Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата прва седница.
На седницата, членовите на Советот беа запознаени со моделот за среднорочни макроекономски проекции - МАКПАМ, како дел од вкупната аналитичка рамка за водењето на монетарната политика. Овој модел претставува производ на повеќегодишна работа, при што беше предмет на неколку фази на унапредување и тестирање. Моделот е наменет за проектирање на идното движење на домашната економија и, соодветно на тоа, на неопходната реакција на монетарната политика, со што претставува значаен елемент во процесот на донесување на тековните монетарни одлуки.
Воедно, Советот на Народната банка на Република Македонија го разгледа најновиот Квартален извештај. Врз основа на најновите расположливи информации, може да се заклучи дека во 2011 година динамиката на клучните макроекономски агрегати главно била во согласност со последните проекции на НБРМ. Проценките упатуваат на тоа дека домашната економија во 2011 година пораснала за 3,3%, а во согласност со очекувањата, остварена е просечна годишна стапка на инфлација од 3,9%. Во надворешниот сектор, последните расположливи податоци упатуваат на тоа дека во 2011 година е остварена поповолна надворешна позиција во однос на претходно очекуваната (проценет дефицит во тековната сметка од 2,8% од БДП, наспроти 4,8% од БДП во октомвриската проекција), што главно произлегува од подобрите остварувања кај тековните трансфери во последниот квартал. Во 2011 година, најшироката парична маса М4 оствари малку повисок раст од очекуваниот, којшто на годишна основа изнесуваше 9,7%. Во декември, годишната стапка на раст на вкупните кредити изнесува 8,5% и е малку под проектираното ниво од октомвриската проекција.
За 2012 година, во услови на зголемена неизвесност поврзана со развојот на должничката криза во евро-зоната и очекувања за негативни движења на странската ефективна побарувачка, најновите оценки упатуваат на поголемо забавување на растот на домашната економија од претходно очекуваното, па сега се проценува дека тој ќе изнесува 2,4%. Оценките за инфлацијата остануваат непроменети, при што се очекува дека годишната стапка на инфлација во 2012 година ќе изнесува 2%. Проценето е дека во 2012 година дефицитот на тековната сметка на билансот на плаќања ќе изнесува 4,5% од БДП, што е во рамки на претходната проекција, при што оценките се дека тој во целост ќе биде финансиран од капиталните нето-приливи, овозможувајќи дополнителен раст на девизните резерви и задржување на покриеноста на увозот со девизни резерви од над четири месеци. Во рамки на банкарскиот сектор, во согласност со оценките за малку побавен раст на домашната економска активност и зголемена неизвесност поврзана со перспективите на глобалната економија, се очекува дека растот на монетарните и кредитните агрегати ќе биде малку послаб во однос на претходните очекувања, при што најшироката парична маса М4 и вкупните кредити на банките на годишна основа би се зголемиле за 9% и 7,6%, соодветно. Со оглед на високата неизвесност на глобалниот амбиент, макроекономските проекции за 2012 година се придружени со бројни ризици, што наметнува потреба од постојано следење и детаљна анализа на најновите макроекономски движења, заради навремено прилагодување на монетарната политика.
На денешната седница, Советот на Народната банка ја усвои и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за управувањето со ликвидносниот ризик на банките. Имајќи ги предвид тековните случувања на меѓународните финансиски пазари и големата неизвесност во однос на идните настани во евро-зоната, со оваа одлука се врши заострување на барањата во однос на квалитетот на ликвидната актива за потребите на пресметката на стапките на ликвидност. Така, во утврдувањето на стапките на ликвидност можат да се вклучат само побарувањата од странските банки со инвестициски кредитен рејтинг од најмалку БББ- (согласно со рејтингот на „Стандард и Пурс“) или Баа3 (согласно со рејтингот на „Мудис“), за разлика од досегашната одлука според која во утврдувањето на стапките на ликвидност се вклучуваа побарувањата од сите странски банки без разлика на кредитниот рејтинг. Овие измени ќе се применуваат од 01.03.2012 година.
Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.