На 16.03.2011 година, согласно со член 59 од Законот за банките, гувернерот на Народната банка Гошев издаде претходна согласност на банката „Халк банкаси“ А.Ш., Република Турција, со седиште во Анкара (Turkiye Halk Bankasi A.S), да стекне 91,56 % од вкупниот број акции на „Извозна и кредитна банка“ АД Скопје.
„Халк банкаси“ има намера да ги купи акциите од постоечките акционери на „Извозна и кредитна банка“ АД Скопје: „ДХБ банка“, Холандија, којашто поседува 27.869 акции, односно 66,56% и Европската банка за обнова и развој, Лондон, којашто поседува 10.468 акции, односно 25% од вкупниот број акции на Банката.
„Халк банкаси“ А.Ш., Република Турција, е основана во 1938 година. Таа е присутна на пазарите во Турција, Холандија, Германија, Кипар, Бахреин и Иран.
На крајот на 2010 година, вкупната актива на „Халк банкаси“ А.Ш., Република Турција, изнесуваше 35.408 милиони евра и според нејзината големина, се наоѓа на седмото место на пазарот во Република Турција. Во 2010 година, таа остварила добивка од 976 милиони евра. Во Банката се вработени вкупно 13.450 лица.
Агенцијата за приватизација, којашто е во составот на Владата на Република Турција, поседува 75% од акциите на „Халк банкаси“, а останатите 25% од акциите слободно котираат на берзата.
Основната цел на „Халк банкаси“ А.Ш., Република Турција, како потенцијален доминантен акционер на „Извозна и кредитна банка“ АД Скопје, е да го зголеми нејзиното пазарно учество и да придонесе во проширувањето и подобрувањето на квалитетот на финансиските услуги коишто се нудат на пазарот во Република Македонија.