Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата шеста седница на која го разгледа најновиот Квартален извештај
.
Најновите расположливи информации упатуваат на задржан континуитет на макроекономските движења, но и на малку поповолен амбиент за спроведување на монетарната политика во 2012 и 2013 година. Гледано од аспект на одделните показатели, послабите остварувања во четвртиот квартал и влошените очекувања за економиите на најзначајните трговски партнери покажуваат малку побавно закрепнување на домашната економија од претходно очекуваното, па сега се проценува дека економскиот раст ќе изнесува околу 2%, наспроти 2,4% во претходната проекција. За 2013 година се очекува дека растот ќе забрза и ќе изнесува 3,7%, согласно со глобалното закрепнување и неговото позитивно влијание врз извозниот сектор и домашните потрошувачки и инвестициски одлуки. Се очекува дека за растот на побарувачката во 2012 година и 2013 година ќе придонесе и финансиската поддршка преку кредитниот пазар на банките. Последните поместувања во кредитната активност, како и целокупното „умерено“ макроекономско сценарио за следните две години покажуваат дека раздвижувањето на кредитната активност во следниот период сепак ќе биде умерено (раст на кредитите од над 7% и 8%, за 2012 и 2013 година, соодветно). Оценките за инфлацијата с? уште се непроменети, при што се очекува дека годишната стапка на инфлација во 2012 година ќе изнесува 2%, а на тоа ниво ќе се задржи и во 2013 година, до кога не се очекуваат позначителни притисоци од страна на побарувачката. Сепак, околу оваа проекција постојат поизразени нагорни ризици, во споредба со претходната проекција. Тие се резултат на неизвесноста околу динамиката на светските цени и нивните директни и индиректни преносни ефекти врз домашните цени. Остварувањата и новите проценки покажуваат поповолна позиција на билансот на плаќања во однос на јануарските очекувања, како резултат на понискиот дефицит во тековната сметка. Намаленото трговско салдо и остварувањето нето-приливи преку тековните трансфери повисоки од очекуваните доведоа до надолна ревизија на дефицитот во тековната сметка од 4,5% од БДП во претходната проекција, на 3,2% од БДП за 2012 година. Ова, во комбинација со оцените за поволни капитални текови, укажува на понатамошен раст на девизните резерви, во споредба со претходните очекувања. Исто ниво на дефицит во тековната сметка се очекува и за 2013 година (3,2% од БДП). Притоа, и покрај тоа што се очекува значителен одлив за исплаќање на долгот на државата (исплата на еврообврзница), сепак и во 2013 година се очекува дополнителен прираст на девизните резерви и нивно одржување на соодветно ниво.
Општо земено, макроекономската слика за наредниот период упатува на бавно закрепнување, ниска и контролирана инфлација, с? уште бавни кредитни текови и платнобилансна позиција којашто обезбедува дополнителни девизни резерви. Овие оцени отвораат простор за монетарно олабавување, како придонес за поголем кредитен раст и со тоа, поддршка на домашната економија. Врз основа на тоа, гувернерот на Народната банка одлучи да ја намали основната каматна стапка на благајничките записи од 4% на 3,75%.