија најголемиот дел од растот на изворите на средствата за кредитирање на нефинансиските субјекти. Кварталната и годишната стапка на раст на кредитите забавија и изнесуваа 1,4% и 8,3%, соодветно.
Дел од растот на изворите на средствата банките го искористија за краткорочни пласмани кај странските банки, што придонесе за натамошно зајакнување на нивната ликвидност, па таа се задржа на стабилно и релативно високо ниво. Близу една третина од вкупната актива на банкарскиот систем е ликвидна актива. Ликвидната актива на банкарскиот систем обезбедува висока покриеност (од близу 60%) на депозитите на населението.
Изложеноста на кредитниот ризик благо се зголеми, што се согледа преку забрзувањето на растот на нефункционалните кредити. На 30.09.2011 година, учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити на нефинансиските лица изнесува 9,8%. Сепак, ризиците од влошувањето на квалитетот на кредитното портфолио се ублажуваат имајќи ја предвид целосната покриеност на нефункционалните кредити со исправката на вредноста и посебната резерва.
Стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем е повеќе од двојно над пропишаното минимално ниво (16,7% на 30.09.2011 година) и обезбедува доволен капацитет за апсорбирање на евентуалните негативни шокови од натамошно зголемување на ризиците. Тоа го потврдуваат и резултатите од стрес-тест симулациите, преку кои Народната банка ја анализира отпорноста на банкарскиот систем на различни негативни шокови (вклучително и можните ризични сценарија поврзани со тековната состојба во евро-зоната). Резултатите покажуваат дека капитализираноста на банките е задоволителна и дека банкарскиот систем е отпорен на надворешните шокови.
Советот ја усвои Одлуката за изменување на Одлуката за методологијата за утврдување нето-должник на банка. Со овие измени изложеноста на банката кон физички лица врз основа на кредитни картички и тековни сметки во висина до 500 илјади денари, нема да се зема предвид при утврдувањето нето-должник на банка.
Советот ја разгледа и ја усвои Програмата за работа за 2012 година, ги разгледа и ги усвои Програмата за работа на Дирекцијата за внатрешна ревизија за 2012 година и Среднорочната програма за внатрешна ревизија 2012-2014 година, како и Финансискиот план и Планот за инвестиции за 2012 година.
Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.
Кабинет на гувернерот