Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата петта седница на која беше разгледан најновиот Квартален извештај и беа прикажани најновите макроекономски проекции
Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата петта седница на која беше разгледан најновиот Квартален извештај и беа прикажани најновите макроекономски проекции.
Во почетокот на првиот квартал на 2013 година, Народната банка ја намали каматната стапка на благајничките записи од 3,75% на 3,5%, при оцени за релативно поволни услови, гледано од монетарен аспект. Состојбата на девизните резерви на крајот на минатата година ги надмина очекувањата, а во исто време дојде и до стабилизирање на инфлацијата со нешто побрзо темпо од очекуваното, укажувајќи на намалување на инфлациските притисоци предизвикани од растот на увозните и регулираните цени. Индикаторите за економската активност укажуваа на натамошна анемична состојба во економијата, а слични сигнали дојдоа и од кредитниот пазар. Сепак, до крајот на кварталот, монетарната политика остана непроменета, во услови на веќе извршено монетарно олабавување преку каматната стапка и инструментот задолжителна резерва. Имајќи предвид дека промените во монетарната политика влијаат со одредено временско задоцнување, се очекуваше дека извршеното монетарно олабавување ќе има одредени стимулативни ефекти во економијата во наредниот период. Воздржаноста од дополнителни монетарни промени во овој период беше поткрепена и со присуството на одредени ризици за монетарната политика, коишто се манифестираа преку релативно висока базична инфлација и стеснување на маргината помеѓу денарското и девизното штедење.
Новите проекции на Народната банка и натаму укажуваат на бавно економско закрепнување на домашната економија, односно во 2013 година се очекува раст на БДП од 2,2%, додека во 2014 година забрзување на растот на 3%. Главни двигатели на растот во 2013 година ќе бидат извозот и инвестициите, додека во 2014 година, покрај овие два фактори, се очекува личната потрошувачка да оствари дополнителен придонес во растот. Овој раст се очекува да биде поддржан преку одредено забрзување на стапката на кредитен раст. Во 2013 година дефицитот на тековната сметка е проектиран на ниво од околу 4% од БДП, додека во 2014 година, заради повисокиот увоз поврзан со новите инвестициски текови се очекува негово продлабочување на 6% од БДП. Сепак, очекуваните приливи на капитал, главно врз основа на странски директни инвестиции и задолжување на државата, ќе бидат доволни за финансирање на повисокиот дефицит и за акумулирање дополнителни девизни резерви. Во вакви услови, се проценува дека девизните резерви во целиот период на проекција ќе се задржат на адекватното ниво.
Податоците за движењето на домашните цени во првите три месеци од годината упатуваат на побрзо забавување на стапката на инфлација споредено со очекувањата во јануарската проекција. Пониските почетни услови, дополнети со надолната ревизија кај увозните цени условија пониска стапка на инфлација во 2013 година од 2,8% (3,2% во јануари), додека во 2014 година и понатаму се очекува нејзино приближување кон историскиот просек, со што таа би изнесувала 2,3% на годишна основа.
Ризиците околу остварувањето на ваквото макроекономско сценарио и натаму се главно од надворешна природа, а се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и движењата на цените на примарните производи на светските берзи.
На денешната седница, Советот ја донесе и новата Одлука за издавање дозволи, во согласност со последните измени и дополнувања на Законот за банките, а се однесува на прецизирањето на критериумите што мора да ги исполнат правните и физичките лица пред да им биде доделена дозвола за основање и работење на банка. Согласно со Законот за банките, лице со посебни права и одговорности е физичко лице кое е член на надзорен одбор, управен одбор, одбор на ревизија, одбор на управување со ризиците и секое друго раководно лице во банката коешто согласно со нејзиниот статут се определени како лица со посебни права и одговорности. Со новата Одлука се воведуваат обрасци не само за лицата што се предложени за членови на надзорниот и управниот одбор на банката туку за сите лица со посебни права и одговорности. Исто така, со новата одлука прецизно се истакнува релевантноста на времетраењето на правните последици на пресудите при одлучувањето за издавање дозволи, согласно и со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија од јули 2008 година. Во новата одлука се разграничува случајот на статусна промена на штедилница од преобразбата на штедилница во банка.
Новата Одлука за издавање согласности произлегува од измените и дополнувањата на Законот за банките од февруари 2013 година и од практичните проблеми коишто се појавија во примената на досегашната одлука. Имено, новата одлука, покрај техничките усогласувања со Законот, содржи и проширена листата на податоци коишто треба да се достават кон барањето за издавање на согласноста за членовите на надзорниот и управниот одбор на банка. Ова прецизирање има за цел да се оцени исполнувањето на критериумите поврзани со можноста член на надзорен или управен одбор да биде член на органи на управување и надзор на други правни лица или на критериумите што се однесуваат на имањето материјален или деловен однос со истата банка.
Техничко усогласување со Законот за банките претставуваат и Одлуката за дополнување на Одлуката за управување со кредитниот ризик, како и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за начинот на утврдување поврзани лица.
Со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за условите и начинот под кои резидентите можат да вршат наплата и плаќање во ефективни странски пари во трансакциите со нерезиденти, меѓу другото, им се овозможува на продавниците и локалите коишто се лоцирани во меѓуграничниот простор на аеродромите, односно помеѓу царинските канцеларии на влез и излез во Република Македонија, а коишто немаат статус на слободни царински продавници, да вршат наплата и плаќање во ефективни странски пари.
Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.