Скопје, 24.08.2009 година
СД бр. 382
Врз основа на член 68 од Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на РМ" бр. 3/02, 51/03, 85/03, 40/04, 61/05 и 129/06), член 57 став 1 точка 9, член 154 став 1 точка 9 и став 3, член 168 точка 1, член 169 и член 172 од Законот за банките („Службен весник на РМ" бр. 67/2007 и 90/2009), гувернерот на Народната банка на Република Македонија донесе
Решение
1. Се издава претходна согласност за престанување со работа на „Штедилница Инко" ДОО Скопје.
2. Дозволата за основање на „Штедилница Инко" ДОО Скопје, издадена со Решението на Советот на Народната банка на Република Македонија бр. 02-15/XXI-5/93 од 29.11.1993 година, се укинува.
3. Се утврдува дека се исполнети условите за спроведување на ликвидациска постапка на „Штедилница Инко" ДОО Скопје.
4. Од денот на донесувањето на ова Решение, до денот на уписот на ликвидаторот во трговскиот регистар, „Штедилница Инко" ДОО Скопје треба да престане со извршувањето на сите активности, освен со наплатата на побарувањата.
Образложение
На 24.07.2009 година, „Штедилница Инко" ДОО Скопје (понатаму во текстот: Штедилницата), го достави Барањето бр. 02-145/1 до Народната банка на Република Македонија за добивање претходна согласност за престанување со работа и спроведување на ликвидациска постапка. Кон Барањето е доставена документацијата определена во член 169 од Законот за банките и документацијата доставена од Штедилницата, по барање на Народната банка.
Со Решението на Советот на Народната банка на Република Македонија бр. 02-15/XXI-5/93 од 29.11.1993 година, е издадена дозвола за основање на Штедилницата.
Во поглед на причините за донесената одлука за престанување со работа на Штедилницата, во поднесеното Барање се наведува дека во последната година дошло до влошување на резултатите од работењето на Штедилницата, односно значително се зголемиле износите на ненаплатените кредити, како и пласманите со несоодветни обезбедувања, а дошло и до повлекување на депозитите од Штедилницата и нивниот износ само во првата половина од 2009 година е намален за 50%. Како една од причините за одлуката за престанување со работа на Штедилницата се наведува кражбата извршена во Штедилницата на 26.05.2009 година, при што бил украден златен накит депониран како гаранција за кредити дадени од страна на Штедилницата.
Понатаму, во Барањето е наведено дека со оглед на тоа што Штедилницата реално не ја извршува својата активна функција, туку врши само наплата на побарувањата и исплата на доверителите, загубата во работењето се зголемува, поради што Штедилницата бара од Народната банка да донесе решение за спроведување ликвидациска постапка.
Кон Барањето се доставени и предликвидацискиот биланс на Штедилницата, со состојба на 30.06.2009 година и процена за висината на средствата коишто ќе останат по завршувањето на постапката за ликвидација на Штедилницата.
Врз основа на документацијата којашто, по барање на Народната банка, беше доставена од Штедилницата на 12.08.2009 година, како и со непосредната контрола извршена во Штедилницата на 17.08. и 18.08.2009 година, се утврди следново:
На 26.05.2009 година, е извршена тешка кражба во просториите на Штедилницата, при што е одземен златен накит депониран како обезбедување за дадени кредити и девизи. Според Потврдата од Министерството за внатрешни работи, издадена по барање на оштетениот сопственик на Штедилницата на 18.06.2009 година, помеѓу останатите работи, при кражбата е украден златен накит, девизи, како и метална каса, а сторителот се стекнал со противправна имотна корист од 13.424.410,00 денари.
Споменатиот златен накит и девизи, коишто се предмет на кражбата, биле депонирани во Штедилницата како обезбедување за одобрени кредити на вкупно 354 лица, во периодот од 04.06.2007 година до денот на кражбата на 26.05.2009 година. Со оглед на тоа што при кражбата е украдена и металната каса каде што се чувал дел од златниот накит, украдени се и процените и спецификацијата на накитот.
Меѓутоа, од увидот во договорите за потрошувачки кредит склучувани помеѓу Штедилницата и клиентите, се утврдува дека во нив е наведен и износот на проценетата вредност на златниот накит или износот на девизите депонирани кај Штедилницата како обезбедување за кредитот.
Штедилницата ја извести Народната банка дека по извршениот попис, ги известила сопствениците чиј златен накит и девизи биле украдени и им понудила склучување спогодби за затворање на кредитите обезбедени со накитот и девизите. Според доставениот Преглед, заклучно со 11.08.2009 година, се склучени 94 такви спогодби со Штедилницата.
Според известувањето доставено од Штедилницата, заклучно со 12.08.2009 година, против неа не е поведен судски спор и не е добиена тужба од страна на сопствениците на украденото злато.
Со непосредната контрола во Штедилницата, извршена на 17.08.-18.08.2009 година, со состојба на 31.07.2009 година, се утврдува следново:
Вкупниот износ на украденото обезбедување (злато и девизи) изнесува 13.295 илјади денари. До денот на контролата, Штедилницата склучила спогодби со дел од комитентите за надоместување на украденото обезбедување со обврските врз основа на кредит, во вкупен износ од 2.577 илјади денари.
Билансот на Штедилницата на ден 31.07.2009 година е следниов:
во 000 денари
АКТИВА |
31.07.09 |
ПАСИВА |
31.07.09 |
Парични средства |
2.019 |
Депозити од население |
13.306 |
Бруто-пласмани |
49.448 |
Останата пасива |
682 |
Исправка на вредноста на пласманите |
17.635 |
Вкупно билансни обврски |
13.988 |
Останата актива |
212 |
Разлика меѓу проценетата вредност на украденото злато депонирано како |
|
Нематеријални средства |
715 |
обезбедување и обврските за кредит |
1.649 |
Основни средства |
166 |
Вкупно обврски (билансни и вонбилансна разлика) |
15.603 |
ВКУПНА АКТИВА (нето) |
34.925 |
НЕТО-ВРЕДНОСТ |
19.322 |
Вкупна актива (бруто) 52.560
Од наведениот Биланс на состојбата се утврдува дека, со состојба на 31.07.2009 година, нето-вредноста на Штедилницата изнесува 19.322 илјади денари.
Најголем дел од активата се однесува на пласманите кај физички лица, коишто на бруто-основа изнесуваат 49.448 илјади денари, од кои 30.356 илјади денари се сомнителни и спорни пласмани, 18.754 илјади денари се редовни недостасани кредити и каматата изнесува 337 илјади денари. За вкупниот износ на кредитите за кои обезбедувањето во злато и девизи е украдено, Штедилницата извршила исправка на вредноста, односно сите комитенти се пренесени на сметките за сомнителни и спорни побарувања и класифицирани во категоријата на ризик „Д". Останатата актива се однесува на побарувањата за повеќе платени даноци во износ од 163 илјади денари и побарувањата од куќен совет во износ од 49 илјади денари.
Штедилницата има обврски за депозити на население во износ од 13.306 илјади денари во кој е вклучена и каматата. Исто така, Штедилницата има и обврски во износ од 682 илјади денари, којшто се однесува на обврските кон снабдувачи во износ од 211 илјади денари, обврските за надомест на содружниците во износ од 147 илјади денари, неплатената кирија за деловен простор во износ од 62 илјади денари, надоместот за ревизор во износ од 13 илјади денари, како и обврските врз основа на камати за кредити во износ од 126 илјади денари и обврските за плати даноци и придонеси во износ од 123 илјади денари.
Како обврска на Штедилницата е наведена и разликата помеѓу проценетата вредност на украденото злато депонирано како обезбедување (според процените наведени во договорите за кредит) и обврските за кредит, којашто на 31.07.2009 година изнесува 1.649 илјади денари.
На овој начин утврдените вкупни обврски на Штедилницата изнесуваат 15.603 илјади денари, од што произлегува дека нето-вредноста на Штедилницата изнесува 19.322 илјади денари.
Вкупниот износ на целокупното обезбедување за кредитите во Штедилницата изнесува 89.958 илјади денари, од кои 78.809 илјади денари се однесуваат на обезбедување со хипотеки, меници, административна забрана, залог, девизи и злато што не се украдени, а 11.149 илјади денари се однесуваат на украденото обезбедување во злато и девизи.
По разгледувањето на доставената документација се оцени дека Барањето е во согласност со член 169 од Законот за банките, поради што се одлучи како во точка 1 од диспозитивот на ова Решение.
Имајќи предвид дека, врз основа на расположливата документација во Штедилницата, вклучувајќи ја и проценетата вредност на украдениот златен накит евидентирана во договорите за кредит, имотот на Штедилницата е доволен за намирување на долговите кон доверителите на Штедилницата, се оцени дека се исполнети условите за спроведување на ликвидациската постапка на Штедилницата и укинување на дозволата за основање, поради што се одлучи како во точка 3 од диспозитивот на ова Решение.
Врз основа на член 154, став 1, точка 9 и став 3 од Законот за банките се одлучи како во точките 2 и 4 од диспозитивот на ова Решение.
ПРАВНА ПОУКА:
Незадоволната страна може да поднесе
тужба до надлежниот суд
за решавање управни спорови,
во рок од 30 дена по приемот на
Решението
м-р Петар Гошев
гувернер