Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата десетта седница.
На седницата беше разгледан и усвоен Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија во второто тримесечје од 2011 година, при што беше утврдено дека во вториот квартал од 2011 година, продолжи растот на банкарските активности. Вкупната актива на банкарскиот систем оствари годишен раст од 12,3% и на 30.06.2011 година изнесуваше 317.162 милионa денари. Депозитите на нефинансиските субјекти се с? уште најзначајниот извор на финансирање на активностите на банките, со остварен квартален и годишен раст од 1,8% и 9,6%, соодветно. Со состојба на 30.06.2011 година, кредитната активност оствари квартална, односно годишна стапка од 3%, односно 8,8% соодветно.
Во вториот квартал, учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити се намали од 9,4% на 31.03.2011 година, на 9,3% на 30.06.2011 година. Иако с? уште не може да се извлече заклучок за подобрување на квалитетот на кредитното портфолио на банкарскиот систем, сосема извесен е фактот дека е прекинат процесот на негово влошување.
Ликвидноста на банкарскиот систем е стабилна и е на релативно високо ниво. Носител на ваквата ликвидносна позиција е високиот степен на стабилност на депозитната база на банките, како и постојаниот нагорен тренд на ликвидната актива. На 30.06.2011 година, ликвидната актива на банкарскиот систем оствари квартален и годишен раст од 0,6% и 19,8%, соодветно и изнесуваше 91.459 милиони денари. Ова ниво на ликвидните средства обезбедува висок степен на покриеност на депозитите на населението, како и на вкупните краткорочни обврски.
Банкарскиот систем постојано одржува релативно висока и стабилна солвентност и капитализираност. На 30.06.2011 година, стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем изнесува 16,5%. Спроведените стрес-тест симулации покажуваат задоволителна отпорност на банкарскиот систем на различни шокови, при што адекватноста на капиталот при сите симулации е над законскиот минимум од 8%.
По остварената загуба во првиот квартал од 2011 година, на крајот на јуни 2011 година банкарскиот систем прикажа збирна добивка од 357 милиони денари. Таа е помала за 140 милиони денари, односно за 28,2% во споредба со добивката остварена во првите шест месеци од 2010 година. Сепак, може да се очекува дека измените во регулативата за начинот на утврдување на минималната ликвидност (усвоени од страна на Советот на Народната банка во септември 2011 година) ќе имаат позитивно влијание врз профитабилноста на банките, со оглед на тоа што овозможуваат дополнителни расположливи средства на банките за пласирање во пласмани со повисок принос, особено кај приватниот сектор.
На седницата, Советот на НБРМ беше информиран за најновите макроекономски движења. Податоците за инфлацијата покажуваат натамошно намалување на нивото на цените во економијата, а со тоа и забавување на годишната стапка на инфлација (3,4% во септември 2011 година). Со тоа, просечната годишна стапка на инфлација во третиот квартал изнесува 3,6% и е под јулската проекција на НБРМ (4,4%), што главно се должи на побрзото надолно прилагодување на цените на храната. Просечната годишна стапка на инфлација во периодот јануари-септември 2011 година се сведе на 4,1%, а базичната стапка на инфлација и натаму се одржува на ниско и стабилно ниво. Според најновите податоци, физичкиот обем на индустриското производство во август забележа намалување на месечна основа (за 3,7%, сезонски прилагодено), поради што растот на годишна основа значително забави и изнесуваше 0,9%. На збирна основа, индустриското производство и натаму бележи висок годишен раст, којшто за првите осум месеци на 2011 година изнесува 7,5%, во просек.
Согласно со последните расположливи податоци за билансот на плаќања, во јули 2011 година беше остварен дефицит во тековната сметка од 7,9 милиони евра, или 0,1% од БДП, што претставува влошување на годишна основа за 0,6 п.п. од БДП, главно како резултат на влошеното трговско салдо. Во капитално-финансиската сметка беа остварени нето-одливи од 0,6% од БДП (0,8% од БДП во јули 2010 година), што наметна потреба од ангажирање на девизните резерви за покривање на јазот во платнобилансните трансакции. Податоците за август 2011 година покажуваат стеснување на трговскиот дефицит за 1,7% на годишна основа, додека на менувачкиот пазар во периодот август-септември е забележано зголемување на нето-откупот на девизи на годишна основа. Во вакви услови, на 30.09.2011 година бруто девизните резерви изнесуваа 1.847,8 милиони евра и бележат раст во однос на крајот на претходната година за 133,3 милиони евра.
По стагнацијата во август, во септември 2011 година беше забележано повторно раздвижување на активноста на кредитниот пазар, што придонесе за умерено забрзување на годишната стапка на раст на вкупните кредити до 8,1% (7,9% во август). Ваквите поместувања беа остварени во услови на забавување на годишната стапка на раст на вкупниот депозитен потенцијал на 10,5% (12,4% во август), што се должи на забавениот годишен раст на депозитите на претпријатијата, при умерено забрзување на годишната стапка на раст на депозитите на домаќинствата.
Советот на Народната банка ја усвои Одлуката за измени и дополнувања на Одлуката за методологијата за пресметување годишна стапка на вкупните трошоци. Со измените на Одлуката поточно се определуваат трошоците за дополнителни услуги коишто треба да се вклучат во пресметката на стапката на вкупните трошоци, при што во пресметката се вклучуваат само оние трошоци коишто се поврзани со договорот за потрошувачки кредит, но и коишто му се познати на кредиторот.
Советот на Народната банка усвои и други акти од делокругот на своето работење.