Народната банка на Република Македонија го издава следново соопштение за јавностa во врска со одредени извештаи во медиумите коишто се однесуваат на надворешната позиција на банките-известувачи на БИС од/кон различни земји
Народната банка на Република Македонија го издава следново соопштение за јавностa во врска со одредени извештаи во медиумите коишто се однесуваат на надворешната позиција на банките-известувачи на БИС од/кон различни земји.
Во Кварталниот извештај на Виенската иницијатива (Quarterly Deleveraging and Credit Monitor Q4 2013[1) е наведено дека банките-известувачи на БИС, во четвртиот квартал од 2013 година ја намалиле својата надворешна позиција кон земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ). Овие коментари се темелат врз податоците што се објавуваат на интернет-страницата на БИС, во делот „Статистика“ на следнава врска: http://www.bis.org/statistics/bankstats.htm. Посочените износи од 380 милиони САД-долари се дадени во табелата 6, којашто што се однесува на надворешната позиција на банките-известувачи на БИС од/кон различни земји.
Притоа, во анализата во Кварталниот извештај на Виенската иницијатива се прикажани промените само кај побарувањата, но не и промените на обврските кон истите земји, коишто во четвртиот квартал се намалени за 505 милиони САД-долари (во истата табела).
Воедно, сакаме да појасниме дека побарувањата на странските банки, за македонските субјекти претставуваат обврски кон странство. Народната банка објавува податоци за надворешните обврски, според критериуми и методологија што се пропишани од ММФ (БПМ5). Оттаму, во нашите податоци ние го прикажуваме вкупниот надворешен долг на Република Македонија кон сите нерезиденти, распределен од аспект на секторот на домашните должници, при што секторот и земјата на странскиот партнер не може да се утврдат. Во таа смисла, не е можно во целост да се направи јасна паралела помеѓу статистиката на БИС и статистиката на Народната банка. Согласно сo наведеното, пред сe сакаме да истакнеме дека домашните статистики ги содржат истите податоци коишто се објавуваат и во Извештајот на Виенската иницијатива, но не се прикажуваат на идентичен начин, како што може да се види преку податоците на НБРМ за надворешниот долг, податоците од билансот на плаќања, како и во рамки на монетарната статистика.
Би сакале да нагласиме дека не станува збор за фактички одливи на капитал од земјата. Износите коишто се посочени во Извештајот, во основа, не се однесуваат на деловните банки од РМ и не значат одлив на средства од домашните банки во странство. Падот на обврските главно е поврзан со Народната банка на РМ. Имено, во четвртиот квартал е забележан пад на обврските коишто Народната банка (монетарната власт) ги има врз основа на краткорочни заеми кон странски деловни банки. Овие обврски произлегуваат од репо-трансакциите коишто ги извршува Народната банка со разни комерцијални банки, а се дел од операциите на управување со девизните резерви. Народната банка истовремено врши и обратни репо-трансакции, со кои се создава приближно ист износ на побарувања, повторно како дел од операциите на управување со девизните резерви. Во овој период, покрај намалувањето на обврските на НБРМ, е забележано и намалување на побарувањата на РМ.
Сметаме дека ризиците коишто ги создава домашниот банкарски сектор во однос на стабилноста на билансот на плаќања се мали. Оваа констатација пред сѐ произлегува од карактеристиките на домашниот банкарски сектор. Така, за финансирање на своите активности, домашните банки во најголем дел се потпираат на домашни извори. Депозитите на домашниот приватен сектор формираат околу 60% од вкупните обврски на банките. Депозитите на нерезидентите придонесуваат со само 2-3% и во последните три години, по ескалацијата на европската должничка криза се прилично стабилни, односно не се забележани позначителни одливи преку овој канал. Незначително е и финансирањето преку странски кредитни линии, коишто учествуваат со 6-7% од вкупните обврски. Голем дел од овие обврски се однесуваат на кредитните линии од МБПР, како и на отворените кредитни линии со матичните банки. Исто така, и кредитите коишто нашите банки ги одобруваат во странство се занемарливи. Оттука, може да се заклучи дека изложеноста на банкарскиот систем кон странство не е од толкав обем и карактер за да создаде ризици од „ненадејни“ одливи на капитал.
Минатата година, НБРМ донесе мерки со коишто би се стимулирале приливи на капитал преку банкарскиот сектор. Овие мерки се однесуваат на промените во инструментот задолжителна резерва (донесени во јули 2013 година) со коишто, меѓу другото, се воведе стапка на издвојување задолжителна резерва од 0% за обврските на банките кон нерезидентите - финансиски друштва, со договорна рочност над една година, како и за сите обврски кон нерезидентите со договорна рочност над две години. Се очекува дека оваа мерка ќе стимулира прилив на долгорочни, постабилни приливи на капитал, на сметка на дестимулирањето на краткорочните и променливи приливи. Со ваквите мерки се придонесува за намалување на ризиците за нарушување на стабилноста на билансот на плаќања.
--------------------------------------------------------------------------------
[1]) Интегралната верзија на целиот извештај може да се види на следнава врска: [http://vienna-initiative.com/wp-content/uploads/2014/05/DCM-note-May_2014_Final.pdf]