На денешната седница, Советот го усвои Стратегискиот план на Народната банка за периодот од 2013-2015 година со кој се утврдуваат најважните цели на банката. Стратегиското планирање е процес со кој се зајакнува управувачката функција на Народната банка и започна на почетокот на 2012 година, а Планот ќе се остварува од почетокот на 2013 година. Стратегискиот план ја дава стратегиската визија на Народната банка за наредниот тригодишен период и претставува основа за подготовка на Насоките за работа и Програмата за работа за наредната година.
Во рамки на планските активности, Советот на Народната банка ја усвои и Програмата на истражувачката дејност во периодот од 2013 до 2015 година. Програмата ги дефинира основните истражувачки области од интерес за Народната банка, коишто вклучуваат изработка на еден или повеќе проекти. Се очекува дека истражувањата предвидени за следниот тригодишен период ќе придонесат во процесот на одлучување, а ќе послужат и за поуспешно функционирање на Народната банка и навремено согледување на идните предизвици.
На седницата на Советот беше донесена и Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за начинот на вршење на супервизија и надзор. Со измената на Одлуката се уредуваат постапката, начинот и роковите за информирање во врска со утврдените наоди од спроведената контрола меѓу Народната банка и друштвото за ревизија на банката. Исто така, во Одлуката се уредува постапката за вршење супервизија и надзор на работењето на лицата поврзани со банката, на другите лица во банкарската група и на друштвото за помошни услуги на банката. Со новата одлука се овозможува спроведување контроли по потреба, со кои ќе се овозможи прибирање, обработка и анализа на податоците потребни за извршување на функциите на Народната банка.
Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за измена на Одлуката за сигурноста на информативниот систем на банката. Со измените се специфицираат системите и функциите коишто треба да бидат обезбедени доколку банките користат друштва за помошни услуги во однос на СВИФТ-системите.
Со измените и дополнувањата на Одлуката за сметководствениот и регулаторниот третман на преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања, рокот во кој банките треба да извршат намалување на вредноста на средствата преземени врз основа на ненаплатени побарувањата (т.н. „haircut“) се продолжи за 5 години. Притоа, намалувањето на вредноста на овие средства ќе се врши во висина од најмалку 20% годишно, а на крајот на петтата година, доколку банката не успее да ги продаде, ќе ја сведе нивната сметководствена вредност на нула. Првото намалување на вредноста на преземените средства ќе се изврши најдоцна до 1.1.2013 година. На 31.3.2012 година, средствата преземени врз основа на ненаплатени побарувања претставуваат 2,1% од вкупната актива на банкарскиот систем.
Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за начинот и постапката на известување за трансакции со нерезиденти, којашто претставува дел од мерките на Народната банка за намалување на товарот врз известувачите. Со Одлуката се предвидува да се премине кон електронско известување за трансакциите преку сметките во странство и евиденциските сметки, што ќе придонесе за зголемување на квалитетот на добиените податоци, скратување на времето потребно за обработка на податоците и рационализација во работењето на Народната банка.
На седницата, Советот на Народната банка беше информиран и за најновите макроекономски движења.
Последните макроекономски движења во македонската економија, од монетарен аспект, се релативно поволни. На девизниот пазар, и покрај проширувањето на трговскиот дефицит во април и исплатата на поголем износ дивиденда на странски акционер, поголеми притисоци врз девизниот курс не се забележуваат. Неповолните ефекти од овие фактори, делумно, се ублажени со натамошниот раст на нето-приливите од менувачкото работење, коишто го надминуваат проектираното ниво. Во текот на април и мај, девизните резерви забележаа умерен пад, што сепак е во согласност со нивната проектирана патека од последниот циклус на проекции. Воедно, тие и понатаму се одржуваат на соодветно ниво, обезбедувајќи доволен простор за амортизација на евентуалните неповолни шокови. Од аспект на инфлацијата, по растот во април, главно условен од фактори со еднократен карактер, инфлацијата во текот на мај забави и се сведе на 2% на годишна основа. Ваквата динамика на инфлацијата не отстапува значително од проекциите за овој период. Притоа, краткорочните показатели за економската активност упатуваат на натамошно отсуство на инфлациски притисоци создадени преку побарувачката. Така, показателите за домашната побарувачка укажуваат на забавување и на личната и на инвестициската побарувачка. Воедно, податоците за индустриското производство за април покажуваат годишен пад на активноста во индустријата во осум последователни месеци, а помалку поволни во однос на претходниот период се и движењата во останатите сектори. Ваквите сигнали за анемична економска активност, контролирани инфлациски движења, како и стабилниот девизен пазар се во согласност со последните промени на монетарните услови. Имено, на почетокот на мај, Народната банка одлучи да ја намали основната каматна стапка за 25 базични поени на 3,75%, давајќи им на тој начин поддршка на кредитната активност и на растот на домашната економија. Податоците за кредитниот пазар на банките за април покажуваат благо зголемување на финансиската поддршка на корпоративниот сектор. Годишниот раст на вкупните кредити во април забрза достигнувајќи 8,5% (од 8% во март), при што најголема улога во новиот раст на кредитите има корпоративниот сектор. Воедно, во текот на април продолжи зголемувањето на искористеноста на депозитниот потенцијал на банките за кредитирање, при позасилен раст на коефициентот кредити/депозити, во однос на минатиот месец.
И покрај стабилниот амбиент за монетарната политика, ризиците поврзани со неизвесноста околу надминувањето на должничката криза во евро-зоната и ефектите врз глобалната и домашната економија с? уште се присутни и дополнително нагласени, заради бројните тековни шпекулации за можните сценарија за Грција и евро-зоната. Оттука, останува потребата од натамошно претпазливо водење на монетарната политика и постојано следење на макроекономските остварувања, на домашен и на глобален план.
Советот на денешната седница разгледа други прашања од својата надлежност.