Соопштение на НБРМ
Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата петта седница на која беа усвоени Годишниот извештај за 2011 година и Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија во 2011.
Во Годишниот извештај е констатирано дека во текот на 2011 година монетарната политика се спроведуваше во релативно поволно макроекономско окружување, но со постојано присутни ризици од различна природа. Имено, и покрај генерално поволните макроекономски остварувања, 2011 година е година на нагли промени кај ризиците од надворешното окружување - од нагласени „ценовни ризици" во првата половина на годината заради растот на цените на примарните производи на светските берзи, до изразени ризици врз економскиот раст во второто полугодие, како резултат на повторното актуализирање на европската должничка криза. Ризиците поврзани со високата неизвесност и променливоста на трендовите во глобалниот амбиент не предизвикаа поголеми нерамнотежи во домашната економија. Тие ризици значеа потреба од поголема внимателност при водењето на монетарната политика во текот на годината. Во вакви услови, основната каматна стапка на НБРМ во текот на 2011 година остана непроменета на нивото од 4% и беше оценета како соодветна на тековните движења и на очекувањата за наредниот период. Сепак, во текот на втората половина на годината, НБРМ изврши промени во доменот на управувањето со ликвидноста од страна на банките, коишто значеа извесно олабавување на условите. Крајната монетарна цел на одржување на стабилна стапка на инфлација и стабилен номинален курс на денарот во однос на еврото, како посредна монетарна цел, беа успешно задржани и во текот на 2011 година.
Гледано од аспект на одделните макроекономски параметри, во 2011 година домашната економска активност продолжи да расте, при што реалниот БДП на годишна основа беше повисок за 3%, главно како резултат на остварувањата во првата половина на годината. Во втората половина на годината дојде до значително забавување на стапката на економскиот раст. Растот на домашната економија, иако се одржа и дополнително зајакна, не беше доволно силен да обезбеди затвoрање на негативниот производствен јаз, при што не беа забележани позначајни притисоци од страна на домашната побарувачка. Надворешната позиција на економијата остана релативно поволна, при реализирано умерено проширување на дефицитот на тековната сметка за 0,6 п.п. од БДП на годишна основа, така што во 2011 година тој изнесуваше 2,8% од БДП.
Во 2011 година, капиталните приливи достигнаа 7,4% од БДП, што овозможи целосно финансирање на тековниот дефицит и дополнително кумулирање девизни резерви. Значаен дел од приливите произлезе од зголемувањето на странските инвестиции во земјата, коишто во 2011 година изнесуваа 4,1% од БДП. Дополнителни капитални приливи беа креирани и преку надворешното задолжување, особено на државата. Приливите доведоа до остварување на историски највисоко ниво на девизни резерви на крајот од годината од 2.069 милиони евра, што од аспект на монетарната политика, значеше и поголем капацитет за амортизирање на потенцијалните притисоци на девизниот пазар и зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот. Инфлацијата во 2011 година умерено забрза и во просек изнесуваше 3,9%, како резултат на повисоките светски цени на нафтата и храната и зголемувањето на домашните регулирани цени. Притоа, динамиката на инфлацијата во текот на годината, во голема мера соодветствуваше со промените во на надворешното окружување - забрзан раст во првата половина на годината и нејзино стабилизирање во втората половина од годината. Базичната стапка на инфлација и натаму е ниска и во 2011 година во просек изнесуваше 1,1%. Фискалната политика го задржа претпазливиот карактер и во текот на 2011 година, преку натамошно одржување стабилен и релативно низок буџетски дефицит, и релативно ниско, иако растечко, ниво на јавен долг. Растот на монетарните и на кредитните агрегати продолжи и во текот на 2011 година, но со забавена динамика, при главно непроменети услови на пазарите на депозити и на кредити.
Во Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија во 2011 година е констатирано дека во услови на турбулентно надворешно опкружување и неизвесност во врска со натамошниот развој на должничката криза во евро-зоната, банките ја задржаа својата стабилност, одржувајќи висока солвентност и ликвидност.
За разлика од повеќето земји-членки на ЕУ кои во претходните три години поминаа низ т.н. финансиска дезинтермедијација, банкарскиот систем на Република Македонија, продолжи да го зголемува своето значење за економската активност на земјата преку зголеменото ниво на финансиска интермедијација.
Во 2011 година, активата на банките се зголеми за 25.886 милиони денари, или за 8,5% во однос на 31.12.2010 година. Нејзиниот раст главно беше поддржан од растот на депозитите од нефинансиските субјекти, кои во текот на 2011 година достигнаа 234.161 милион денари, и забележаа годишно зголемување од 20.891 милион денари, или 9,8%. Во услови на релативно поволно домашно опкружување, во текот на 2011 година, се зголеми интересот за штедење во домашна валута. Денарските депозити се зголемија на годишно ниво за 15.848 милиони денари, или 16,7%, при што, овој раст беше особено изразен во декември, кога само за еден месец, тие се зголемија за 6.873 милиони денари.
Во 2011 година, кредитите се зголемија за 15.860 милиони денари, или за 8,5% и достигнаа 202.405 милиони денари.
Освен кон кредитна поддршка на реалниот сектор, банките го насочија растот на изворите на средствата и кон градење на ликвидноста преку вложувања во нискоризични домашни хартии од вредност и на сметките во странски банки. Банките одржуваа стабилна ликвидност, а показателите за ликвидноста се зголемија. Учеството на ликвидната актива во вкупната актива изнесуваше 31,2%, или 0,3 процентни поени повеќе во однос на 31.12.2010 година. Исто така се зголеми и покриеноста на депозитите на населението со ликвидната актива, која на крајот на годината изнесуваше 60,6%. Сите банки ги исполнуваат пропишаните минимални стапки на ликвидност во висина од еден. Стрес-тест симулациите покажуваат задоволувачка отпорност на банкарскиот систем на ликвидносни шокови.
Македонскиот банкарски систем, главно, не зависи од изворите на финансирање од странските финансиски пазари, што ја минимизира опасноста за прелевање на тековните кризни случувања во евро-зоната во домашниот банкарски сектор. Во текот на 2011 година, обврските кон нерезидентите се намалија за 2,7%, со што нивното учество во вкупната актива се намали од 11,6% на крајот на 2010 година на 10,4% на крајот на 2011 година. Побарувањата на македонските банки од нерезидентите зафаќаат 9,8% од вкупната актива.
Во 2011 година, нивото на ризици на кои се изложени банките во своето работење се задржа во контролирани рамки. Доминантниот ризик, а тоа е кредитниот ризик, забележа извесно зголемување, што беше видно преку благото влошување во квалитетот на кредитното портфолио, односно преку растот на нефункционалните кредити. Учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити се зголеми, од 9% на крајот на 2010 година, на 9,5% на крајот на 2011 година. Растот на нефункционалните кредити главно произлезе од секторот претпријатија, додека нефункционалните кредити на населението се намалија. Ризиците за банкарскиот сектор коишто произлегуваат од нефункционалните кредити се ублажуваат поради нивната целосна покриеност со издвоената исправка на вредноста.
Банкарскиот систем има стабилна и висока солвентност. Стапката на адекватност на капиталот е двапати повисока од пропишаниот минимум од 8% и на 31.12.2011 година изнесуваше 16,8%. Спроведените симулации на хипотетички шокови покажаа дека банкарскиот систем и поединечните банки се отпорни на влијанието на овие шокови, при што кај ниту една банка стапката на адекватност на капиталот не се намалува под 8%. Отпорноста на банкарскиот систем е потврдена и преку спроведените симулации за испитување на можните канали на пренесување на негативните ефекти на грчката криза и евро-зоната врз домашниот банкарски систем.
Во 2011 година, добивката остварена на ниво на банкарскиот систем изнесува 1.183 милиони денари и е пониска за 48,7% во споредба со претходната година. Помалата добивка, главно, се должи на повисоката исправка на вредноста, како и на растот на оперативните трошоци, и покрај тоа што нивото на вкупните приходи е повисоко. На 31.12.2011 година, повратот на активата и капиталот изнесуваат 0,4% и 3,4%, соодветно.
Советот на Народната банка донесе Одлука за повлекување од промет на кованите пари во апоен од 50 дени. Со донесувањето на оваа одлука се овозможува надминување на состојбата на слабата употреба на досега најнискиот апоен од 50 дени во прометот. Замената ќе се врши од страна на банките основани во Република Македонија во период од 01.01.2013 година до 31.03.2013 година. По овој период замената на кованите пари ќе се врши од страна на Народната банка на Република Македонија.
Советот на Народната банка донесе Одлука за најнискиот апоен на денарите во прометот, со која е утврдено најнискиот апоен на денарите во прометот да изнесува 1 денар. Заокружување на крајната пресметка во готовинскиот и безготовинскиот платен промет и во деловните книги ќе се изврши така што износот до 49 дени ќе се занемарува, а износот од 50 до 99 дени ќе се заокружува на 1 денар. Со донесувањето на оваа одлука се овозможува поедноставување на начинот на пресметката при извршување на трансакциите во готовинскиот и безготовинскиот платен промет.
Советот на Народната банка разгледа и усвои и други акти од делокругот на своето работење.