На денешната седница, Советот на Народната банка ја усвои новата Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот, со која се пропишува начинот на пресметка на капиталот што им е потребен на банките за покривање на кредитниот ризик, оперативниот ризик, пазарните ризици и валутниот ризик, како и начинот на пресметка на нивните сопствени средства.
Пресметката на капиталот потребен за покривање на кредитниот ризик се заснова врз т.н. стандардизиран пристап согласно со Базел II. Според овој пристап, капиталот потребен за покривање на кредитниот ризик, којшто произлегува од билансните и вонбилансните побарувања на банките, се утврдува според кредитниот рејтинг што му е доделен на должникот или на побарувањето од страна на признати надворешни институции за процена на кредитниот ризик, или врз основа на кредитниот ризик на земјата во која се наоѓа седиштето на должникот. За разлика од кредитниот ризик, при пресметката на капиталот потребен за покривање на валутниот ризик, пазарните ризици и оперативниот ризик, не се извршени позначајни измени во однос на постојната одлука.
Покрај овие новини, со новата одлука се вршат и одредени измени во начинот на дефинирање на сопствените средства на банките. Измените се направени заради зајакнување на квалитетот на сопствените средства и се дел од активностите за примена на капиталните стандарди дефинирани со најновите измени на Базелската капитална спогодба (т.н. Базел 3).
Новата Одлука за банките ќе почне да се применува од 01.07.2012 година, додека за штедилниците, примената ќе започне на 01.07.2013 година.
На седницата на Советот беше донесена и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за начинот и условите под кои резидентите кои не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство. Со измената на Одлуката ќе се овозможи резидентите, правни и физички лица, да можат да отвораат и да имаат кориснички сметки во електронски сервиси за платежни трансакции исклучиво заради комерцијални цели, односно за купување/продавање стоки и услуги по електронски пат.
На седницата, Советот на НБРМ беше информиран и за најновите макроекономски движења.
Најновите макроекономските движења упатуваат на релативно поволен амбиент за монетарната политика. Имено, во февруари НБРМ продолжи да откупува девизи на девизниот пазар, што имаше позитивен ефект врз нивото на девизни резерви. Воедно, податоците за инфлацијата покажуваат умерено забавување на годишната стапка на инфлација во февруари и нејзино сведување на 2,9%, што е во согласност со последните проекции на НБРМ за постепено забавување на растот на цените во текот на првиот квартал. Базичната стапка на инфлација се уште се одржува на ниско ниво и во периодот јануари-февруари 2012 година изнесуваше во просек 1,4%.
Во согласност со очекувањата, во четвртиот квартал дојде до забавување на активноста во економијата, при што бруто домашниот производ оствари мал реален пораст од 0,2% на годишна основа. За целата 2011 година, растот на економската активност изнесува 3%, што претставува забрзување во споредба со претходната година. Гледано според структурата, економскиот раст во 2011 година во најголема мера произлезе од инвестициската и извозната побарувачка. Сепак, при притисоци врз увозот, нето-извозот имаше негативен придонес кон растот, наспроти позитивниот придонес на домашната побарувачка.
Последните расположливи податоци за билансот на плаќања покажуваат суфицит во тековната сметка од 0,2% од БДП во последното тримесечје на 2011 година, што претставува подобрување на тековното салдо од 2 п.п. од БДП на годишна основа, главно како резултат на невообичаено поволните остварувања кај тековните трансфери во овој период. Во капитално-финансиската сметка беа остварени нето-приливи од 2,7% од БДП, кога беа остварени приливи врз основа на СДИ (од 126 милиони евра или 1,7% од БДП) и дополнително задолжување на државата врз основа на Договорот за гаранција заснована врз политики меѓу Република Македонија и Светската банка (од околу 130 милиони евра). Во услови на стеснување на трговскиот дефицит во јануари и задржување на поволните движења на менувачкиот пазар и во текот на првите два месеца од 2012 година, на 29.02.2012 година бруто девизните резерви изнесуваа 2.061,8 милиони евра, што претставува минимално намалување од 7,1 милион евра во однос на крајот на претходната година.
Во февруари 2012 година, вкупните депозити и вкупните кредити на банките, на годишна основа, беа повисоки за 9,2% и 8,3%, соодветно, што значи натамошен раст на овие агрегати на годишна основа, но, сепак со поумерена динамика во споредба со претходниот месец.
Советот на денешната седница го усвои и Извештајот за работењето на внатрешната ревизија во 2011 година и разгледа други прашања од својата надлежност.