По повод на одбележувањето на 10-годишнината од отворањето на Музејот на НБРМ
Поздравен говор на професор Вера Битракова, Музеј на НБРМ, 27.04.2012 година
По повод на одбележувањето на 10-годишнината од отворањето на Музејот на НБРМ
Почитувани гости, дами и господа,
Почитуван гувернере на Народната банка на РМ, Димитар Богов
Почитувани екселенции, академици, министри, професори, колеги.
Имам чест да Ви се обратам и да Ве поздравам на овој многу значаен ден кога се одбележува 20-годишниот јубилеј од монетарното осамостојување на РМ, кога се дава признание на особено успешното работење на Народната банка, во чии рамки делува и Нумизматичката збирка којашто со висока професионалност е создавана над десет години.
Често се вели дека културата, образованието, науката претставуваат столбови на општеството, но во оваа прилика очигледно е колку треба да се подвлече значењето и на економијата врз која се темели модерниот свет.
За да се оформи Нумизматичката збирка на Народната банка на РМ, којашто денес брои над 20.000 примероци на пари, беа потребни многу напори од професионалците, нумизматичари-археолози кои, пак, не ќе можеа да функционираат без големото разбирање за чувањето на културното наследство од Македонија, како неоценлива вредност, односно без неизмерливата поддршка на поранешниот гувернерот на банката проф. Љубе Трпески. Во 2002 година е отворена изложба на монетите од Збирката, коишто главно беа откривани на територијата на Македонија, а доаѓаа и од најдалечниот медитерански свет, како доказ за монетарната состојба на старите времиња, почнувајќи од антиката, преку средниот век, до отоманскиот период и тие претставуваат слика за широката трговија којашто не познава граници, што впрочем и денес е актуелна. Се сеќавам и сега на зборовите на проф. Трпески, искажани уште тогаш во 2001 год., по повод на Симпозиумот посветен на академик Ксенте Богоев и излегувањето на неколку публикации од областа на нумизматиката, финансиски поддржани од Банката, дека знае колку е тешко да се работи научна проблематика и дека затоа прави напори да ги поддржува овие потфати на младите. За среќа и потоа, колку што беше можно, беа поддржувани активностите на овој план на Отсекот за нумизматика, којшто по својата дејност денес може да се дефинира како еден научен нумизматички центар. Овој центар којшто функционира и како научен институт, институционално-правно е поддржан и од Министерството за култура, затоа што достојно ги чува и ги промовира трајните културно-историски вредности на нашата земја. Од страна на археолошката наука кај нас, како и надвор од земјата, делувањето на центарот е особено почитувано и високо вреднувано, за што придонесе публикувањето на голем дел од монетите откупени и чувани во Народната банка, било преку поединечни изданија, било преку одделни трудови обелоденети во списанија или презентирани на повеќе светски научни собири. Имав задоволство да ја следам активноста на екипата и на конзерваторски и на професионално-научен план, прво како мои студенти, а потоа и како колеги. Им честитам на ентузијазмот и успесите.
Дозволете сега да кажам неколку збора за новата изложба. По особеното залагање на екипата на Нумизматичката збирка, како и големата поддршка на Народната банка, последните години е зголемена колекцијата на монетите коишто се ковани во монетарниците во Македонија, или во оние коишто се наоѓале во империите кон кои Македонија била приклучена низ историјата.
Овој значаен фундус овозможи подготовка на една нова постојана поставка, низ која вредните истражувачи нѐ воведуваат систематски во историјата на Македонија, преку многу значајниот систем на функционирањето на општеството, големиот господар - монетата. Но монетите, изработени од метал, се извор од прв ред за познавањето на минатото и претставуваат релација со многу активности на човекот.
Авторите на изложбата нѐ воведуваат во пишаната историја на Македонија, преку монетите ковани од страна на пајонските племенски заедници, а подоцна и од нивните владетели кои ја населувале Македонија, од долината на Вардар до долината на Струма. За прв пат се излагаат многу ретките изданија на најраната парична размена на овие простори, од кои дел од примероците се откриени во последните десет години. Парите на античките Македонци ковани во времето на аргеадите и антигонидите, двете големи династии, како и изданијата на македонските градови, се претставени во изложбата со целиот свој сјај, среброто, златото, како и со високата уметничка изведба, креација на мајсторите на глиптиката на стариот свет. Тука, на крајот од монетарната историја на македонските владетели, е претставена монетарницата на Лихнид, денес Охрид, од 2 век пр. Хр., со симболите и на другите македонски градови како Пела, Амфиполис, на кои е илустриран штитот и незаобиколниот кораб, најмоќното средство за комуникација на тогашниот свет. Потоа, следат парите на новата политичка и економска сила - римската. Од крајот на 1 до почетокот на 3 век, градот Стоби којшто ќе претставува еден значаен политички и пред сѐ економски центар, мост на релацијата меѓу Тесалоника и Сирмиум, моќни градови на балканските римски провинции, ќе кова монети од повеќе императори. Од оваа монетарница до пред 15 години едвај да имаше дваесетина примероци во нашите музеи. Со лично залагање на нумизматичарите и од музеите и од Нумизматичката збирка на Банката, собрани се над 2500 монети од кои голем дел се изложени тука, покажувајќи ја активноста на монетарницата на Стоби.
Долгиот период на средновековието, во рамките на Византиската империја и другите државни творби, во Изложбата е претставен со богатата продукција на монети од злато, сребро, електрум, почнувајќи од Јустинијановото време до комнените и палеолозите. Особено место зазема времето на 14 век - времето на среброто - кога доминира продорот на монетите на моќната Венеција, одраз на трговијата со источниот јадрански брег и нејзиното влијание врз монетоковањето на српските владетели, како и на локалните господари во Македонија, Волкашин, Углеша, Марко и одново, монетарницата во Охрид со жупанот Гропа. За крај, се претставени и монетарниците во македонските градови Кратово, Скопје и Охрид во времето на Отоманската Империја. Целиот амбиент е придружен со илустрации на градовите од Р. Македонија низ вековите, со што се дополнува сведоштвото за минатото. За оваа особено вредна изложба, авторите изработиле извонреден каталог, така што изразот finis corona opus е најсоодветната оценка за целата оваа активност.
Почитувани, Ви благодарам на присуството, ја прогласувам Изложбата за отворена. Замолена сум од домаќините да соопштам дека по посетата на Изложбата, сте поканети на коктел во холот.