Скопје, 22.08.2012 година
Програма на истражувачката дејност во периодот 2013 - 2015 година
Истражувачката дејност на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) во периодот 2013 - 2015 година ќе биде насочена кон области коишто се од значење за остварувањето на нејзините основни и други цели и главно, зајакнување на институционалниот капацитет. Основна законска цел на НБРМ е ценовната стабилност, додека нејзините други цели, подредени на основната цел, се да придонесува кон одржување стабилен и конкурентен финансиски систем ориентиран кон пазарот и да го поддржува развојот на отворена пазарна економија со слободна конкуренција. Истражувањата предвидени за следниот тригодишен период треба да му дадат поддршка на процесот на одлучување, да придонесат за поуспешно функционирање на НБРМ и соочување со идните предизвици. Воедно, предвидените истражувања и анализи треба да придонесат кон натамошно осовременување на работењето во НБРМ и подготовка за идното учество во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ). Програмата за истражувачката дејност во периодот 2013 - 2015 година, ги дефинира приоритетните области за истражување, но не ја исклучува можноста и за други истражувања доколку тие се наметнат како потреба.
Истражувањата во следниот тригодишен период се групирани во одделни области коишто вклучуваат остварување на еден или повеќе одделни проекти. Станува збор за следниве основни области:
1. Монетарна политика;
2. Интеракции меѓу основните макроекономски сектори;
3. Макроекономско моделирање и развивање квантитативни истражувачки техники;
4. Финансиска стабилност и банкарски систем;
5. Истражувања во областа на евроинтеграциите;
6. Останати области.
Во продолжение е дадено подетаљно образложение на опфатот на одделните истражувачки области.
1. Монетарна политика
Монетарна политика и стратегија и монетарна трансмисија
Основна задача на централната банка е водењето на монетарната политика. Остварувањето на монетарните цели претпоставува разбирање и функционалност на каналите на монетарна трансмисија. Во тој контекст неопходно е да се обезбеди континуитет на истражувањата во доменот на оценката на јачината и брзината на трансмисија на монетарните сигнали до економската активност и инфлацијата. Ова подразбира оцена на промените во веќе емпириски истражените канали на монетарната трансмисија, како и истражувања во доменот на досега неоценети канали на пренос на монетарните сигнали. Промените во доменот на монетарната трансмисија може да бидат предизвикани од различни фактори, како што се глобализацијата, структурните промени во економијата, па дури и промените во самиот монетарен инструментариум. Стратегијата на „de facto“ фиксен девизен курс на денарот наметнува потреба за НБРМ и во следниот период да прави оценка на рамнотежното ниво на девизниот курс, применувајќи ги тековните пристапи, но и преку воведување нови техники и концепти за анализа. Исто така, потребна е постојана оценка на правилото на монетарна политика и начинот за негово утврдување, преку изготвување анализи за адекватното ниво на девизни резерви, како главна монетарна оперативна цел.
Статистичките податоци претставуваат основа за следење на движењата во економијата и за носење одлуки во секојдневното работење. Оттука, анализите за подобрување на квалитетот на статистиките се од огромно значење за носителите на макроекономските политики. Од доменот на платнобилансната статистика, приоритетна област за истражување ќе бидат приватните трансфери. Притоа, врз основа на спроведена анкета за приватните трансфери, ќе се направи анализа и оценка на изворите на овие приливи, како и предлози за начинот на нивното евидентирање во платнобилансната статистика. Посебна област за анализа е и извозната активност на домашните субјекти во услужниот сектор, со цел да се даде оценка на постојните извори на податоци и да се согледа можниот придонес на извозот на услуги за подобрување на платнобилансната позиција на земјата.
Монетарни операции и управување со девизните резерви
Во наредниот тригодишен период во доменот на оперативното спроведување на монетарната политика се планираат активности за зголемување на прецизноста на проекциите на готовите на пари во оптек, коишто претставуваат влезна компонента во процесот на планирање на ликвидноста на банкарскиот систем. Промените во домашната економија, развојот на финансиските пазари, како и промените во меѓународното окружување имаат соодветно влијание врз поставеноста на монетарните инструменти и условите за управување со девизните резерви. Следствено, во оваа област се планира изработка на анализи коишто ќе бидат поврзани со поставеноста на монетарните инструменти на НБРМ. Целта на овие анализи е да овозможат приспособување на монетарниот инструментариум согласно со макроекономските движења во економијата и најновите трендови во развиените економии и економиите со слично макроекономско окружување за спроведување на монетарната политика. Воедно, ќе се изработуваат анализи за движењата на финансиските пазари во земјата. Целта на овие анализи е следење и унапредување на развојот на финансиските пазари во Република Македонија, а особено на пазарот на пари, како значаен посредник во преносот на сигналите на монетарната политика до банкарскиот систем. Преку изработка на анализи за движењата и интервенциите на НБРМ на девизниот пазар ќе се овозможи следење и унапредување на развојот на девизниот пазар, а особено меѓубанкарскиот сегмент, на кој се спроведуваат интервенциите на НБРМ. Анализите за управувањето со девизните резерви на Република Македонија имаат за цел да го унапредат процесот и да ја зголемат флексибилноста при управувањето со девизните резерви. Редовно следење на случувањата на меѓународните финансиски пазари е неопходен предуслов за носење одлуки за инвестирање на девизните резерви во безбедни, ликвидни и приносни инструменти.
Комуникација и транспарентност во доменот на монетарната политика
Очекувањата на економските субјекти претставуваат битна алка во процесот на монетарна трансмисија. Притоа, начинот на комуникација и степенот на транспарентност на централната банка може да има значајна улога во формирањето на очекувањата на економските субјекти и со тоа, да има критична улога во ефективноста на исполнувањето на монетарните цели. Од тие причини, централните банки во поразвиените економии посветуваат големо внимание на унапредување на комуникацијата и зголемување на транспарентноста, сѐ со цел да се зголеми ефективноста на монетарната трансмисија. Воедно, во последно време големо внимание се посветува на оцената на ефектите од промената на начините на комуникацијата на централните банки врз ефективноста на политиката. Истражувањата главно се однесуваат на два сегмента. Првиот претставува оцена на ефектот од комуникацијата врз очекувањата на финансиските пазари. Доколку успешно се делува врз очекувањата, во тој случај монетарните одлуки се поефективни. Вториот сегмент претставува оцена на ефектите од различните начини на комуникација врз економските остварувања. Имајќи го предвид значењето на комуникацијата за ефективноста на монетарната политика, таа претставува потенцијално поле за аналитичко-истражувачка активност. На почетокот, активностите во овој домен би можеле да значат систематска анализа на искуствата на централните банки во доменот на комуникацијата, начините на комуникација и ефектите, како и идентификување сегменти во комуникацијата на НБРМ коишто можат да се унапредат.
2. Интеракции меѓу основните макроекономски сектори
Колку брзо и силно ќе се пренесат монетарните сигнали во голема мера зависи од структурните карактеристики на економијата. Оттука, како приоритетна област се наметнуваат емпириските истражувања во доменот на реалната економија. Во тој контекст, пазарот на труд претставува еден од клучните макроекономски сегменти, од чиешто однесување во голема мера ќе зависи и ефективноста на преземените промени во политиките. Структурата на пазарот на работна сила, понудата и побарувачката, институционалните ограничувања, флексибилноста на пазарот на труд се елементите на коишто може да им се посвети поголемо внимание. Оттука, како истражувачки проблеми се наметнуваат неколку подрачја, како анализата на институционалните карактеристики на пазарот на труд, емпириската оцена на детерминантите на платите во македонската економија, оцената на флексибилноста на пазарот на труд во македонската економија. Преку подоброто разбирање на функционирањето на пазарот на труд може да се добие слика за ригидностите во економијата, чиешто присуство значи посилна реакција на економијата на различни шокови, во отсуство на самокорективни механизми. Фискалната политика претставува дополнително подрачје, чиешто познавање е неопходно за оптимална монетарно-фискална координација. Во овој контекст, истражувањето на големината на ефектите на фискалната политика врз реалната економија, цикличното однесување на фискалната политика, одржливоста на јавните финансии се дел од битните истражувачки проблеми. Во контекст на реалната економија и последната глобална финансиска криза, како приоритетно подрачје за истражување се и каналите и интензитетот на надворешните шокови врз домашната реална економија. На ваков начин, при евентуална појава на нови шокови, полесно би можела да се предвиди реакцијата на економијата и да се осмислат политиките за апсорбирање или ублажување на последиците. Во делот за надворешната задолженост на домашната економија, прашањето за одржливоста на надворешниот долг исто така се наметнува како приоритетна област за истражување.
Воспоставувањето на статистиката на финансиски сметки како нова макроекономска статистика е од посебно значење за подобро согледување на движењата на паричните текови помеѓу домашните сектори во економијата. Во овој контекст, ќе се спроведат повеќе анализи за совладување на одредени методолошки прашања заради изградба на статистиката на финансиски сметки во НБРМ (паралели помеѓу европскиот систем на сметки ЕСА 95 и домашните сметководствени стандарди, начините на изведување на финансиските состојби и текови за секторот „нефинансиски трговски друштва“, начините на балансирање на капиталните и финансиските сметки во рамки на системот на национални сметки, можностите за усогласување на кварталните со годишните извори на податоци, можностите за примена на проценки за одредени недостапни податоци и сл.). Воспоставувањето на финансиската статистика е во прилог на подобро разбирање на интеракциите помеѓу институционалните сектори во финансирањето на нивните активности.
3. Макроекономско моделирање и развивање на квантитативни истражувачки техники
Добивањето одговори на некои од претходно поставените прашања, или пак извршувањето на тековните аналитички и проектирачки активности во НБРМ не е возможно без постоењето на различни видови модели коишто ја објаснуваат македонската економија. Структурниот модел за анализа на политиките МАКПАМ е основниот модел за проектирање којшто го користи НБРМ. Сепак, постојаните промени во економијата, како и развојот на нови економетриски пристапи и техники наметнуваат потреба од негово постојано ажурирање и унапредување, активности коишто ќе бидат во фокусот на истражувачките активности и во иднина. Покрај усовршувањето на тековниот модел, НБРМ треба да преземе активности за подготовка на диверзифицирано портфолио на модели за донесување монетарни одлуки. Развојот на нов, пософистициран модел за монетарната политика поставен на микрофундаменти, односно на т.н. ДСГЕ-модел (динамички стохастичен модел на општа рамнотежа), е еден од пристапите со кој би се збогатила аналитичката рамка на НБРМ. Активностите околу запознавањето со ДСГЕ-методологијата и техниката за градење на овие модели, освен за монетарни проекции, би се користеле и за голем број истражувачки проекти. Друго поле на кое треба да му се посвети НБРМ во следниот период е примената на специфични економетриски техники, како што се т.н. пристапи на Бајезијан, наменети за кратки временски серии и структурни промени. Имајќи го предвид динамичниот карактер на истражувачката работа, за следниот период би се очекувало развој на нови економетриски пристапи и техники. НБРМ проучувајќи ги новините ќе одлучи кои техники ќе бидат применети во портфолиото на модели и со која временска динамика.
4. Финансиска стабилност и банкарски систем
Финансиска стабилност
Во доменот на финансиската стабилност, oсновна цел ќе биде унапредувањето на анализите на стабилноста на банкарскиот сектор и создавањето услови за проекција на идните движења на одделни категории од билансите на банките. Една од клучните истражувачки области ќе биде развојот на модели за потребите на финансиската стабилност. Оваа активност би требало да претставува рамка којашто би опфатила различни сателитски економетриски модели, каде што како зависни варијабли би се јавиле различни показатели за работењето на банките и нивната изложеност на одредени ризици (модел за нефункционални кредити - одделно за населението и претпријатијата, модел за РООА или за нето каматни приходи, модел за кредити итн.). По развивањето на овие сателитски модели, ќе се изработи методологијата за макрострес-тестирање, којашто ќе ја содржи рамката за стрес-тестирање, со посебен акцент на начинот на меѓусебно поврзување на развиените сателитски модели. Дополнително, една од можните истражувачки области ќе биде развивање техники за предвидување на променливоста на берзанските индекси.
Последната светска криза, во голема мера, беше предизвикана од дисторзии во финансискиот систем, коишто понатаму се пренесоа во реалниот сектор на економијата. Движењата во глобалната економија во последниве години укажуваат на евентуални негативни повратни ефекти од реалниот врз финансискиот систем, но и сѐ уште присутни ризици за реалниот сектор на економијата од процесот на закрепнување на финансискиот систем. Согласно со ваквите трендови, една од главните точки на интерес е врската помеѓу макроекономските категории и финансискиот систем. Ова наметнува потреба од дефинирање пред сe на проекти за оцена на влијанието и каналите на пренос на ефектите од економскиот циклус врз растот и стабилноста на финансискиот систем, како и за оцена на обратната врска. Доброто познавање на повратната спрега помеѓу реалната економија и финансискиот систем е клучна за монетарната политика, со оглед на тоа што тоа се двете битни алки во монетарната трансмисија. Во овие рамки, значаен сегмент од интерес за НБРМ е и влијанието на инструментите на монетарната политика врз финансиската стабилност. Во овој сегмент емпириски ќе се испитаат ефектите врз финансиската стабилност од преземените мерки на монетарната политика на централната банка.
Банкарски систем
Анализите од доменот на функционирањето на банкарскиот систем се насочени кон разработка на значајни прашања од банкарското работење, коишто треба да послужат како основа за донесување одлуки во процесот на осмислување на политиките и регулативата. Една од позначајните истражувачки теми во оваа област е анализа на имотот преземен од страна на банките (обезбедувањето) за наплата на побарувањата, рокот којшто поминува до неговата продажба, постигнатата цена во однос на онаа која е сметководствено евидентирана. Целта е да се согледаат очекуваните ефекти врз билансот на успех на банките од преземените и од идните преземања и продажбата на овој имот, како и ефектите од евентуално намалување на нивната пазарна цена значително под вредноста евидентирана во билансите на банките. Во рамки на истражувањата за конкурентноста во банкарскиот систем, ќе се опфатат веќе користените индекси за мерење на конкурентноста, но истражувањето ќе се прошири и со други индекси и модификации на постојните индекси од аспект на факторските трошоци коишто ги примениле други истражувања. Целта на ова истражување, покрај мерењето на степенот на конкуренција во банкарскиот систем, е да се опфатат и ефектите врз каматниот распон, односно каматните стапки, посредувањето и други варијабли. Едно од можните прашања за анализа се можностите за привлекувањето штедни влогови од странски лица во домашните банки, коешто може да претставува значаен канал за зголемување на домашниот депозитен потенцијал. Истражувањето би се фокусирало на привлечноста на домашната валута и домашните каматни стапки за странските штедачи.
Макропрудентната регулатива
Меѓу клучните прашања во доменот на макропрудентната регулатива е изработката на детаљна анализа на новите Базелски стандарди за потребниот капитал и ликвидноста, како и утврдување на можностите за нивна примена и ефектите од неа во Република Македонија. Ова истражување претпоставува утврдување на структурата на показателите, прибирање на потребните информации и податоци од банките и утврдување на ефектите од воведувањето на овие стандарди во Република Македонија. Воедно, почнувајќи од 2013 година ќе се направи истражување (самооценување) за степенот на усогласеност на банкарската супервизија со ревидираните Базелски принципи за ефикасна банкарска супервизија. Се очекува дека финалната верзија на овие принципи ќе се објави во текот на 2012 година (принципите беа на јавна расправа до 20.3.2012 година). Оваа самооценка ќе ги покаже евентуалните недостатоци во банкарската регулативата и супервизија во споредба со посочените принципи.
Во рамки на анализите од областа на макропрудентната регулатива ќе се спроведат и анализи за подготвување методологија за утврдување системски важна банка. Целта е да се одредат показатели (големината, обемот и видот на активностите коишто ги врши банката, застапеноста на пазарот, поврзаноста со другите банки и финансиски институции итн.) преку кои ќе се утврдува системски важна банка (банки) во Република Македонија. Овие банки би биле предмет на посебно следење од страна на супервизијата.
5. Истражувања во областа на евроинтеграциите
Процесот на евроинтеграции наметнува низа предизвици пред институциите, вклучително и пред централната банка. Со оглед на комплексноста на прашањето и неговата сеопфатност, неопходни се детаљни анализи насочени кон одделни сегменти од работењето на централната банка и подготовка за идно членство во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ), како и анализи коишто третираат одделни барања или стандарди на ниво на ЕУ и нивните влијанија врз домашната економија.
Во рамки на оваа област посебно внимание ќе ѝ се посвети на улогата и учеството на централните банки во процесот на преговори за членство во ЕУ. Притоа, ќе се изготви компаративна анализа на искуствата на централните банки од одделни земји во Централна и Источна Европа поврзани со текот и структурата на преговорите, нивното траење, дефинирање на преговарачките позиции, потребата од транзициски периоди, најголемите предизвици од аспект на централната банка за членство во ЕСЦБ. Понатаму, ќе продолжат анализите на европското законодавство и на можностите за негово вградување во националното законодавство и примена од страна на НБРМ (дефинирање на обврските, финансиските последици, потребните ресурси, ефектите од примената и сл.). Овие анализи ќе бидат во фокусот на интерес и на техничката помош од ЕЦБ (проектот за „Оценка на потребите“, за кој се очекува дека ќе започне во втората половина на 2012 година). Врз овие основи, ќе се дадат препораки за ефикасно и ефективно учество на НБРМ во преговарачкиот процес и исполнувањето на обврските коишто произлегуваат од членството.
Посебно внимание ќе се посвети и на анализата на влијанието на супранационалните правила во ЕУ врз макроекономските политики во Република Македонија. Во овие рамки, ќе се изготви преглед на супранационалните правила во делот на макроекономските политики во рамките на ЕУ (Пакт за стабилност и раст, Фискален компакт и сл.) и ќе се изработи анализа на степенот на нивно исполнување во Република Македонија, оценка на можностите за целосна примена на правилата во Република Македонија (трошоци, потреба од структурни реформи, реална конвергенција и сл.). Исто така, ќе се продолжи со редовното ажурирање на анализите за степенот на исполнување на Мастришките критериуми.
Во овој контекст, на среден рок, предмет на анализа ќе бидат и предизвиците на националните централни банки во процесот на приклучување во Европската монетарна унија (ЕМУ), што претставува долгорочна цел на монетарната политика на НБРМ. Во овие рамки, ќе се изготви преглед на фазите низ кои поминуваат земјите-членки на ЕУ пред влезот во ЕМУ и компаративна анализа на искуството на дел од земјите-членки на ЕМУ коишто имаат слични карактеристики со Македонија. Воедно, ќе се изготви оценка на можностите на Македонија за членство во Европската монетарна унија.
6. Останати области
Анализа на билансите на централните банки
Последната финансиска и економска криза имаше соодветен одраз и врз монетарната политика и билансите на централните банки, поради што се наметнува потреба од анализа на билансите на централните банки од ЕУ и земјите од Југоисточна Европа, вклучително и на Република Македонија. Целта е да се согледаат трендовите кај основните ставки од билансите на централните банки и нивните ефекти врз работењето на централните банки. Посебно внимание би се посветило на анализата на капиталот, општите и посебните (ревалоризациски) резерви, нивните врски со другите средства и обврски, како и движењата на монетарните средства и обврски.
Анализи на одделни аспекти од централнобанкарското работење
Анализите во доменот на идниот развој на улогата на централните банки се од огромно значење за централнобанкарското работење. Во рамките на оваа тема ќе се направи истражување во однос на улогата на централните банки во посткризниот период и некои трендови коишто јасно најавуваат дека улогата на централните банки се менува. Унапредувањето на правната рамка со која се регулираат функциите на Народната банка е една од нејзините стратешки цели. Компаративните анализи коишто ќе се направат во текот на истражувањето би можеле да послужат како основа за предлози и ставови во понатамошниот развој на улогата на Народната банка на Република Македонија. Анализата за улогата на НБРМ како активен субјект во борбата за спречување перење пари ќе се задржи околу улогата на НБРМ и местото во законодавството, како и засилувањето на авторитетот на највисоката монетарна институција во борбата за спречување перење пари. Во иднина, ќе се подготвуваат анализи и во делот на класифицираните информации во државата, со посебен осврт на класифицирањето на информациите на Народната банка на Република Македонија.
Нумизматика
Во областа на нумизматиката се планираат четири истражувачки проекти од областа на нумизматиката, монетарната и економската историја на Македонија, како и од областа на истражувачката и апликативната конзервација и заштита на културното наследство. Овие истражувања ќе бидат посветени на утврдувањето на присуството и циркулацијата на пари во Македонија во периодот од 1 до 5 век н.е., утврдувањето на нивото на монетизација на општеството во времето на првата македонска династија на територијата на Република Македонија, нова типологија на видовите пари издавани во периодот од 12 до 14 век на територијата на Македонија, како и на утврдувањето оптимални услови за чување на сребрените монети. Воедно, ќе бидат преземени мерки за продлабочување на истражувачките активности со домашни и странски институции коишто во својата работа вклучуваат проучувања во доменот на нумизматиката и монетарната историја.