МОНЕТАРНА ПОЛИТИКА - ПОСТАВЕНОСТ
1. Поставеност на монетарната политика
Народната банка на Република Македонија (НБРМ) е централна банка, чијашто основна цел е одржување на ценовната стабилност, при што таа е независна во остварувањето на функциите. Притоа, НБРМ ја поддржува економската политика и финансиската стабилност на земјата без да се загрози остварувањето на основната цел, почитувајќи ги начелата на пазарната економија. Во согласност со законски определените функции, НБРМ ја осмислува и ја спроведува монетарната политика. На крајот на тековната година, во согласност со претходно утврдената рамка на макроекономската политика, НБРМ изготвува Проекција на монетарните движења за следната година, која ја усвојува Советот на НБРМ.
2. Цели на монетарната политика
Одржувањето на ценовната стабилност е основната цел на Народната банка на Република Македонија, утврдена со закон. Поставувањето на оваа цел е во согласност со емпириски потврдените сознанија дека ценовната стабилност создава најповолен макроекономски амбиент за долгорочно одржлив економски развој. Заклучно со 1999 година, инфлацијата во Република Македонија се мереше преку индексот на цените на мало, а од 2000 година таа се следи преку индексот на трошоците на животот. За остварување на крајната цел, НБРМ утврдува посредна цел на монетарната политика. Така, од април 1992 година до септември 1995 година НБРМ ја применуваше стратегијата на целење на паричната маса М1, како посредна цел на монетарната политика. Почнувајќи од октомври 1995 година наваму, НБРМ спроведува монетарна стратегија на целење на номиналниот девизен курс на денарот во однос на германската марка, а од јануари 2002 година во однос на еврото. Според тоа, одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот претставува посредна цел на монетарната политика. Примената на стратегијата на целење на девизниот курс произлегува од: а) важноста на девизниот курс во мала и отворена економија; б) потребата од номинално сидро за одржување кредибилитет; в) високиот степен на евроизација, и г) транспарентноста на политиката на девизниот курс и можноста за секојдневно следење од страна на економските субјекти.
3. Каматна политика и трансмисиски механизам
Во услови кога монетарната политика е насочена кон одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот, каматните стапки и понудата на пари се зависни категории, одредени од остварувањето на посредната цел. Преку својата каматна политика НБРМ упатува монетарни сигнали до банките и на тој начин настојува да влијае врз висината на нивните активни и пасивни каматни стапки. Тековно, основна каматна стапка на НБРМ е каматната стапка остварена на аукциите на благајнички записи.
{{Title}}
{{Intro}}
{{{Content}}}
{{#hasElements Images}}
{{#each Images}}
{{#showInline ShowInGallery IsThumbNail}}
{{{dataImg this params="?width=886"}}}
{{/showInline}}
{{/each}}
{{#each Images}}
{{#showInline ShowInGallery IsThumbNail}}
{{{dataImg this params="?width=200&height=100"}}}
{{/showInline}}
{{/each}}
{{/hasElements}}