ПОЗДРАВЕН ГОВОР НА ГУВЕРНЕРОТ ДИМИТАР БОГОВ НА 36 - ТИ СОСТАНОК НА ФЕДЕРАЦИЈАТА НА ЕВРОПСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА ЗА БАНКАРСТВОТО, СКОПЈЕ, 7.6.2013 ГОДИНА
Почитувани учесници на триесет и шестиот состанок на Федерацијата на европските здруженија за банкарството,
Почитувани гости,
Дами и господа,
Дозволете ми да ви посакам топло добредојде на денешната средба. Темата на којашто сакам да го посветам мојот поздравен говор е меѓународната регулаторна соработка. Банкарскиот систем во Република Македонија е претежно во странска сопственост и во најголем дел се состои или од подружници на странски банки или од банки во сопственост на странски портфолио-инвеститори. Странската сопственост им помогна на банките во нивните напори да применуваат здрава пазарна практика, да развиваат и да одржуваат високи кредитни стандарди и да бидат охрабрувани и да добиваат совети од поголемите и подолго етаблирани матични институции. Глобалната финансиска криза и должничката криза во евро-зоната не го промени овој однос од корен. Сепак, овие исклучителни кризи претставуваат вистински предизвик за меѓународното и глобалното банкарство. Виенската иницијатива, рамка за заштита на финансиската стабилност на економиите во брзорастечката Европа, е значајна за подигање на свеста дека процесот на банкарското раздолжување во развиената Европа не треба прекумерно да го ограничи работењето на подружниците на банките во економиите во брзорастечката Европа.
Во овој контекст, важно е да се напомене дека дури и пред да ескалира кризата, депозитите во домашните банки во претежно странска сопственост во македонскиот банкарски систем им беа позајмувани од страна на истите тие банки на заемобаратели во Република Македонија. Како правило, странските финансиски средства, со исклучок на капиталот и резервите, не надминуваа 10% од вкупните извори на финансирање на банкарскиот сектор. Секогаш постоела разлика меѓу банките, што е одраз на различните стратегии за финансирање и изнаоѓање извори, но сепак целокупната важност на странското финансирање не е во процентот, туку во неговата долгорочна природа. Ова е премисата на која се засноваат добрите деловни односи меѓу матичните банки и подружниците. Кога кризата ескалира, релативната важност на домашните депозити во финансирањето на побарувањата од македонските должници всушност се зголеми.
Во Република Македонија, стапката на кредити во однос на БДП на земјата сѐ уште е 47-50%, додека стапката на депозитите во однос на БДП на земјата е околу 55%. Во развиениот свет овие стапки се поголеми од 100%, што покажува потенцијал за раст. Слично на ова, стапката на долгот на домаќинствата, вклучувајќи ги и хипотеките, во однос на расположливиот доход на домаќинствата е околу 25%, што е значително пониско отколку во повеќето земји на слично ниво на развој, а воедно нуди можности за банкарскиот сектор.
Стапката на адекватност на капиталот во просек изнесува 17%, што е над законскиот минимум од 8% за повеќе од двапати. Високата капитализираност на банките подразбира дека тие имаат капацитет да ги поднесат загубите и не треба постојано да ги реструктурираат постојните кредити, туку да им даваат заеми на новите клиенти кои сакаат да зајмат. Стабилните стапки на капитал се една од светлите точки на македонската економија.
Македонскиот банкарски сектор се состои од 16 банки. Овој број е сѐ уште висок, со оглед на населението на земјата и пред сѐ, на сличноста на производите коишто ги нудат банките. Понатамошните спојувања и припојувања може да имаат позитивно влијание врз управувањето со трошоците, со што, пак, ќе се олесни постигнувањето економија на обем. Од друга страна, со домашните спојувања и припојувања нема да се намали странската сопственост. Притоа, зајакнатата соработка меѓу регулаторите и супервизорите од матичната земја и земјата-домаќин е од суштинско значење за понатамошно одржување стабилност на системот.
Сепак, не постои прецизна дефиниција за тоа што претставува меѓународната регулаторна соработка. Најчесто се мисли на системот на комитети и работни групи коишто се состануваат во Банката за меѓународни порамнувања во Базел. Меѓународните прописи коишто се резултат на Базелскиот систем, меѓу другите документи, се состојат и од Базел III - смели, нови насоки во чиешто средиште е концептот на пондерирање според ризик; некоја актива е поризична од друга и ова треба да се одрази во процентот од капиталот што треба да се држи во однос на таа актива. Во однос на кредитниот ризик, се смета дека оваа ризичност зависи од должникот, односно се смета дека штедачите и инвеститорите имаат чувство на одбивност кон обврските на едни во споредба со обврските на други субјекти. Овој пристап не е нов, туку претставува подобрување на постојната инфраструктура на Базел I и Базел II.
Повеќето критики во однос на Базел III се состојат во тоа дека повисоките коефициенти на капитал ќе имаат негативно влијание врз кредитирањето поради високиот опортунитетен трошок за држење капитал. Во брзорастечките економии во Европа, вклучувајќи ја и Југоисточна Европа, оваа критика се слуша поретко, со оглед на тоа дека странската сопственост значи дека одлуките за зголемување на капиталот се прават на ниво на групација или на ниво на матична институција. Општо земено, честопати фактите не го потврдуваат ставот дека зголемувањето на капиталот води до намалување на кредитирањето. Трошокот на банкарскиот капитал, односно надоместокот што инвеститорот го бара од банката се намалува со зголемувањето на безбедноста и стабилноста на банката. Бидејќи акционерите се последни по важност во случај на евентуален стечај, повисоката распределба на капитал веројатно би ја зголемила довербата во целиот банкарски сектор, што исто така претставува цел на Базелскиот систем.
Да заклучиме, документот Базел III е важен исчекор во развојот на меѓународната финансиска регулатива. Тој има и регулаторна и конститутивна димензија: од една страна, претставува дополнително развиена регулатива којашто бара од централните банки и другите регулатори да се однесуваат во согласност со нејзините принципи, со цел да се зајакне финансиската стабилност; од друга страна го воспоставува уште поцврсто Базелскиот комитет за банкарска супервизија како стожер на меѓународната регулаторна соработка насочен кон концептот на пондерирање според ризикот. Но Базел III, исто така, го покренува прашањето за можеби различната застапеност на субјектите коишто учествуваат во неговите консултативни фази. Во овој контекст, логичен следен чекор е супервизорските колеџи коишто ги опфаќаат матичните централни банки и централните банки-домаќини, како и регулаторите од овој регион да соработуваат со земање поголемо учество во дискусиите на Базелскиот комитет. Не само што ова кај сите ќе ја подигне свеста за различните банкарски практики коишто постојат во овој регион, туку и во заедничките дискусии на високо ниво, за време и помеѓу состаноците на колеџите, централните банкари и супервизорите, ќе обезбеди разумен договор помеѓу сите страни во однос на тоа кој е најдобриот начин за спроведување на Базел III.
Народната банка на Република Македонија продолжува да се залага за усвојувањето на принципите и рамките коишто се содржани во базелските документи за насоки. При преземањето на оваа обврска, водиме сметка за тоа спроведувањето да биде приспособено кон нашите околности. Со цел поединечните правила да не нанесат штета врз работењето на банките и економијата воопшто, целокупната регулатива треба да овозможи мудро постапување, според проценка или сопствена определба на банките коишто ја применуваат, како и на регулаторот којшто ја надгледува таквата примена.
Вам, на членовите на Европската банкарска федерација, ви посакувам успешен состанок денес и пријатен престој во Република Македонија.