Во текот на минатата недела, во некои од јавните медиуми беа објавени неколку коментари коишто упатуваа на тоа дека во текот на првото полугодие Народната банка количински го намалила златото во девизните резерви на Република Македонија. Со цел да се избегне погрешно толкување од страна на јавноста, ви го даваме следново објаснување:
На крајот на првото полугодие, вкупните златни резерви на Народната банка изнесуваат 218.253,31 унца и се непроменети во однос на состојбата на 31.12.2010 година. Во билансите на Народната банка, златните резерви се следат според пазарната вредност и се искажуваат во денари. Во текот на првото полугодие, вредноста на златото изразена во долари бележи зголемување, и тоа од 1.410,25 на 1.508,00 САД-долари за унца. Во истиот период, вредноста на златото изразена во евра и денари бележи намалување како резултат на падот на вредноста на доларот во однос на еврото и денарот. Имено, на 30.06.2011 година вредноста на една унца злато во денари изнесува 64.418 МКД, за разлика од 31.12.2010 година кога изнесуваше 65.314 МКД. Оттаму, имајќи предвид дека билансите на Народната банка се изразуваат во денари, евидентирано е вредносно намалување на златото, од 14.256.019 илјади денари на 31.12.2010 година, на 14.060.426 илјади денари на 30.06.2011 година.