Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата деветта седница на која беше разгледан најновиот Квартален извештај и беа прикажани најновите макроекономски движења.
Скопје, 01.08.2012 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата деветта седница на која беше разгледан најновиот Квартален извештај и беа прикажани најновите макроекономски движења.
Во периодот од промената на монетарната политика досега, во глобалното економско окружување се случија промени коишто значеа натамошно зголемување на ризиците од аспект на монетарната политика. Промените во глобалниот амбиент имаа одредени, но сепак ограничени ефекти врз тековните движења во домашната економија и врз идните очекувања. Очекувањата за влошување на економиите на најзначајните трговски партнери, како и послабите остварувања кај домашниот БДП во првиот квартал, упатуваат на тоа дека растот на економската активност во 2012 година ќе биде послаб и ќе изнесува околу 1%, наспроти очекуваните 2% во априлската проекција. Иако тековните оцени укажуваат на посилно забавување на економскиот раст во однос на претходните очекувања, сепак не се очекува дека ваквата динамика ќе го загрози капацитетот за раст на домашната економија. Така, во 2013 година се очекува постепено закрепнување на економиите на странските партнери, што би создало позитивни преносни ефекти врз потрошувачките и инвестициските одлуки на домашните субјекти. Воедно, се очекува раст на странските и јавните инвестиции и активна кредитна поддршка од страна на банкарскиот сектор, што би довело до зголемување на економскиот раст до околу 3%.
Се очекува дека банкарскиот сектор активно ќе го поддржува домашниот приватен сектор, поради расположливите средства за финансиска поддршка, адекватната ликвидност и капитализираност и олабавените монетарни услови. Во таа смисла, се очекува дека кредитната активност на банките во текот на оваа и на следната година ќе расте со стапки од околу 8% и 10%, соодветно.
Се очекува дека просечната инфлација во текот на оваа и на следната година ќе изнесува околу 2,2%, со што таа и понатаму е во прифатливи рамки. Ризиците околу проекцијата се во нагорна насока, како последица на движењето на увозните и регулираните цени. Последните оцени за увозните цени на храната покажуваат поголемо ценовно ниво од претходно очекуваното, предизвикано од негативен шок во светската понуда. Од друга страна, послабиот раст и задржувањето на негативниот производствен јаз до крајот на 2013 година упатуваат на отсуство на притисоци од побарувачката врз домашните цени.
Макроекономската слика до крајот на 2013 година упатува на одржување на платнобилансната позиција, со умерен дефицит во тековната сметка од 2,9% од БДП во 2012 и 3% од БДП во 2013 година. Се очекува дека капиталните приливи ќе бидат пониски, во услови на изразена несигурност на меѓународните финансиски пазари и растечки трошоци за задолжување. Сепак, се оценува дека вкупните капитални приливи се доволни за финансирање на дефицитот во тековната сметка и за дополнителен раст на девизните резерви до крајот на 2013 година. Со тоа, постојното макроекономско сценарио упатува на отсуство на поголема нерамнотежа на девизниот пазар и натамошно одржување на адекватното ниво на девизните резерви.
При ваква макроекономска слика за наредниот период, засега се оценува дека постојната монетарна поставеност е соодветна. Во секој случај, НБРМ и следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи соодветни промени во монетарната политика со цел успешно да ги остварува монетарните цели.
На денешната седница на Советот на Народната банка беше разгледан и Извештајот за банкарскиот систем во Република Македонија во првиот квартал од 2012 година. Притоа, се заклучи дека банкарскиот систем ја задржа својата стабилност и сигурност, а профилот на ризичност на банкарскиот систем е сѐ уште умерен.
Ризиците во најголем дел произлегуваат од кредитното портфолио на банките. Констатираното влошување на квалитетот на кредитното портфолио главно произлегува од корпоративниот сектор, каде што е остварен раст на нефункционалните кредити. Како резултат на овој раст, нефункционалните кредити го зголемија своето учество во вкупните кредити, од 9,5% на 31.12.2011 година на 9.9% на 31.3.2012 година. Сепак, целосната покриеност на нефункционалните кредити со пресметаната исправка на вредноста и посебна резерва, надополнета со високото ниво на ликвидност и солвентност, го намалува ризикот од поголеми негативни ефекти врз стабилноста на банките, што се потврдува и преку резултатите од спроведените стрес-тестови, коишто покажуваат задоволителна отпорност на банкарскиот систем на симулираните шокови.
На крајот од првиот квартал на 2012 година, ликвидните средства на банкарскиот систем забележаа квартален раст од 2,8%, а воедно дојде и до подобрување на показателите за ликвидноста. Намаленото ниво на ликвидносен ризик се согледува и преку подобрениот рочен профил на средствата и изворите на финансирање на банките. Депозитите на нефинансиските субјекти го задржаа главното место во структурата на изворите на финансирање на банкарскиот систем.
Солвентноста на банкарскиот систем бележи натамошно подобрување. Стапката на адекватност на капиталот достигна 17,5%, или раст од 0,7 процентни поени во однос на крајот на 2011 година. Растот на адекватноста на капиталот е резултат пред сѐ на зголемувањето на сопствените средства, коешто најмногу произлегува од задржувањето на дел од добивката за 2011 година во резервниот фонд на банките и од спроведените докапитализации.
Потребата за покривање на кредитниот ризик со дополнителна исправка на вредноста предизвика загуба за банкарскиот систем, којашто на 31.3.2012 година изнесуваше 229,9 милиони денари. Сепак, оперативната ефикасност се зголеми. Учеството на оперативните трошоци во вкупните редовни приходи (англ. cost-to-income ratio) се намали од 72,1% (31.3.2011 година) на 64,1% (31.3.2012 година).
На денешната седница беше усвоена и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за лимитите на изложеноста. Целта на измените и дополнувањата на Одлуката е да се изврши усогласување со новата методологија за утврдување на адекватноста на капиталот, со која на банките повеќе не им се дозволува да го користат т.н. дополнителен капитал II, за покривање на пазарниот ризик. Како резултат на тоа, банките нема да можат да ги користат овие капитални позиции (субординирани инструменти со фиксен рок на достасување подолг од две години и еден ден од датумот на настанатиот прилив на парични средства во банката) и при утврдувањето и следењето на лимитите на изложеност.
Со измената на Одлуката за начинот на вршење на супервизија и надзор се прецизираат условите за издавање одобрение од страна на Народната банка за увид во содржината на записникот од спроведена инспекциска контрола.
Советот ја донесе и Одлуката за единствената тарифа на надоместоците за услугите коишто ги врши Народната банка на Република Македонија. Донесувањето нова одлука беше поттикнато од потребата за усогласување на постојните одредби што ја регулираат оваа материја и усвојување референтен документ насочен кон клиентите корисници на услугите на Народната банка.
Советот на денешната седница разгледа други прашања од својата надлежност.
Кабинет на гувернерот