На 15 септември 2016 година во Народната банка се одржа 22. сесија на Клубот на истражувачи, на која беше презентиран трудот „Влијанието на СДИ по сектори врз економскиот раст во Централна, Источна и Југоисточна Европа“, од авторите Мите Митески и Дијана Јаневска-Стефанова, како и трудот „Модел за анализа на политиките во Македонија (МАКПАМ)", од авторите Тибор Хледик, Султанија Бојчева-Терзијан, Билјана Јовановиќ и Рилинд Кабаши
На 15 септември 2016 година во Народната банка се одржа 22. сесија на Клубот на истражувачи, на која беше презентиран трудот „Влијанието на СДИ по сектори врз економскиот раст во Централна, Источна и Југоисточна Европа“, од авторите Мите Митески и Дијана Јаневска-Стефанова, како и трудот „Модел за анализа на политиките во Македонија (МАКПАМ)", од авторите Тибор Хледик, Султанија Бојчева-Терзијан, Билјана Јовановиќ и Рилинд Кабаши.
Целта на трудот на Митески и Јаневска-Стефанова е да се оценат ефектите од странските директни инвестиции во секторите „индустрија“, „градежништво“ и „услуги“ врз економскиот раст на земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Притоа, во анализата се користат податоци за периодот 1998 – 2013 година за следните земји: Македонија, Србија, Словенија, Бугарија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина, Чешка Република, Полска, Унгарија, Словачка, Романија, Естонија, Латвија, Литванија и Турција. Моделот се оценува со примена на статички и динамички панел-методи. Резултатите од статичкиот модел покажуваат дека странските директни инвестиции во секторите „индустрија“ и „услуги“ имаат позитивно влијание врз растот, додека ефектите од инвестициите во градежништвото не се статистички значајни. Исто така, резултатите добиени со динамичкиот модел ги потврдуваат оние добиени со статичкиот модел во поглед на значајната улога што ја имаат странските директни инвестиции во овие два сектора за поттикнување на растот во анализираните земји.
Трудот на авторите Тибор Хледик, Султанија Бојчева-Терзијан, Билјана Јовановиќ и Рилинд Кабаши го опишува моделот МАКПАМ (Модел за анализа на политиките во Македонија), кој се користи во Народната банка на Република Македонија за изготвување на среднорочни макроекономски проекции и за анализа на политиките. МАКПАМ е калибриран нео-кејнзијански модел кој ги содржи клучните карактеристики на македонската економија – мала отворена економија, со фиксен девизен курс и релативно висока мобилност на капиталот. Моделот е во јаз-форма, односно реалните варијабли се искажани како отстапувања од нивните соодветни урамнотежени нивоа, кои се проценети со Калмановиот филтер како една од најсоодветените техники за оваа цел. Со развојот на овој модел, НБРМ е во групата на развиени централни банки кои користат структурни економски модели при носењето одлуки за монетарната политика. Трудот содржи општа дискусија за моделите од овој тип, како и опис на историскиот развој и унапредување на МАКПАМ. Понатаму, трудот им посветува особено внимание на структурата на тековната верзија на МАКПАМ, клучните равенки и учинокот на моделот. Поточно, детално се опишани равенките во главните блокови на моделот: цените, реалната економија, билансот на плаќања и монетарната политика. Прикажано е и приспособувањето на моделот на спецификите на македонската економија, како и неговата постепена надградба за да се овозможи поширока анализа на прашања коишто се важни за монетарната политика. Моделот го одразува трансмисискиот механизам на монетарната политика и помага во одмерувањето на реакциите на економијата на шокови. Следствено, МАКПАМ е значаен блок во системот на макроекономски проекции во НБРМ, односно претставува значајна аналитичка алатка за поддршка на носењето одлуки во монетарната политика.