Вчера, 12.06.2012 година, Комитетот за оперативна монетарна политика при Народната банка одржа редовна седница на која беа разгледани најновите макроекономски показатели, состојбите во банкарскиот систем и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазар
и.
Последните макроекономски движења во домашната економија, од монетарен аспект се релативно поволни. На девизниот пазар не се забележуваат поголеми притисоци врз девизниот курс. Во текот на април и мај, девизните резерви забележаа умерен пад, што е сепак во согласност со нивната проектирана патека од последниот циклус на проекции. Воедно, девизните резерви и понатаму се одржуваат на соодветно ниво, обезбедувајќи доволен простор за амортизација на евентуални неповолни шокови. Инфлацијата во текот на април и мај е во рамки на очекувањата, додека краткорочните индикатори за економската активност укажуваат на побавен економски раст во првото тримесечје, во однос на претходниот квартал. Сепак, активноста на банките на кредитниот пазар добива поинтензивна динамика, при што вкупните кредити на банките бележат повисок годишен раст во однос на проектираниот. Позабележителен е растот на кредитирањето во денари, што соодветствува со повисокиот пораст на штедењето во денари во банкарскиот систем.
Глобалниот амбиент се карактеризира со неизвесност и променливост во движењата, а главна тема на меѓународните финансиски пазари сe уште е должничката криза во евро-зоната. Отворено се дискутира за излезот на одредени земји-членки од евро-зоната, а опасноста од пренесување на негативните ефекти врз останатите периферни економии условува попретпазливо спроведување на монетарната политика.
На домашните финансиски пазари се регистрираат стабилни движења и зголемена меѓубанкарска активност. Со измените на оперативната рамка на монетарната политика, банките активно ги користат монетарните инструменти (расположливите депозити преку ноќ, депозитите на седум дена и репо-аукциите), при што во услови на намалена фреквентност на аукциите на благајнички записи, се забележува значително зголемување на меѓубанкарското тргување на пазарите на пари.
Имајќи ги предвид најновите движења, Комитетот за оперативна монетарна политика оцени дека поставеноста на монетарната политика е адекватна и одлучи да ја задржи максималната каматна стапка на благајничките записи на непроменето ниво од 3,75%. Износот на благајнички записи на аукцијата на 13.06.2012 година беше утврден на умерено повисоко ниво (29.000 мил. денари) над износот којшто достаса (28.650 мил. денари), со што се очекува обезбедување и одржување на ликвидноста на банкарскиот систем на адекватно ниво.