Во текот на првото тримесечје од годината е остварен реален раст на бруто домашниот производ од 5,1%. Главни двигатели на растот се личната и инвестициската потрошувачка, при посилен раст на увозот од извозот. За второто тримесечје се проценува дека ваквите движења ќе продолжат, обезбедувајќи повисок годишен раст на бруто домашниот производ од 4,3%, во однос на проектираниот во април од 3,3%.
Годишната стапка на инфлацијата во второто тримесечје се стабилизира на нивото од 4,7%. Остварената стапка на инфлација е пониска од проектираната во април (5 - 5,5%), заради помалиот раст на цените на храната и заради намалувањето на акцизата на нафтените деривати.
Движењата во платниот биланс беа во рамки на очекувањата. Во второто тримесечје на 2011 година, се проценува дека дефицитот на тековната сметка ќе изнесува 0,9% од бруто домашниот производ (1% во априлската проекција), во услови на позитивни движења кај трговското салдо (помал дефицит), кај услугите (проценет поголем суфицит) и кај доходот (проценет помал дефицит). Нето-приливите од приватни трансфери остварија понегативни движења заради повисокиот годишен пад на нето-откупот на ефектива од 12,2%, наспроти 9,5%, согласно со априлската проекција. Истовремено, се очекува дека капиталните нето-приливи ќе бидат пониски од априлската проекција (0,3% од бруто домашниот производ) и дека ќе изнесуваат 0,04% од бруто домашниот производ, главно поради пониските странски директни инвестиции во услови на репатријација на дивидендата од страна на странски акционери, помало нето-задолжување во странство, како и зголемена побарувачка за девизни средства на населението од банкарскиот сектор.
Остварувањата кај монетарните и кредитните агрегати соодветствуваа со априлската проекција, при што стапката на раст на паричната маса М4 и на вкупните кредити на банките кај приватниот сектор беше идентична и изнесуваше 8,6% на годишно ниво, при посилен раст на нивните денарски компоненти во однос на очекувањата.
Во рамки на редовната ревизија на макроекономските движења, во текот на третото тримесечје од годината се проценува дека годишниот раст на бруто домашниот производ ќе изнесува 2,7%, при поволни очекувања за раст на личната потрошувачка (засилување на пазарот на трудот, раст на вработеноста, забавување на падот кај реалната плата), натамошен раст на инвестициската активност и на извозот. Кај годишната стапка на раст на бруто домашниот производ за 2011 година, извршена е умерена нагорна ревизија на проекцијата на околу 3,5% (3% во април). Ризиците околу растот се во надолна насока и се поврзани пред сé со должничката криза кај периферните земји од евро-зоната, со потенцијални последици за странската побарувачка, извозот, инвестициите и очекувањата.
Во третото тримесечје од годината се очекува забавување на инфлацијата до 4,4%, како резултат на забавениот раст на светските цени на храната и стабилизирање на цените на нафтата. Растот на цените и понатаму ќе се должи најмногу на факторите на страната на понудата и за целата 2011 година се очекува просечна стапка на инфлација од околу 4,5% (на долната граница на интервалот од април), заради пониски остварувања и надолни ревизии на светските цени. Се очекува дека базичната инфлација во 2011 година ќе биде стабилна и ќе изнесува околу 1,2%. Се оценува дека ризиците за проекцијата на инфлацијата се претежно надолни и се поврзани со можниот побавен раст на странските цени на храната и енергијата.
Кај тековната сметка на билансот на плаќања во третото тримесечје на 2011 година се очекува остварување на позитивно салдо од 0,6% од бруто домашниот производ, што претставува вообичаена сезонска динамика. Сепак, на годишна основа, суфицитот на тековната сметка ќе се намали за 0,6 п.п. од бруто домашниот производ, главно поради оцената за пониски нето-приливи од тековни трансфери (за 1 п.п. од бруто домашниот производ), додека за трговското салдо се очекува дека ќе оствари мало годишно подобрување. Кај капиталната и финансиска сметка во текот на третото тримесечје се очекуваат нето-одливи од 0,4% од бруто домашниот производ.
Се очекува дека дефицитот на тековната сметка на билансот на плаќања, до крајот на 2011 година, ќе изнесува 5,5% од бруто домашниот производ, што претставува надолна корекција од 0,6 п.п. од бруто домашниот производ во однос на априлската проекција. Кај капиталната и финансиска сметка, согласно со претпоставката за дополнително задолжување на државата, се очекуваат нето-приливи од 9,4% од бруто домашниот производ, наспроти 8,8% од бруто домашниот производ согласно со априлската проекција.
Се очекува дека девизните резерви, до крајот на 2011 година, ќе остварат посилен пораст, во споредба со априлската проекција, со што нивното ниво и понатаму ќе обезбеди покривање на четиримесечен увоз на стоки и услуги од наредната година.
Во текот на третото тримесечје од годината се очекува натамошно проширување на паричната маса М4 (годишен раст од 11,9% во септември 2011 година, при проектиран раст на вкупните депозити од 12,2%) и засилување на стапката на кредитен раст до 10% во септември, на годишна основа.
За целата 2011 година е извршена умерена нагорна ревизија на монетарните и кредитните агрегати, во споредба со априлската проекција, којашто е поизразена кај монетарниот раст. Се очекува дека паричната маса М4 ќе оствари раст од 11,4%, на годишна основа, наспроти 10,7% во априлската проекција. Очекувањата за кредитниот раст се дека тој ќе изнесува 12,5%, на годишна основа, наспроти 12%, во априлската проекција.
Ризиците околу проектираниот монетарен и кредитен раст главно се поврзани со темпото на заздравување на реалната економија и оценката на ризиците од страна на банките, а како дополнителен фактор на ризик (иако со намалено значење во споредба со априлската проекција) и натаму останува динамиката на инфлацијата во следниот период.
За втората половина на 2011 година, се оценува дека ќе продолжат поволните макроекономски движења, што ќе создаде поволен амбиент за спроведување на монетарната политика. Оттаму, основната каматна стапка на Народната банка се задржува на истото ниво, од 4%. Ваквата оценка главно се должи на: стабилизирањето на инфлациските очекувања, надолната ревизија на дефицитот на тековната сметка; повисоко проектирано ниво на девизни резерви и релативно умерената кредитна активност на банките.
Ризиците во однос на монетарната политика произлегуваат од ризиците од должничката криза во евро-зоната и нивните можни влијанија врз домашната економска активност и очекувањата, ризиците поврзани со инфлацијата, како и ризиците поврзани со очекуваните капитални приливи и нивото на девизните резерви.
Советот на Народната банка го разгледа и го усвои Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија во првото тримесечје од 2011 година.
Вкупната актива на банкарскиот систем продолжи да се зголемува и оствари годишна стапка на раст од 14,0%, така што на 31.03.2011 година изнесуваше 308.881 милиони денари. Кредитната активност на банките порасна, и тоа со побрзо темпо во споредба со претходното тримесечје. Кредитниот раст беше одлика на сите три групи банки, при што најголем придонес во растот имаше групата средни банки. Кварталната, односно годишната стапка на раст на кредитите изнесува 2,3%, односно 8,3% соодветно. Депозитите на нефинансиските субјекти остануваат најзначајниот извор на финансирање на кредитната активност на банките, и покрај нивниот забавен квартален и годишен раст, којшто изнесува 1,6% и 12,5% соодветно.
Показателите за квалитетот на кредитното портфолио на банките бележат мало влошување во однос на претходното тримесечје. Учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити минимално се зголеми (од 9,3% на 31.12.2010 година на 9,4% на 31.03.2011 година), а исто така се зголеми и учеството на кредитната изложеност во поризичните категории на пласмани (од 7,1% на 7,3%). Од друга страна, на годишно ниво, овие два показатела бележат подобрување, преку зголемување на покриеноста на изложеноста од страна на банките со издвоената исправка на вредноста и посебна резерва.
Банкарскиот систем сé уште одржува висока и стабилна ликвидност. На крајот на првото тримесечје од 2011 година, ликвидната актива на банкарскиот систем изнесува 90.947 милиони денари.
Показателите за солвентноста и капитализираноста на банкарскиот систем забележаа зголемување. На 31.03.2011 година, стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем изнесува 16,8% и бележи квартално зголемување од 0,7 процентни поени. Спроведените стрес-тест симулации покажуваат задоволителна отпорност на банкарскиот систем на различни шокови, при што адекватноста на капиталот кај сите банки се задржа над законскиот минимум од 8%.
Во првите три месеци од 2011 година, поради намалените каматни приходи и зголемените оперативни трошоци кај одделни банки, финансискиот резултат на ниво на банкарскиот систем е негативен и изнесува од 80,5 милиони денари. Веќе во април 2011 година, банкарскиот систем прикажа добивка од 111 милиони денари.
На денешната седница Советот усвои и повеќе акти поврзани со внатрешната организација и работата на Банката заради нивно усогласување со новиот Закон за Народната банка.