Народната банка на Република Македонија (НБРМ) ја приспособува поставеноста на монетарната политика, за да обезбеди одржување на ценовната стабилност, како законски дефинирана основна монетарна цел. За остварувањето на основната цел, НБРМ применува монетарна стратегија на таргетирање на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Освен за ценовната стабилност, НБРМ води грижа и за одржувањето на финансиската стабилност во земјата, како втора законска цел, подредена на примарната. Тоа значи дека при дефинирањето и носењето на монетарните мерки, НБРМ настојува тие да придонесуваат и за одржување на стабилен и конкурентен финансиски систем ориентиран кон пазарот. НБРМ ја поддржува и општата економска политика без да го загрози остварувањето на примарната цел и во согласност со принципот на отворена пазарна економија со слободна конкуренција.
Заради остварување на монетарните цели, НБРМ располага со различни инструменти за монетарно регулирање. Основен и најзначаен инструмент на монетарната политика на НБРМ претставува основната каматна стапка на НБРМ, а тоа е каматната стапка на благајничките записи на НБРМ. НБРМ носи одлуки за нивото на основната каматна стапка на редовна месечна основа. Тоа значи дека НБРМ, на редовна месечна основа, ги анализира последните расположливи податоци за клучните макроекономски и финансиски показатели и нивното значење во контекст на тековните макроекономски проекции. Исто така, ги преоценува ризиците и веројатноста за нивно остварување и врз основа на сите овие информации, носи оценка за влијанијата врз поставеноста на монетарната политика.
Одлуките за нивото на основната каматна стапка се објавуваат преку соопштение за јавноста на интернет-страницата на НБРМ. Соопштението содржи краток систематизиран преглед на клучните фактори и размислувања што биле земени предвид при носењето на конкретната одлука. Подетаљни информации за видувањата и оценките на НБРМ поврзани со процесот на носење на монетарните одлуки, може да се најдат во рамки на два различни извештаи, Кварталниот извештај на НБРМ и Најновите макроекономски показатели - Преглед на тековната состојба. Анализите презентирани во овие два извештаи ја формираат основата на информации што се користат при носењето на монетарните одлуки, а се јавно објавени на увид на пошироката јавност. Со нивното објавување, НБРМ настојува да придонесе за полесно разбирање на процесот на носење на монетарните одлуки од страна на пошироката јавност, поефикасно следење и оценка на остварувањата на монетарната политика и поефективна монетарна трансмисија. Кварталниот извештај се подготвува и се објавува четирипати во годината. Кварталниот извештај содржи анализа на најновите макроекономски движења, ја обработува поставеноста на монетарната политика во соодветниот квартал и факторите што влијаеле врз неа, а вклучува и прилози со анализи посветени на актуелни теми од областа на макроекономијата, финансиите и монетарната политика. Клучен и носечки елемент на Извештајот се макроекономските проекции, како значајна алатка во процесот на носење на монетарните одлуки. За останатите осум состаноци на коишто се разгледува поставеноста на монетарната политика во текот на една календарска година, се подготвува и се објавува извештајот Најнови макроекономски показатели - Преглед на тековната состојба. Овој извештај ги анализира најновите информации за макроекономските остварувања во земјата и во странство и нивните влијанија врз оценетиот макроекономски амбиент, согласно со последниот циклус на макроекономски проекции, како и врз поставеноста на монетарната политика на НБРМ. Во процесот на монетарно одлучување, НБРМ користи и повеќе други дополнителни анализи и извештаи, коишто се од интерен карактер и редовно се подготвуваат за потребите на НБРМ.