На денешната седница Советот на Народната банка на Република Македонија го разгледа најновиот Квартален извештај
Скопје, 24.11.2011 година
Соопштение на НБРМ
На денешната седница Советот на Народната банка на Република Македонија го разгледа најновиот Квартален извештај.
Согласно со досегашните движења и очекувањата до крајот на годината, оценките за растот на БДП во 2011 година остануваат непроменети на нивото од околу 3,5%, што при тековно влошен глобален амбиент, ги одразува подобрите остварувања од првата половина на годината. Се очекува просечната инфлација во 2011 година да биде пониска во однос на претходните проекции (3,9% наспроти претходно проектираната стапка од 4,5%), заради послабите остварувања и понискиот очекуван раст на светските цени на нафтата и храната во последниот квартал на годината. Во надворешниот сектор се проценува остварување понизок дефицит во тековната сметка во 2011 година во однос на претходните очекувања (од 5,5% на 4,8% од БДП), што главно произлегува од поповолните очекувања за приливите од приватните трансфери, најзначајната суфицитна компонента во тековната сметка. Во рамки на банкарскиот сектор, се очекува на крајот на 2011 година најшироката парична маса М4 и вкупните кредити на банките да бидат повисоки за 9% и 9,2%, соодветно на годишна основа (наспроти 11,4% и 12,5%, соодветно во јулската проекција). Надолната ревизија е одраз на пониските остварувања и очекувањата за зголемена претпазливост на банките согласно со неизвесниот глобален амбиент.
Макроекономското сценарио за 2012 година предвидува раст на БДП од 3%, кој се очекува да биде условен од домашната побарувачка, особено од инвестициите. Во однос на инфлацијата, се очекува нејзино значително забавување во 2012 година на околу 2%, како одраз на очекуваниот пад на светските цени на нафтата и на храната, како и заради пониската странска инфлација. Се очекува дефицитот во тековната сметка во 2012 година да се задржи на нивото од 2011 година (4,8% од БДП), при умерено подобрување на трговското салдо и поинтензивен раст на капиталните приливи, коишто се очекува да овозможат дополнителен раст на девизните резерви. Банкарскиот сектор ќе продолжи да го поддржува растот на домашната економија и во 2012 година, при што се очекува растот на кредитите да изнесува 8% на годишна основа, во услови на проектиран годишен раст на паричната маса од 9,8%. Сепак, имајќи ги предвид тековните случувања со должничката криза во евро-зоната и високата неизвесност поврзана со перспективите на глобалната економија, макроекономските проекции за 2012 година се проследени со бројни ризици, што наметнува потреба од постојано следење и темелна анализа на најновите макроекономски движења, со цел навремено прилагодување на монетарната политика.
На денешната седница, Советот на Народната банка донесе и нова Одлука за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство.
На денешната седница, Советот усвои одложување на датумот на примената на регулативата за потребниот капитал за покривање на оперативниот ризик, од 31.12.2011 година на 30.06.2012 година. Одложувањето е направено за да се овозможи ефикасна и соодветна примена на оваа регулатива и нејзино едновремено стапување во сила со регулативата за потребниот капитал за покривање на кредитниот ризик.
Советот беше информиран и за тековни прашања од доменот на работењето на Народната банка.
Кабинет на гувернерот