Трибина во Стопанска комора на Македонија на тема: „Монетарната политика во функција на забрзан економски раст“ - Финансиска и монетарна политика за целосна ангажираност на економијата
Обраќање на гувернерот Димитар Богов, на трибина во Стопанска комора на Македонија, 14.9.2011 година
Трибина во Стопанска комора на Македонија на тема: „Монетарната политика во функција на забрзан економски раст“ - Финансиска и монетарна политика за целосна ангажираност на економијата

Почитувани дами и господа,
Задоволство е да се биде меѓу вас, кои го создавате бруто домашниот производ на нашата земја, отворате работни места и секојдневно сте изложени на оценката на пазарот. Ова е добра прилика во моето обраќање пред ваков респектабилен аудиториум да ги претставам моите погледи за врската меѓу монетарната политика и економскиот раст. Бидејќи како основа за оваа денешна трибина беше понуден документот под наслов „Монетарната политика во функција на забрзан економски раст“, во моето излагање ќе полемизирам со некои тези изнесени во него.
Читајќи го документот извлеков два заклучока. Прво, недоволниот економски раст и високиот трговски дефицит се должат на рестриктивната монетарна политика и ниската инфлација кои условуваат високи реални каматни стапки. Второ, тоа е последица на одбраната на фиксниот девизен курс. Оттука, треба да извлечеме поука дека за сѐ е виновен фиксниот курс на денарот. Ако го пуштиме слободно да флуктуира, тогаш ќе има неограничена понуда на кредити по ниски каматни стапки, трговскиот дефицит ќе стане суфицит, а со стапките на економски раст ќе ѝ конкурираме на Кина. И сите ќе бидат богати и среќни. За жал, реалноста е многу покомплексна.
Во економската теорија нема дилеми дека ценовната стабилност е неопходен услов за економски раст. Тоа не значи дека ценовната стабилност автоматски ќе донесе раст. Но, без ценовната стабилност, сигурно не може да има одржлив економски раст.
Кога говориме за ценовна стабилност подразбираме дека граѓаните и бизнис-секторот немаат инфлациски очекувања. Односно, тие не ја земаат предвид инфлацијата при носењето на нивните деловни одлуки.
Во посочениот документ, а понекогаш и во медиумите, читам формулација: „треба да има стабилни цени, но со повисоко ниво на инфлација“. Тоа е како да кажете за некоја дама дека е малку бремена. Невозможно. Или има ценовна стабилност или нема. Ако инфлацијата е шест или десет отсто подолго време, тогаш таа ќе избега од контрола. Се создаваат инфлациски очекувања кај населението и претпријатијата коишто тие ги вградуваат во своите одлуки. Затоа, е многу веројатно дека инфлацијата би ескалирала.
Понатаму, погрешно е да се врзува економскиот раст со политиката на курсот. На растот влијаат многу други позначајни фактори. Не само што е несериозно стапката на економски раст да се става во корелација со политиката на курсот, туку и примерите со кои се поткрепува тврдењето дека земјите со флуктуирачки курс имаат повисок економски раст се ирелевантни. Еве, ќе дадам пример кој покажува сосема спротивен заклучок. Споредбата на стапките на економски раст од 2000 до 2007 година на сите земји од Балтикот до Балканот покажува дека земјите со фиксен курс имале стапка на раст од 6,1 отсто, додека земјите со флуктуирачки курс од 4,8 отсто. Дали ова е доволен аргумент да кажам дека земјите со фиксен курс остваруваат повисоки стапки на раст? Секако дека не. Ова е премногу сериозна тема за да користиме вакви лаички аргументи. Ајде за промена, следниот пат кога некој ќе каже дека земјите со флуктуирачки курс имаат повисоки стапки на економски раст нека го поткрепи тоа со емпириска студија.
Да се позанимаваме со тврдењето дека Македонија има рестриктивна монетарна политика поради фиксниот курс на денарот? Просечната годишна стапка на кредитен раст од 1996 до 2010 година, значи во целиот период во кој водиме политика на стабилен девизен курс, изнесува 17.4%. Тука се вклучени и годините кога имавме екстерни шокови. Без нив, просечниот кредитен раст би изнесувал 22.8%. Дали се тоа недоволни стапки на кредитен раст? Нема централен банкар во светот кој би рекол дека стапка на кредитен раст од 17% е ниска. Видовме што се случи во 2008 година после неколку годишен период на годишни стапки на кредитен раст од 50% па и 100% во поголем број земји од Централна и Источна Европа. Верувајте, ниедна централна банка веќе нема да дозволи такви стапки на кредитен раст.
Постои едно непишано правило дека стапката на кредитен раст треба да биде двапати поголема од номиналниот раст на бруто домашниот производ. Ние сме тука некаде и очекуваме наредните години кредитите да растат со стапка од 15 до 20 отсто. Лекциите од финансиската криза не научија дека повисок раст од тоа би бил ризичен и треба да се избегнува.
Значи, кредитен раст имало повеќе од доволно. Бидејќи просечната инфлација во истиот тој период изнесувала 2%, реалниот раст на кредитите изнесувал 15%. Е сега доаѓаме до второто прашање, по која цена биле тие кредити?! Нема дилеми дека во поголем дел од овој период каматните стапки беа прилично високи. Но, исто така, факт е дека во моментов, каматните стапки на банкарски кредити во Македонија се најниски во последните дваесет години - денарските се 8,9, а девизните 7,5 отсто.
За да дојдеме до решение како тие да бидат пониски треба да видиме кои фактори влијаат врз висината на каматните стапки на банкарските кредити. Основен фактор е цената на изворите на средствата на банките, односно каматата на депозитите и странските кредитни линии. На тоа се надградува маргина којашто зависи од премијата за ризик на клиентот, оперативните трошоци на банките, соодносот на понудата и побарувачката на кредити. Свое влијание имаат и алтернативните средства за инвестирање, како што се благајничките и трезорските записи. Во моментов, просечната каматна стапка на денарските депозити е 5,8%, а на девизните депозити е 2,7%. Тоа се мошне високи стапки. Но, банките немаат голем избор бидејќи средствата кои можат да ги добијат на финансиските пазари се уште поскапи. Оттука, јасно е како може да дојде до намалување на банкарските каматни стапки. Со зголемување на штедењето, намалување на ризиците во економијата и намалување на оперативните трошоци на банките.
Дали може Народната банка да придонесе нешто? Секако. Во моментов, каматната стапка на благајнички записи е на историски најниско ниво од 4%. Во документот се забележува дека и тоа е висока камата, во евро-зоната е 1,5%. Доколку го пуштиме курсот ќе може уште повеќе да ја спуштиме каматната стапка и со тоа да придонесеме за пониски камати на кредитите. Дали е навистина така?
Ајде да видиме што би се случило кога би имале флуктирачки курс. Во мала, отворена економија со висока евроизација на билансите на сите економски субјекти - населението, претпријатијата и банките, како што е Македонија, самата најава за напуштање на политиката на стабилен курс би предизвикала нестабилност. Во отсуство на реални притисоци врз курсот, очекувањата за депресијација на курсот би довеле до депресијација. Имено, сите би настојувале да ги конвертираат денарите во евра, со што ќе направат притисок на девизниот пазар. Бидејќи курсот би бил флуктуирачки, Народната банка не би интервенирала на пазарот. Тоа би довело до пад на вредноста на денарот и дополнителен бран на конверзија на денарските активи во девизни. Денарот би бил во слободен пад. Цените на увозните производи би пораснале, а исто така и на домашните, поради повисоките цени на увозните суровини. Тоа би значело надминување на целта на инфлацијата и би била потребна реакција на монетарната политика со зголемување на каматната стапка и интервенција на девизниот пазар. Но, кредибилитетот на Народната банка би бил сериозно нарушен поради што интервенциите на девизниот пазар би морало да бидат многу големи, исто како и зголемувањето на каматните стапки. Значи, резултатот би бил, висока инфлација, високи каматни стапки и загуба на девизни резерви. Да не ги заборавиме намалувањето на животниот стандард и зголемените рати за враќање на девизните кредити, што би довело до банкрот на голем број бизниси и граѓани.
Оние што мислат дека со флуктуирачки курс на денарот би имале пониски камати, би ги упатил на Србија. Таа во моментов има референтна каматна стапка од 11.25%, инфлација од 10.5%, а нејзините интервенции на девизниот пазар се почести и поголеми од нашите, иако има флуктуирачки курс. Просечните каматни стапки на банкарски кредити во локална валута во моментов се околу 14%. Штедењето во домашна валута во Србија речиси и не постои, повеќе од 90% од депозитите се во странска валута.
Не може да се разговара за промена на политиката на курсот, а да не се има предвид високата евроизација и четиринаесетгодишната стабилност на денарот. Економските агенти се навикнати на стекнатото право на стабилна валута и соодветно на тоа ги влечат своите потези. Впрочем, во досегашните три ситуации кога Народната банка беше принудена да го брани курсот на денарот, пролетта во 2001, есента во 2004, и во почетокот на 2009, најголемиот притисок не доаѓаше од потребата за девизи за извршување на реалните трансакции, туку од заштитата на денарските средства на сите економски агенти - населението, претпријатијата, банките. Тоа е јасна порака, дека економските агенти во Македонија се подготвени да држат денари само доколку им се гарантира стабилност во однос на еврото.
Не се согласувам дека флуктуирачкиот курс на денарот и многу веројатната депресијација која би следела би го поттикнале извозот. Впрочем, тоа го потврди и девалвацијата од 16% во 1997 година. Во македонскиот извоз доминираат металите и текстилот со учество од 50%. Во нивниот финален производ увозните инпути учествуваат со 80% до 90%. Единствениот позначаен домашен инпут е работната сила. Тоа значи, дека е многу мал просторот за поевтинување на производната цена на овие две групи производи преку депресијација на денарот. Тоа поевтинување единствено може да дојде од најголемиот домашен инпут - работната сила. И тоа, единствено ако се претпостави дека депресијацијата на курсот на денарот нема да создаде притисок за пораст на платите, што е малку веројатно.
Иако, курсот на денарот номинално е стабилен во последните 14 години, според анализите Народната банка, во последните осум години за кои располагаме со конзистентни податоци, тој реално депресирал за 10%, ако се мери според инфлацијата, а за 40% ако се мери според трошоците за работна сила по единица производ. Тоа значи дека конкурентноста на македонската економија е подобрена во последните осум години.
Впрочем, тоа треба да биде и нашата цел. Да ја зголемуваме конкурентноста на нашата економија не со номинална депресијација туку со реална, внатрешна депресијација. Платите да растат побавно од растот на продуктивноста, домашната инфлација да расте побавно од инфлацијата кај нашите трговски партнери.
Навидум едноставно решение, но за тоа да се постигне, потребни се комплексни реформи и посветено работење од сите во земјата. Подобрувањето на услугите коишто им ги дава јавната администрација на граѓаните и бизнисите ќе им заштеди време, ресурси и пари. Зголемената ефикасност на судскиот систем ќе придонесе за намалување на каматните стапки и заштеда на време, ресурси и пари. Елиминирањето на корупцијата ќе ја зголеми конкуренцијата, ефикасноста, квалитетот на производите и услугите и ќе заштеди време, ресурси и пари. Поквалитетните образование и здравство ќе го зголемат квалитетот на човечкиот капитал како еден од основните фактори на производството. Подобрата патна и железничка инфраструктура ќе ги скрати времето и трошоците за транспорт на стоките. Поголемото производство на поевтина домашна енергија ќе ги намали трошоците на производство во останатите сектори.
Ние во Народната банка, исто така, можеме да дадеме свој придонес преку унапредувањето на банкарската регулатива. Има простор за поедноставување на регулативата и зголемување на брзината и ефикасноста на делување на Народната банка, без притоа да се загрозат основните барања за ликвидноста и солвентноста на банките, како и критериумите за подобност на акционерите. Тоа ќе ги намали трошоците на банките и ќе создаде простор за пониски каматни стапки. Крајниот ефект од сите овие реформи ќе биде поголема продуктивност и пониски трошоци што води кон поконкурентна економија.
Стабилниот курс на денарот не е слабост на македонската економија, туку предност. Тој бара поголема дисциплина од фискалната политика, бидејќи во таква ситуација таа е многу помоќна во коригирање на нерамнотежите во економијата. Тоа е и основната причина зошто Македонија има исклучително ниски буџетски дефицити во последните 15 години и низок јавен долг. Стабилниот курс бара поголема ефикасност од приватниот сектор, бидејќи тоа е единствениот начин за зголемување на конкурентноста. Нема маскирање на слабостите со висока инфлација и депресијација на валутата.
За мене многу поучен е примерот со земјите од евро-зоната. Долги години пред креирањето на монетарната унија, некои земји, како Австрија и Холандија, водеа политика на фиксен курс во однос на германската марка. За да ја увезат германската стабилност, тие мораа да изградат ефикасен приватен сектор и да водат дисциплинирани фискални политики. Не случајно, тие сега се меѓу неколкуте најстабилни економии во евро-зоната. Наспроти нив, Италија, Шпанија, Португалија, Грција воделе политики на флуктуирачки курс. Тоа им овозможуваше својата неефикасност да ја покриваат со постојаните девалвации во однос на германската марка. Затоа, влегоа неподготвени во евро-зоната, продолжија со своите добро познати политики, но веќе нема можност за прикривање на проблемите со испробаниот метод.
Почитувани дами и господа,
Народната банка со своите политики ќе ги поддржи економските политики. Но, Народната банка нема да го поттикнува економскиот раст со девалвација на курсот на денарот, со висока инфлација или со поттикнување прекумерен кредитен раст. Тоа не би било поттикнување на економскиот раст, туку на економската пропаст.
Ви благодарам на вниманието.