Третата годишна регионална средба на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади за Европа и Централна Азија (ЕЦА) ќе ги собере на едно место носителите на политиките и давателите на финансиските услуги од регионот.
Младите ги советуваат носителите на политиките за нивната економска иднина
Третата годишна регионална средба на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади за Европа и Централна Азија (ЕЦА) ќе ги собере на едно место носителите на политиките и давателите на финансиските услуги од регионот да разговараат за новите начини за одговорно и одржливо вклучување на децата и младите во нивните национални економии.
Домаќин на Третата годишна регионална средба за Европа и Централна Азија (ЕЦА) ќе биде Народната банка на Република Македонија, а средбата ќе се одржи во хотелот „Александар палас“, Скопје, Република Македонија на 2 и 3 октомври 2014 година. На средбата ќе присуствуваат водечки носители на политиките од регионот, финансиски институции, експерти, практичари и иноватори коишто се занимаваат со прашањата поврзани со пристапот на децата и на младите до финансиите, финансиската вклученост и финансиската едукација, можностите за вработување и претприемаштвото и ќе споделат успешни приказни и предизвици. Целта на средбата е да се зајакне и да се усогласи финансиската вклученост, економската едукација и иницијативите за претприемаштво за младите во регионот.
Своето присуство на Конференцијата го потврдија високи претставници на министерствата за образование, министерствата за финансии, централните банки, на организации за заштита на правата на децата, мултилатерални агенции, образовни и финансиски институции.
Вкупно 65 деца и млади од цела Европа и Централна Азија ќе ги претстават пред носителите на политиките своите точки на дејствување за создавање соодветни и одржливи економски можности за младите. Преку активната вклученост на младите во процесот на донесување одлуки, веруваме дека политиките ќе бидат повеќе фокусирани на младите, ќе бидат поинклузивни и ќе придонесат за нивната поголема прифатеност, бидејќи и самите помогнале во нивното создавање.
За Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади
Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади има за цел да развие генерација која ќе биде во можност да ги спречи идните финансиски кризи, преку зголемување на финансиската едукација, пристапот до финансиите, можноста за вработување и претприемачките вештини на децата и младите.
Мрежата на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади беше воспоставена во април 2012 година и веќе се прошири на 125 земји, опфаќајќи повеќе од 18 милиони деца. Нашите меѓународни и регионални настани, доведоа до промена на политиките, и се единствените настани во светот каде што децата придонесуваат за поставувањето на глобалниот план.