Во врска со информациите коишто се појавија денес во некои градови во Република Македонија, како и на социјалните мрежи, во врска со „НЛБ Тутунска банка“, гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, ѝ го соопштува на јавноста следново:
Народната банка на Република Македонија секојдневно го следи нивото на депозити во сите шеснаесет банки. Во март забрзува трендот на пораст на штедењето на населението. Конкретно, „НЛБ Тутунска банка“, исто така, има пораст на штедењето на населението и на вкупните депозити од почетокот на месецот. Информациите коишто се шират во некои градови, како и на социјалните мрежи, за „НЛБ Тутунска банка“ се целосно неосновани. Таа е една од најстабилните и најуспешни банки во Македонија. Би сакал да нагласам дека сите банки во Македонија се посебни правни лица коишто работат според македонските закони и над кои НБРМ врши супервизија. „НЛБ Тутунска банка“ е најдобрата банка во групацијата на НЛБ, не се потпира на финансирање од матичната банка, ниту може да ги одлее средствата во матичната банка. Депозитите на штедачите пласирани во „НЛБ Тутунска банка“ се пласирани во македонската економија, а не во словенечката. „НЛБ Тутунска банка“ е финансиски целосно самостојна банка. Дури и при позначајни проблеми на НЛБ во Словенија, тоа не би се одразило врз билансот на „НЛБ Тутунска банка“ и таа нормално би ги продолжила своите операции.