Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата десетта седница на која беше разгледан најновиот Квартален извештај и беа прикажани најновите макроекономски проекции.
Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата десетта седница на која беше разгледан најновиот Квартален извештај и беа прикажани најновите макроекономски проекции.
По олабавувањето во текот на вториот квартал, Народната банка не изврши промени во поставеноста на монетарната политика. Во третиот квартал на 2012 година, глобалните економски изгледи дополнително се влошија, нагласувајќи ги ризикот од рецесија и послабото економско закрепнување во следниот период во евро-зоната. Тоа, пак, предизвика остварување на ризиците од понизок економски раст на домашната економија. Од друга страна, растот на увозните цени, пред с? на нафтата и храната, делуваше врз нивото на цените во домашната економија, што доведе до засилување на стапката на инфлација во третиот квартал, над проекциите на Народната банка. Во надворешниот сектор, беа забележани претежно стабилни движења, а девизните резерви остварија раст во рамки на проектираниот. Сепак, со натамошното влошување на глобалните економски услови, надолните ризици врз извозот и капиталните приливи се зголемија.
За наредниот период, имајќи ја предвид високата трговска интегрираност на македонската економија во евро-зоната, последните проекции упатуваат на умерено влошување на макроекономската слика за домашната економија во однос на претходните очекувања. Во услови на повисока стапка на инфлација во третиот квартал и нагорни ревизии на оцените за увозните цени на енергијата, се оценува дека просечната инфлација ќе изнесува 3,4% во 2012 година и 3,5% во 2013 година. Стабилизирање на инфлацијата се очекува во 2014 година, кога таа би се вратила на нивото од околу 2,6%. И покрај нагорната ревизија, инфлациските движења засега не се оценуваат како високо ризични, со оглед на тоа што повисоката инфлација е предизвикана од фактори на страната на понудата, што во услови на оценки за слаба домашна побарувачка, го амортизира ризикот од поголеми преносни ефекти врз останатите цени во економијата.
Послабиот глобален економски раст, влошените очекувања, понискиот расположлив доход за потрошувачка, како и поотпорниот увоз се факторите поради кои се предвидува стагнација на бруто домашниот производ во 2012 година, наспроти очекуваниот раст од околу 1%. Се очекува дека закрепнувањето на домашната економија ќе започне од 2013, со повисока извозна активност и инвестиции, при што растот на БДП се проценува на 2,6%. Се очекува дека позитивниот инвестициски циклус ќе продолжи и во 2014 година, што заедно со подобрите очекувани остварувања кај извозот и оценетото заживување на личната потрошувачка, би придонесло за зајакнување на економскиот раст до 3,4%.
Во најновите проекции на Народната банка се предвидува дека банкарскиот сектор ќе продолжи да обезбедува солидна финансиска поддршка за економскиот раст. Во таа смисла, се очекува дека кредитната активност на банките во текот на оваа година ќе оствари раст од околу 7%, а во следните две години ќе забрза искачувајќи се на нивото од 9-10%.
Во рамки на надворешниот сектор, задржани се оценките за дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања од 2,8% од БДП во 2012 година. За 2013 година, тековните оцени упатуваат на малку повисок дефицит во тековната сметка од 3,8% од БДП, за кој се очекува дека во целост ќе биде финансиран од капиталните приливи. За 2014 година, оценето е посилно проширување на дефицитот во тековната сметка до нивото од 5,9% од БДП, што е во согласност со оценките за подинамичен економски раст. Ваквите поместувања во најголем дел произлегуваат од оценките за засилување на растот на увозот, како одраз на растот на инвестициската и личната потрошувачка. Од друга страна, проекциите упатуваат на остварување повисоки капитални приливи, првенствено врз основа на странски директни инвестиции, што би овозможило раст на девизните резерви и нивно натамошно одржување околу адекватното ниво.
Советот на денешната седница разгледа други прашања од својата надлежност.