На 10 март 2014 година, со симболичното удирање на ѕвоното во просториите на Македонската берза се означи почетокот на „Глобалната недела на парите“, којашто ќе трае од 10 до 17 март 2014 година, во организација на Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација во Македонија, а под водство на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади.

На 10 март 2014 година, со симболичното удирање на ѕвоното во просториите на Македонската берза се означи почетокот на „Глобалната недела на парите“, којашто ќе трае од 10 до 17 март 2014 година, во организација на Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација во Македонија, а под водство на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади.
На настанот присуствуваа 30-те најдобри ученици од Средното економско-правно училиште „Васил Антевски-Дрен“ од Скопје. Ним им беше овозможено виртуелно тргување на виртуелната берза, преку едукативниот портал на Македонската берза каде што се изведува симулација на вистинско тргување. Ученикот кој по еден месец тргување ќе постигне најдобар резултат, ќе добие награда – бесплатна обука во Македонската берза за принципите на пазарите на капитал.
Како што во Македонија домаќин на настанот беше Македонската берза, така и во други 17 земји се организираат активности заедно со берзите, и тоа со берзите во Амстердам, Брисел, Стокхолм, Лисабон, Париз, Лондон и др.
„Глобалната недела на парите“ е глобален настан којшто се одржува на светско ниво. Оваа година се организираат активности во повеќе од 100 земји, во соработка со преку 500 институции и организации и со учество на над 2 милиона деца и млади.
„Глобалната недела на парите“ претставува глобална иницијатива за подигнување на свеста кај младите преку учење за тоа како функционираат парите, вклучувајќи го штедењето, вработувањето и претприемништвото. Секоја година младите луѓе дискутираат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат државните институции, а сe со цел да се изгради финансиски стабилна иднина. Целта и на Меѓународната организација е да ги поттикне децата и младите да инвестираат во својата иднина, истакнувајќи ја важноста на раната финансиска едукација, со што ќе им помогне на децата да станат свесни за своите финансиски права, ќе им ја олесни пристапноста до финансиските услуги и ќе ги развие нивните финансиски вештини.
Настаните се концентрирани во една недела, но добиените идеи и научените нови информации од финансиската едукација ќе имаат долгорочно влијание, пред сe кај младите, но и општо врз целокупната економија во државата. Многу е важно секое дете и секој млад човек, кога ќе станат возрасни, да бидат оспособени за вработување, за носење правилни одлуки од областа на финансиите и за разбирање на значењето на финансиските производи и услуги.
За време на оваа недела, Народната банка, конкретно, одржува интерактивни предавања во повеќе основни и средни училишта преку кои учениците ќе се запознаат поблиску со парите, нивното значење, размената, историјата, изработката, потоа штедењето, инфлацијата, монетарната политика и сл. Народната банка, со Проектот за финансиска едукација, изработува материјали и публикации со едукативна содржина наменети за младата популација, во кои влегуваат и разни репрезентативни материјали.
Кабинет на гувернерот