Промоција на златник - 60 години АСНОМ, 30.07.2004 година
Драги пријатели!
Во понеделник, за неполни три дни, нe стасува, нe бележи и го одбележуваме 60-от Втори Aвгуст откако пред толку години е конституиран највисокиот државен орган на власта во поновата историја на македонскиот народ, познат како АСНОМ.
Како што се знае и памети, на тој ден се собрале народните "претставители, без разлика на народност, вероисповедание, пол, раса и политичко партиска припадност, кои се дали доказателство, оти ја прифаќаат борбата за самостојателност и слобода на народот на Македонија и народно-ослободителната борба на сите останати народи во Југославија, а покрај това се непомирливи непријатели на окупаторот и неговите помагачи" (чл. 3 од Решението на АСНОМ).
Се собрале и го започнале конституирањето на државата-сонот на илјадници нивни претходници. Се собрале и ги обзнаниле основните права на граѓанинот на демократска Македонија-темелни одредници врз кои ќе се гради новата држава, а меѓу кои: (цитирам од усвоената Декларација)
1. Сите граѓани на федералната македонска држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи нивната народност, пол, раса и вероисповедание;
2. На секој граѓанин му е гарантирана сигурноста за личноста и имотот, загарантирано е правото на сопственост и часната иницијатива во стопанскиот живот;
3. На секој граѓанин му е загарантирана слободата на вероисповеданието и слободата на совеста;
4. На сите граѓани им се гарантира слободата на говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на дружението;
5. Правото да избираат и да бидат избирани во сите изборни тела во народната власт и т.н.
Од тогаш, до денес, не одело и не одеше сi така како што било запишано. Имало и “по еднакви” и “многу по еднакви” пред законите. Имало и имаше искривоколчено, злоупотребено право на правото за слобода на совеста, на правото на договорот и слободата на здружувањето. Имало и имаше груба злоупотреба и апсолутна негација на правото на сопственост и правото на часната (приватната) иницијатива во стопанскиот живот. Има многу што било ветено, а не е остварено. Но, земјата се развиваше, сепак. До кулминацијата на кризата на доскорешниот систем, Македонија растеше како идентитет. Чувството на гордост и не само чувството, туку и стварноста за тоа дека се имаат свои институции, национална слобода - после децении и столетија поробувања, окупации, угнетувања, беше далеку над незадоволството од помалите и поголемите скршнувања, отстапувања и негации од запишаното и пред малку цитирано од Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија. Затоа во сите изминати децении растеше чувството за заедништво, чувството за соживот. Можевме со голема самодоверба да кажеме: Ние, Нашата татковина, Нашето општество.
Затоа 8-септември 1991-та беше барем навидум, така лесно можен. Имаше и носталгија, кај мнозина, поради распаѓањето на поранешната СФРЈ, имаше и еуфорија и егзалтација од враќањето на дотогаш делегираните функции врз Федерацијата - еуфорија и егзалтација од чинот на градењето на сосема самостојна држава, самостојна членка на О.Н. Држава со сите "нишани", односно со сите атрибути. Затоа, радост се разлеваше по повод конституирањето на првиот плуралистички Парламент. Затоа, песни се пееја и ора се виеја во доцните ноќни часови на 8-ми септември. Блештеа фотоапарати, се кошкаа камермани, новинари на денот на воведувањето на сопствените пари, на денот на промоцијата на својата, самостојна армија. Се чинеше дека експлодира нашиот национален и државен идентитет, без оглед на тоа што некои етнички заедници тогаш го почувствуваа моментот за внатрешна меѓуетничка прераспределба на колективната моќ и влијание.
Тие денови, тие години, таа подлога, таа потпора, тоа наше членство во О.Н., во ММФ, СТО и т.н., тоа наше денешно со право дрзнување експлицитно да побараме рамноправно членство во НАТО и ЕУ, не ќе беа можни без многу знајни и незнајни јунаци низ нашите вековни премрежија. Посебно не ќе беа можни без АСНОМ и АСНОМ-ците. Без тие кои ја "прифатиле борбата за самостојателност и слобода на народот на Македонија и кои покрај тоа се непомирливи непријатели на окупаторот и неговите помагачи". Ним, во Нивна чест, за Нивна слава, за слава на Нивниот победнички дух, за Нивната државотворна истрајност, за Нивна вечнаја памја, за вечноста на Нивното дело, го исковавме овој јубилеен златник. На аверсот е панорамската претстава на дел од манастирот Свети Отец Прохор Пчински и неговите конаци-местото каде што тие ги донесоа историските одлуки. Местото што дури и денес една заробена свест, антиасномска, антицивилизациска ни попречува да го посетуваме. И, се разбира, спротивно на очекувањата на таквата свест, и местото и настанот добиваат сe повеќе во својата возбудливост и историска магичност.
На реверсот на златникот, во самиот центар, е илустрирана корицата од Манифестот на АСНОМ. И не е важно колку тој златник тежи. За АСНОМЦИТЕ, за тоа остварување, важно е колку ние, денешниве генерации тежиме. Колку тежи нашата способност да го одбраниме АСНОМ и да го развиеме сместувајќи се во сегашноста и иднината како нација и држава-константа, како народ способен да бие бој и добие бој за живот на своите граѓани не помалку добар од тие што најдобро можат. И пред АСНОМ и по АСНОМ до денешни дни, едно е кристално јасно. Да се згреши во изборот на системот и внатрешното уредување-исправливо е. Да се згреши во одбраната на својата земја, во критични мигови да се наруши одбрамбената супстанца-неисправливо е.
Верувам дека имаме АСНОМСКА сила и дека со тоа имаме иднина. Верувам дека ќе имаме сила и ум, или би рекол, ако може, умна храброст, да им оддолееме на сите и денешни и идни искушенија: преку перманентниот напредок на човековите права и можниот, одамна очекуван економски напредок да ги зголемиме нашите индивидуални и државни остварувања. Да докажеме дека нi бива за културен натпревар со сите и дека местото ни е меѓу најдобрите. Народната банка ќе го штити АСНОМСКИОТ дух и ќе биде банка подеднакво во интерес на сите граѓани. Пред сe, преку стабилна валута и ниска инфлација. А, што се однесува до златникот, Ви препорачувам - купете го. Не е секоја година шест децениски јубилеј и нема ијадници такви златници. Има само петстотини - во согласност со ретката храброст на АСНОМЦИТЕ.
И благодарам на Билјана Унковска за дизајнот и на "Голдмак" за изработката. Ви благодарам што одлучивте и вечерва да бидеме заедно.
м-р Петар Гошев
гувернер