Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата четврта седница на која беа воведени промени во оперативната рамка за спроведување на монетарната политика на Народната банка.
Промените во оперативната рамка се заради нејзино проширување и зголемување на флексибилноста, при истовремено понатамошно поддржување на развојот на финансиските пазари. Со цел да обезбеди поддршка на подолгорочните пласмани од страна на банките, Народната банка воведува редовни неделни репо-операции за обезбедување ликвидни средства во банкарскиот систем. Во однос на досегашната рамка, којашто нудеше можност за позајмување од централната банка само врз основа на расположливиот кредит преку ноќ, редовното спроведување на репо-аукциите од страна на Народната банка ќе овозможи користење на ликвидноста по поволни услови за деловните банки. Истовремено, се создаваат подобри услови и за развој на пазарот на пари во земјата, како значаен сегмент на финансирање во домашната економија.
Заради пофлексибилно управување со ликвидноста на банкарскиот систем, Народната банка воведува и расположливи депозити на седум дена, коишто ќе им бидат на располагање на деловните банки секоја среда, за пласирање средства кај централната банка на нивна иницијатива. Каматната стапка на расположливите депозити на седум дена е утврдена на 2%, на годишна основа.
Заради активна примена на репо-операциите, како и зголемување на меѓубанкарската активност, Народната банка ја намалува фреквентноста на аукциите на благајничките записи на еднаш, во рамки на периодот на задолжителна резерва, и го ограничува понудениот износ на благајнички записи. Притоа, максималната каматна стапка на аукцијата на благајнички записи е утврдена на тековното ниво од 4%, на годишна основа.
Покрај расположливиот кредит преку ноќ, чијашто каматна стапка се намалува од 1,50 на 0,50 процентни поени над каматната стапка на благајничките записи, што придонесува овој кредит да биде подостапен за деловните банки, Народната банка воведува и расположлив депозит преку ноќ, којшто ним им е на располагање секој ден по каматна стапка од 1%, на годишна основа.
Советот на Народната банка разгледа и усвои и други акти од делокругот на своето работење.