Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата десетта седница на која беше разгледан и усвоен Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија за вториот квартал, при што беше заклучено дека банкарскиот сектор е стабилен.
Скопје, 04.10.2012 година
Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата десетта седница на која беше разгледан и усвоен Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија за вториот квартал, при што беше заклучено дека банкарскиот сектор е стабилен.
Остварената добивка е повисока за 70,8% во однос на добивката остварена во истиот период од претходната година, за што придонесе не само поголемиот износ на ослободената исправка на вредноста, туку и повисокиот нето каматен приход и подобрувањето на оперативната ефикасност на банките.
На квартално ниво, кредитите кон приватниот сектор беа зголемени, но тоа услови само умерено намалување на ликвидната актива со која располагаат банките. Ликвидната актива го задржа високото учество во вкупната актива од 30,2%. Зголемувањето на кредитите кон приватниот сектор и зголемувањето на вложувањата во државни хартии од вредност придонесоа за пад на вложувањата во благајнички записи.
Кредитниот ризик на кој се изложени банките, искажан преку стапката на нефункционални кредити, се намали во вториот квартал, поради зголемената наплата преку преземање на обезбедувањата. Солвентноста на банкарскиот систем, изразена преку стапката на адекватност на капиталот, беше висока во целиот период и на крајот од вториот квартал изнесуваше 17,4%.
Во вториот квартал, депозитите на нефинансиските субјекти остварија минимален пад, како последица на падот на депозитите на претпријатијата. Интересот на домаќинствата за штедење во денари на подолг рок се засили. Анализирано историски наназад, за првпат од 2007 година, на крајот од вториот квартал од 2012 година депозитите во денари ја зазедоа главната позиција во валутната структура на депозитите, со учество од 50,7%.
На седницата, Советот на Народната банка беше информиран и за најновите макроекономски движења, при што беше заклучено дека продолжувањето на неизвесноста во однос на кризата во евро-зоната услови продолжување и на неповолните тенденции кај економската активност. Со оглед на високата трговска интегрираност на македонската економија во евро-зоната, слабите економски остварувања и полошите прогнози за евро-зоната и понатаму упатуваат на намалена странска ефективна побарувачка за македонски производи и релативно послаба економска активност. Гледано од аспект на главните показатели релевантни за монетарната политика, показателот за инфлациските движења во септември е повисок во однос на проекцијата, во услови на побрз раст на цените на храната од очекуваниот. Имајќи предвид дека растот на инфлацијата произлегува од фактори од страната на понудата, не се очекува дека тој ќе делува врз движењата на девизниот пазар. Најновите податоци од монетарната сфера укажуваат на малку понизок монетарен и кредитен раст во однос на очекуваниот. Како резултат на движењата во реалниот сектор и согледувањата за постојните ризици од глобалното окружување и нивното влијание врз домашната економија, банките и натаму се претпазливи и засега кредитниот раст е се уште умерен. Во надворешниот сектор, позицијата на билансот на плаќања овозможува одржување на девизните резерви на соодветното ниво, со кое се обезбедува доволен простор за амортизација на евентуални неповолни шокови. Народната банка редовно ги следи економските движења и доколку оцени дека има потреба, соодветно ќе реагира.
За подобро дефинирање на ризиците со кои се соочуваат банките, Советот ги разгледа и ги усвои и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за управување со кредитниот ризик и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за лимитите на изложеноста. Се работи за измени и дополнувања што се однесуваат на кредитните изложености кон клиенти со шпекулативен рејтинг, но и изложеностите кон клиенти коишто немаат кредитен рејтинг, но се со седиште во земји со низок кредитен рејтинг или без кредитен рејтинг. Согласно со измените и дополнувањата, покрај одредени промени во класификацијата на побарувањата во согласност со кредитниот рејтинг на клиентот, изложеностите кон специфични категории на клиенти се исклучуваат од генералниот пристап за пресметување на лимитите на изложеност на нето-основа.
На денешната седница Советот разгледа и донесе нова Одлука за менувачки работи. Потребата од донесувањето на новата одлука произлезе од поголемиот број измени направени на постоечката одлука, како и од обемот на измените коишто сега се предлагаат. Со новата Одлука за менувачки работи се врши либерализација во однос на доставувањето на документацијата потребна за издавање дозвола за менувачки работи и во однос на дополнителните услови коишто треба да ги исполни менувачот за да започне со вршење менувачки работи. Се предвидува дека олеснувањата за овластените менувачи ќе овозможат поголема ефикасност на оваа дејност на посредување.
Советот го разгледа и го усвои и Правилникот за ревизија на Народната банка. Донесувањето на Правилникот е заради операционализација на трите важни квалитативни карактеристики на Комитетот за ревизија на Народната банка, и тоа: независноста во работењето, отворените линии на комуникација, како и јасно дефинираните улоги и одговорности.
Советот беше информиран и за тековни прашања од доменот на работата на Народната банка.