Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата деветта седница на која беа презентирани најновите макроекономски движења.
Општото ниво на цените во економијата во август 2011 година веќе четврти месец по ред забележа намалување на месечна основа. Годишната стапка на инфлација продолжи да забавува и изнесуваше 3,6% во август, одржувајќи се и натаму под проектираниот годишен раст за третиот квартал од годината. Просечната годишна стапка на инфлација во периодот јануари - август 2011 година изнесува 4,2%, а базичната стапка на инфлација и натаму се одржува на нивото од 1,1%.
Според најновите податоци за индустриското производство, зголеменото производство на метали, нафтени деривати и пијалаци во најголем дел придонесоа за месечниот раст на производството во јули (8,6%). На годишна основа, обемот на индустриското производство е повисок за 5,5% (наспроти падот од 1,8% во јуни), како резултат на растот на производството на електрична опрема и тутун, во услови на закрепнување на производството на енергија, кое во јули има значително помал негативен придонес во однос на јунските остварувања. Во првите седум месеци на 2011 година, индустриското производство и натаму бележи висок годишен раст, кој во просек изнесува 8,6%.
Во согласност со најновите податоци за билансот на плаќања, во второто тримесечје на 2011 година беше остварен дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања од 49,2 милиона евра, или 0,6% од БДП, што претставува мало стеснување од 0,1 п.п. од БДП, на годишна основа. Ваквото движење во тековната сметка се должи на подобрите остварувања речиси кај сите компоненти на тековната сметка (подобрено салдо кај размената на стоки и услуги и помал дефицит кај доходот), со исклучок на тековните трансфери, коишто забележаа годишен пад. Во однос на јулската проекција, дефицитот на тековната сметка во вториот квартал е понизок за 0,3 п.п. од БДП од проектираниот, што се должи главно на повисокиот остварен суфицит кај услугите од очекуваниот. Во рамките на капиталната и финансиската сметка, беа регистрирани минимални нето-приливи во износ од 3,4 милиони евра или 0,04% од БДП. Во рамките на надворешнотрговската размена, во јули 2011 година, трговскиот дефицит забележа продлабочување за 27,8% на годишна основа. Ваквата годишна промена во најголем дел се должи на забавениот, но континуиран раст на увозот на стоки (за 7,7%), во услови кога извозот на стоки забележа пад (за 3,2%). Кумулативно, во првите седум месеци од 2011 година, трговскиот дефицит се продлабочи за 24,2% во однос на истиот период од претходната година. На 31.08.2011 година, бруто девизните резерви изнесуваа 1.843, 5 милиони евра и се повисоки за 129 милиони евра во однос на крајот на претходната година.
Во јули 2011 година, годишниот раст на вкупниот депозитен потенцијал забрза (13,9%), што овозможи натамошно задржување солидни стапки на кредитен раст (8,7%). Се очекува динамиката на раст на вкупните депозити и вкупните кредити на банките да продолжи и во следните два месеца од третиот квартал.
На денешната седница Советот усвои и повеќе подзаконски прописи заради нивното усогласување со новиот Закон за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“, бр. 158/2010).Усогласувањето со новиот Закон за Народната банка ја наметна потребата од донесување на Политиката за чување и управување со девизните резерви на Република Македонија, Одлуката за утврдување на инструментите за обезбедување при спроведување монетарни операции, Одлуката за кредитот за ликвидност во крајна инстанца, Одлуката за задолжителната резерва, Одлуката за содржината и начинот на функционирање на Кредитниот регистар, Одлуката за управување со ликвидносниот ризик на банките, Одлуката за општите услови за отворање сметки во Народна банка на Република Македонија, Одлуката за доставување податоци за каматните стапки на банките на примените депозити и на дадените кредити, Одлуката за доставување податоци за состојбата и прометот на сметките од сметковниот план на банките и на финансиските извештаи, како и повеќе одлуки поврзани со внатрешното работење и организација на Банката.
Политиката за чување и управување со девизните резерви на Република Македонија, донесена врз основа на новиот Закон за Народната банка, покрај тоа што ги дефинира основните инвестициски принципи (сигурност, ликвидност и профитабилност), прецизно ги определува и средствата во коишто се инвестираат девизните резерви, како и трансакциите коишто се остваруваат при чувањето и управувањето со девизните резерви. Исто така, со Политиката се утврдени основните елементи на рамката за управување со ризиците, како и нивоата на донесување одлуки при процесот на управувањето со девизните резерви.
Одлуката за утврдување на инструментите за обезбедување при спроведување монетарни операции пропишува прифаќање на висококвалитетни должнички хартии од вредност од страна на Народната банка при спроведувањето на монетарните операции, заради заштита од кредитниот ризик. Исто така, заради заштита од пазарните и ликвидносните ризици, утврдени се коефициенти на покритие коишто предвидуваат пренесување повисок износ на хартии од вредност во корист на Народната банка, како обезбедување за одобрените парични средства. За времетраењето на монетарните операции, вредноста на инструментите за обезбедување ќе се следи на дневна основа. Исто така, заради зголемување на флексибилноста на централната банка и банките при управувањето со ликвидноста, Листата на хартии од вредност за спроведување на монетарни операции е проширена со континуираните државни обврзници и државните обврзници издадени за структурни потреби, за кои се утврдени соодветни коефициенти на покритие.
Заради одржување на стабилноста на финансискиот систем во услови на постоење ликвидносни проблеми кај банки, коишто не би можеле да се задоволат од други извори, Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за кредитот за ликвидност во крајна инстанца. Кредитот во крајна инстанца се одобрува за период до 90 календарски денови, врз основа на програма на мерки подготвени од банката, и може да се продолжи за уште најмногу 90 календарски дена, а каматната стапка е повисока за три процентни поени од основната каматна стапка од операциите на отворениот пазар на Народната банка. Новина кај оваа одлука е и систематската разработка на техниките на користење на средствата за обезбедување, односно примената на репо-трансакциите и залогот кај должничките хартии од вредност и своп-трансакциите, кога обезбедувањето на кредитот е во форма на девизи.
Главна новина кај Одлуката за задолжителната резерва претставува примената на стапка на задолжителна резерва во висина од 0% за обврските на банките кон физичките лица за орочени депозити со договорна рочност над две години, како и на обврските врз основа на репо-трансакции во денари. Главната цел на оваа измена е поттикнување на долгорочното штедење на физичките лица и поттикнување на развојот на репо-пазарот, како сегмент на пазарите на пари. Воедно, со воведување на стапката на задолжителната резерва во висина од 0% на наведените обврски се очекува да се ослободи одреден дел од средствата на банките, коишто се пласирани во задолжителна резерва, што ќе значи дополнителен потенцијал на банките за зголемување на кредитната активност. Дополнителна измена во Одлуката за задолжителната резерва е објавата на индикативен календар на периоди на исполнување на задолжителната резерва за тековната година од страна на Народната банка. Притоа, периодот на исполнување на задолжителната резерва би останал ист, во времетраење од околу еден месец, а почетокот на периодот на исполнување би соодветствувал со денот на одржување (порамнување) на редовните монетарни операции на Народната банка. Измена во Одлуката за задолжителната резерва е и известувањето на штедилниците, коишто за основата за задолжителната резерва ќе известуваат квартално, според обврските од последниот месец од кварталот. Воедно, во услови на значително намалување на основната каматна стапка на Народната банка и каматните стапки на пазарите на пари во изминатиот период, како и намалување на активните и пасивните каматни стапки на банките, со Одлуката на задолжителна резерва се намали надоместот на задолжителната резерва во денари од 2% на 1%. Овие мерки се усогласени со поставеноста на системот на задолжителната резерва во евро-зоната и во голем број транзициски економии, чиишто системи на задолжителна резерва се стремат кон поставеноста во евро-зоната.
Новата Одлука за содржината и начинот на функционирање на Кредитниот регистар содржи мали измени и дополнувања на досегашната Одлука, за надминување одредени практични проблеми што се јавија при примената на Одлуката, како и заради натамошно усогласување со одредбите од Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“, бр. 7/2005, 103/2008 и 124/2010).
Одлуката за управување со ликвидносниот ризик на банките, со која, исто така, се изврши замена на досегашната Одлука, содржи одредени измени во начинот на утврдување на стапките на ликвидноста на банките. Имено, со Одлуката се предвидува интегрирано следење на ликвидноста на банките, независно од валутата, преку одржување единствена стапка на ликвидност (за разлика од досегашното следење на стапките на ликвидност одделно за позициите во денари и во девизи). Исто така, при пресметката на стапките на ликвидност, орочените депозити ќе се вклучуваат како одлив со 80%, имајќи го предвид стабилното ниво на орочените депозити, кое, во досегашниот период не се земаше предвид при утврдувањето на стапките на ликвидност. Притоа останува обврската за почитување на стапките на ликвидност до 30, односно до 180 дена, како однос меѓу средствата и обврските коишто достасуваат во следните 30 дена, односно 180 дена. Овие измени се темелат на зајакнатата ликвидност на банкарскиот систем по воведувањето на стапките на ликвидност и се во склад со натамошното стабилно и профитабилно работење на банките, со отворање можност за понатамошна поддршка на нефинансискиот сектор од страна на банките. По воведувањето на стапките на ликвидност (во периодот март 2009 - јуни 2011 година), ликвидната актива на банкарскиот систем се зголеми за безмалку 90%, а нејзиното учество во вкупната актива се зголеми од 20,2% на 29,7%. Исто така, значително се зголеми покриеноста на краткорочните обврски и депозитите на населението со ликвидната актива, и тоа за 17 и 14,6 процентни поени (покриеноста на крајот на јуни 2011 година изнесува 46,1% и 58,8%, соодветно).
Одлуката за општите услови за отворање сметки во Народната банка на Република Македонија е нова одлука со којашто се пропишува начинот и постапката за отворање и затворање на сметки во НБРМ, додека со Одлуката за доставување податоци за каматните стапки на банките на примените депозити и на дадените кредити и Одлуката за доставување податоци за состојбата и прометот на сметките од сметковниот план на банките и на финансиските извештаи, и двете од областа на статистиката, се врши исклучиво формално-правно прилагодување со новиот Закон.