Меѓународен семинар организиран од Здружението на банкарство при Стопнаска комора на Македонија
Поздравен говор на гувернерот Димитар Богов на Меѓународен семинар организиран од Здружението на банкарство при Стопнаска комора на Македонија, 19.9.2011 година
Меѓународен семинар организиран од Здружението на банкарство при Стопнаска комора на Македонија
Почитувани дами и господа,
Ми претставува особена чест и задоволство да Ви се обратам на овој меѓународен семинар организиран од Здружението на банкарство на Република Македонија и воедно, во името на Народната банка, да Ви посакам добредојде во нашата земја и успешен тек на Семинарот.
Oфицијалниот прием на Здружението на банкарство во Европската банкарска федерација, како асоцијативна членка, e резултат на посветеноста на раководството на Здружението и особено на госпоѓа Пантучкова.
Примете ги моите искрени честитки и почит за ова Ваше постигнување.
Придобивките на Здружението на банкарство од членството во Европската банкарска федерација се несомнено многу значајни. Европската банкарска федерација претставува форум каде што се предлагаат и се разгледуваат иницијативи на нејзините членки и се обработуваат прашања од заеднички интерес за целокупниот европски банкарски сектор. Таа е вистински репрезент и глас на сите европски банки. Со цел да обезбеди искуството и погледите на банките да бидат земени предвид, Европската банкарска федерација одржува постојан дијалог со Европските институции при осмислувањето на политиките коишто се релевантни за работењето на банките, како што се, помеѓу другите, хармонизацијата на банкарската супервизија, усогласеноста со меѓународните сметководствени стандарди и други прашања. Европската банкарска федерација го поддржува процесот на европското обединување и ги претставува, ги брани и ги промовира интересите на земјите-членки. Активностите на федерацијата не се ограничени само во европски рамки. Тие опфаќаат и пошироки прашања од значење за сите европски банки во односите со нивните деловни партнери, како и во однос на регулаторните и надзорните органи во целиот свет.
Би сакал да ја искористам оваа прилика да ја истакнам досегашната одлична и исклучително конструктивна соработка на Народната банка и Здружението на банкарство. Особено би сакал да ги потенцирам тековните заеднички активности на Народната банка и Здружението на банкарство во следниве области:
- Соработката во изготвувањето на регулативата за адекватноста на капиталот на банките. Имено, Одлуката за измени и дополнувања на Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот е донесена на почетокот на 2009 година, со која се предвидува обврска за банките, почнувајќи од 31.12.2011 година, да утврдуваат соодветен износ на капитал потребен за покривање на оперативниот ризик. На иницијатива на Народната банка, во март 2010 година, во рамките на Комисијата за ризици при Здружението за банкарство, беше формирана работна група од претставници од пет банки, којашто работеше на изработка на методологија за следење на оперативниот ризик, односно методологија за соодветна поделба на работењето на осум деловни линии и за евидентирање на сите приходи и расходи по одделните деловни линии. Оваа методологија ќе претставува соодветна основа за изготвувањето на Упатството за спроведување на Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот, што започна во третиот квартал од 2011 година.
- Соработката меѓу Народната банка и Комисијата за спречување перење пари (АМЛ) и усогласеноста во рамките на Здружението на банкарство се одвива на редовна основа. Во континуитет се одржуваат заеднички трибини и семинари, како и размена на сугестии и забелешки при изработка на подзаконски акти на Законот за спречување на перење на пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам. Управата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, Народната банка и Комисијата одржуваат заеднички состаноци, на кои на редовна основа се ажурираат показателите за анализа на ризиците и препознавање сомнителни трансакции, се разменуваат идеи и се даваат предлози за отстранување на можната неусогласеност на регулаторната рамка со практиката во доменот на спречувањето перење пари и финансирање тероризам.
Народната банка високо ги цени и сериозно ги разгледува инцијативите на Здружението на банкарство за подобрување на регулативата, секогаш кога тие иницијативи се во согласност со целите на Народната банка. Како резултат на последната Ваша иницијатива за измени во Одлуката за управување со ликвидносниот ризик, пред неколку денови, Советот на Народната банка воведе единствен ликвидносен коефициент наместо досегашните посебни коефициенти за денари и девизи и призна соодветен процент од орочените депозити коишто достасуваат како долгорочни депозити.
Почитувани дами и господа,
Согласно со Законот за Народната банка, покрај основната цел - постигнување и одржување на ценовната стабилност, Народната банка е одговорна да одржува стабилен и конкурентен финансиски систем ориентиран кон пазарот. За остварување на оваа цел, во моментов, Народната банка е исправена пред предизвикот за целосно заокружување на регулативата од стандардите Базел 2 преку:
- Донесување нова одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот со која се воведуваат новите пристапи за утврдување на потребниот капитал (за покривање на кредитниот и оперативниот ризик);
- Донесување на Упатството за примена на Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот;
- Регулирање на напредните пристапи од Базел 2 за пресметка на потребниот капитал за покривање на ризиците. Оваа обврска е преземена и во Националната програма за усвојување на европското законодавство (НПАА), според која регулативата треба да се подготви и да се применува до 2013 година.
Паралелно со тоа, внимателно ги следиме новите стандарди коишто се поставуваат со Базел 3. Во тие рамки, веќе започнавме со проучување на новите стандарди за ликвидност, утврдување на потребните податоци за пресметка на показателите утврдени во Базел 3, како и на следење на овие показатели за банките во Република Македонија.
Овие активности ќе бидат во фокусот на нашето внимание во наредниот период. Но, за успешно остварување на овие задачи, секако, повеќе од потребнa е и соработката со Здружението на банкарство. Искрено се надевам дека досегашната одлична и конструктивна соработка на Народната банка и Здружението на банкарство ќе продолжи и во иднина.
Ви благодарам!