Отварање на изложбата „Sидното сликарство од Епископската базилика во Стоби“

Почитувана министерке Канческа-Милевска,
Почитуван амбасадоре Волерс,
Почитувани гости,
Оваа јубилејна година ја чествуваме дваесетгодишнината од монетарното осамостојување на Република Македонија, потсетувајќи се со пиетет за периодот на создавањето на македонскиот денар и за процесите коишто доведоа до прогласување на монетарната сувереност на нашата држава на 26 април 1992 година. Несомнено, ова е и околност кога е потребно да се каже дека во изминативе дваесет години, основниот носител на тие процеси - Народната банка на Република Македонија, со целиот свој капацитет соодветно му служи на новото демократско општество, како институција што е одговорна за одржување на стабилноста на македонската национална валута и на нејзиниот монетарен и финансиски систем.
Покрај својата примарна дејност, во изминативе 10 години нашата институција се обидува континуирано и системски да придонесува во чувањето, грижата и афирмацијата на културно-историските вредности на Македонија. Како што е впрочем својствено за најголемиот дел од централните банки во светот, преку работата на својот музеј, Народната банка постепено се етаблира и како значаен трезор на нумизматичката културна оставина на цивилизациите што егзистирале на оваа почва, давајќи го така својот придонес во обогатувањето на македонското општество со трајни и незаменливи вредности; Оние без кои заедничкото знаење е осудено на сиромаштво, без кои не би биле во можност да ги препознаеме и да ги разбереме универзалните цивилизациски вредности коишто со векови се напластувани во долгиот цивилизациски oд на човековото постоење.
Народната банка на Република Македонија заедно со Националната установа Стоби, одлучија да ? се обратат на македонската јавност токму на 18 мај - Меѓународниот ден на музеите, заеднички организирајќи ја оваа значајна изложба на која за првпат пред јавноста се претставува исклучително вредно културно наследство. Таа вклучува 19 уникатни фрескофрагменти од внатрешните ѕидови на Старата епископска базилика во Стоби, датирани во 4 век од нашата ера, коишто историјата на уметноста ги смета за ексклузивитет од огромно значење, со оглед на тоа што овој вид уметничко творештво го нема во поширокиот ареал на европското копно. Во склоп на изложбата, кустосите од Националната институција од Стоби ни овозможија одблиску да ги погледнеме и деталите од мозаичните подови што ја украсувале оваа градба. Покрај тоа, изложени се и единствените фрескодетали што ја краселе крстилницата, којашто се наоѓа веднаш до базиликата. Нејзе ? припаѓа и исклучително изработениот мермерен сад како дел од внатрешната декорација, којашто пак, од своја страна, ги вклучува и познатите мозаици со претстави на пауни. Токму нив, уметницата Билјана Унковска ги употреби при дизајнирањето на изгледот и на современите македонски банкноти од 10 десет денари.
Говорејќи за античкиот град Стоби, тој покрај тоа што навистина претставува постојаната инспирација за уметничко создавање, во минатото бил и центар со изразена монетарна продукција којашто се одвивала пред повеќе од 18 столетија.
Оваа изложба е уште позначајна и заради претходната несебична поддршка на Американската амбасада во Република Македонија, којашто изминативе години овозможи стручна заштита на овие непроценливи фрески, благодарение на што тие сега можат да бидат јавно изложувани.
Народната банка е почестена од укажаната доверба да биде домаќин на оваа изложба, којашто се надевам дека во текот на следниот месец ќе претставува интригантен културен настан за пошироката јавност. Се надевам, исто така, дека со поддршка на Министерството за култура и останатите институции од областа на културата во Република Македонија, и во иднина ќе имаме можност на ваков начин да го збогатуваме јавниот живот и креативното општествено пулсирање на македонското културно живеење.
Искажувајќи ја мојата искрена благодарност до Министерството за култура на Република Македонија, Националната установа Стоби и Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, ги поканувам да ви се обратат неговата екселенција, амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Пол Волерс и министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска.