„Штедилница Пеон“ ДОО Струмица се преобрази во финансиско друштво „Пеон“ ДОО Струмица, со издавањето на дозволата за основање и работа на финансиското друштво од страна на Министерството за финансии на Република Македонија. Поради тоа, Народната банка на Република Македонија ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Штедилница Пеон“ ДОО Струмица, којашто ќе продолжи да работи како финансиско друштво „Пеон“ ДОО Струмица.
Врз основа на член 58 став 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр. 26/13), гувернерот на Народната банка на Република Македонија донесе
1. Дозволата за основање и работење на „Штедилница Пеон“ ДОО Струмица (првично „Штедилница Пеон“ АД Струмица), издадена со Решението на гувернерот на Народната банка на Република Македонија бр. 02-14/126-96 од 10 јуни 1996 година, се одзема заради добиена дозвола од Министерството за финансии на Република Македонија за основање и работа на Финансиско друштво „Пеон“ ДОО Струмица.
2. Се задолжува „Штедилница Пеон“ ДОО Струмица да достави до Народната банка на Република Македонија примерок од Решението на Централниот регистар на Република Македонија за упис на промената од „Штедилница Пеон“ ДОО Струмица во Финансиско друштво „Пеон“ ДОО Струмица, во рок од 5 дена од извршениот упис.
„Штедилница Пеон“ е основана врз основа на Решението на гувернерот на Народната банка на Република Македонија бр. 02-14/126-96 од 10 јуни 1996 година, како акционерско друштво. На 17 јануари 2000 година Штедилницата е пререгистрирана во „Штедилница Пеон“ ДОО Струмица.
Со Решението на гувернерот на Народната банка на Република Македонија бр. 19413 од 29 мај 2013 година е издадена согласност за преобразба на „Штедилница Пеон“ ДОО Струмица во финансиско друштво без да се спроведе постапка на ликвидација. За издадената согласност, Народната банка на Република Македонија достави известување со примерок од Решението до Министерството за финансии на Република Македонија.
На 15 јули 2013 година, Министерството за финансии на Република Македонија ја извести Народната банка на Република Македонија дека на 12 јули 2013 година го донесло Решението бр. 11-20126/5, со кое се издава дозвола за основање и работа на Финансиско друштво „Пеон“ ДОО Струмица. Кон известувањето е доставен примерок од Решението.
Во член 58 став 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр. 26/13) е определено дека по добивањето на известувањето од Министерството за финансии за издадена дозвола за основање и работење на финансиско друштво, гувернерот донесува решение за одземање на дозволата за основање и работење на штедилница.
Имајќи го предвид наведеното, се оцени дека се исполнети условите од член 58 став 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за банките, поради што се одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРАВНА ПОУКА:
Незадоволната страна може да поднесе
тужба до Управниот суд, во рок од 30 дена
од денот на приемот на ова решение.