Автор: д-р Љубе Трпески
Макроекономската стабилност и структурните реформи во банкарството во Република Македонија
Република Македонија на планот на постигнување и одржување на макроекономската стабилност (макроекономска стабилност дефинирана според потесната дефиниција, како ценовна стабилност и стабилност на курсот на денарот), има постигнато завидни резултати и ако се споредува по тие показатели со другите земји во транзиција, таа се наоѓа во горниот дел од табелата.
На планот на структурните реформи резултатите се значително помали и на тој план Република Македонија се наоѓа во долниот дел од табелата од земјите во транзиција. Причините за таквата состојба, се да го употребам речникот на политичарите - објективни и субјективни.
Меѓу објективните, би ги навеле надворешните шокови што ја пратеа Република Македонија низ целиот овој период како што беа двете ембарга од нашиот јужен сосед, санкциите на Обединетите нации спрема нашиот северен сосед, косовската криза, безбедносната криза и тн. Сите тие настани целиот овој период ја правеа Република Македонија високо ризично подрачје и ги одвраќаа потенцијалните инвеститори да инвестираат во македонското стопанство и преку инвестирањето да се врши и реструктуирање.
Овие фактори и некои вградени слабости во законот за приватизација придонесоа главни модели на приватизацијата да бидат employee by out и menagement by out, кои во најголем дел се изродија во продолжување на самоуправувањето.
Во поглед на ценовната стабилност и на стабилноста на девизниот курс одвреме, навреме се појавуваат одредени сомнежи, дали ни е потребна таква стабилност на цените и дали е курсот реален или не, и дали не треба да имаме некој стимултивен курс.
Прво, во врска со висината на инфлацијата, дефинитивно не постојат дилеми и различни гледишта меѓу академските кругови и полисмејкерите во развиените земји дека само ниска инфлација како трајна придобивка може да обезбеди стабилен и одржлив економски раст. Сепак на прашањето - која висина на инфлација би се толерирала, Европската унија односно Европската централна банка има зацртано до 2%.
Од другата страна на океанот -Alan Greenspan, гувернерот на FED- е со став, инфлацијата треба да е толку ниска (односно висока) што идните инвеститори, односно контрактори, нема да ја вградуваат во своите инвестициони договори.
Заговорниците за повисока инфлација кај нас, често го истакнуваат примерот на Словенија која има повисоки стапки на инфлација но и повисок економски раст, и тоа го истакнуваат како позитивен пример, во смисла дека повисоката инфлација довела до повисок раст. Голема заблуда е да се мисли дека Словенија има повисок степен на раст од нашиот, затоа што има повисоки стапки на инфлација. Сосема други се причините зошто има Словенија повисока стапка на раст*. Главните критики на словенечката економска политика кои доаѓаат од Европската унија се токму на планот на инфлацијата и главните барања се тие да се сведат на просекот од земјите од Европската унија.
Да се разбереме, јас не сум со цврст став, дека инфлацијата мора по секоја цена да се движи околу 2%. Во зависност од другите движења во економијата во пооделни години може инфлацијата да биде и повисока. Но секако само до едноцифрена инфлација, затоа што само таа може да се држи под контрола. Но јас сметам дека е анахронизам, денес, во 21 век некои уште да сметаат дека инфлацијата може да биде средство за забрзување на стопанскиот раст.
Во последните години во голем број земји ценовната стабилност - е прогласена за јавно добро - кое ниедна Влада не смее да му го одземе на народот.
Во врска со девизниот курс ситуацијата е нешто поинаква. Овде економистите не се така едногласни, како по претходното прашање. Главните дилеми се јавуваат дали фиксен, флуктуирачки или раководено флуктуирачки курс. Такви дискусии се водат веќе подолго време и во ММФ, и таму постои таа поделба во две групи и не нудат истоветни решенија за сите земји. Вие ќе најдете земји кои имаат аранжмани со ММФ со различен режим на девизен курс.
Во нашата земја поголемиот број од релевантните економисти се за раководено флуктуирачки курс. И, мислам, да не се случеше да ги прекинеме аранжманите што ги имавме со ММФ и Светската банка во изминатите две години, односно успешно да ги реализиравме, сега ќе беа создадени услови за премин од de facto фиксен кон раководено флуктуирачки курс.
Меѓутоа за волја на вистината, и за оние кои мислат дека курсот е тоа магично стапче што ќе ни донесе повисоки стапки на раст и економска благостостојба, дозволете ми да истакнам дека раководено флуктуирачки курс значи да се следи тенденцијата на формирањето на курсот на девизниот пазар и да не се дозволат поголеми осцилации, но да не се менува со интервенции смерот. Ако ги земеме само последните 5 години после извршената девалвација, доколку имавме раководен флуктуирачки курс, во пооделни години, денарот ќе апрецираше, зошто беше понудата низ еден подолг временски период поголема од побарувачката.
Затоа, за мене е поважно дали е курсот реален и доволно стимулативен. Анализите што се прават во Народна банка на Република Македонија покажуваат дека овој курс е сеуште реален и доволно стимулативен. Оној што мисли поинаку нека ги изложи аргументите но на база на научно заснована методологија. Не на база на "фајферт"** методата бидејќи таа ја оставивме во ХХ век.
Затоа, јас мислам, дека во времето што е пред нас, задржувајќи ја тешко стекнатата ценовна стабилност и стабилноста на девизниот курс, вниманието треба да го насочиме кон структурните реформи и повисока стапка на економски раст.
Структурните реформи и повисоки стапки на раст можат да се обезбедат пред се со нови инвестиции, било во форма на директни инвестиции или преку долгорочни кредити.
Каде ги гледам јас скриените резерви кои што можат брзо да се активираат и да го забрзаат економскиот развој?
Нашите банки, дома, работат само со денарскиот потенцијал, и тоа во форма на одобрување краткорочни кредити, кредити за тековно работење. Долгорочни кредити речиси и не се доделуваат од денарскиот потенцијал.
Нашите банки својот девизен потенцијал го чуваат во странски банки и се плашат да го инвестираат во нашата економија. Околу 500 милиони американски долари изнесуваат девизните штедни депозити и најголемиот дел се пласирани во странски банки.
Дали за тоа треба да ги осудуваме банките. Пред две години Народна банка на Македонија донесе и пропис со кој се стимулираа банките, еден дел од овие девизни депозити да ги инвестираат во македонското стопанство.
Еден од директорите, од поголемите банки дојде тогаш и ми рече: "Гувернере можеш и да ме смениш ама јас нема да ја почитувам одлуката и нема ни еден долар да инвестирам од девизните депозити на населението во македонското стопанство. Сеуште се свежи раните од старото девизно штедење за да можам да се одлучам на тој чекор".
Што треба да направиме за да ја зголемиме сигурноста на банките и тие да се охрабрат овие средства да не ги држат во странство туку да ги инвестираат во македонското стопанство. Треба многу работи да се направат. Немаме време да ги елаборираме. Јас само можам да Ви кажам дека банките ќе се одлучат да го инвестираат овој потенцијал во долгорочни кредити во македонското стопанство во оној момент кога тн. "лоши пласмани" ќе се сведат на ниво на земјите каде што сега ги чуваат тие пари. И, за илустрација, дозволете да изнесам каква е состојбата со тн. "non performing loans" по пооделни земји. Во земјите од Европската унија и САД тие изнесуваат 2% од вкупните пласмани. Во Словенија 6%, во Хрватска 7%, во Македонија на почетокот од 2002 година беа 20%, а на крајот од 2002 година 15,9%.
Табела бр. 1
Учество на ризични пласмани во вкупното кредитно портфолио на банките во земјите во транзиција со состојба на 31.12.2001 година*
Земја |
% на учество на ризични пласмани |
Словенија |
6.3 |
Хрватска |
7.2 |
Литванија |
7.5 |
Полска |
13.8 |
Македонија |
15.9 |
Чешка |
21.5 |
Словачка |
22 |
Извор: годишни супервизорски извештаи
* Податоците за ризичните пласмани за банкарскиот систем на Република Македонија се со состојба на 31.12.2002 година, а за банкарскиот систем на Словенија, овие податоци се со состојба на 31.12.2000 година.
Во оној момент кога Македонија ќе го достигне барем словенечкото ниво, банките ќе ги вратат тие пари и ќе се охрабрат да ги инвестираат во македонското стопанство.
Втор извор каде што може релативно брзо да се направат промени е во врска со искористувањето на кредитните линии одобрени од странство на Република Македонија кои бавно се користат. Во овој момент има расположливо преку 60 милиони американски долари, кои, доколку има готови проекти уште утре можат да се ефектуираат. Банките се правдаат дека нема добри проекти, дека нема бонитетни комитенти, стопанствениците се жалат на сложената процедура што ја наметнуваат банките и сл.
Во критериумите за доделување кредити не смееме да попуштаме, и не смееме да ја направиме грешката што ја направи претходната Влада со Тајванската кредитна линија, која за да ја забрза процедурата на користење ги заобиколи банките и се впушти во директна дистрибуција на кредити, преку фамозната Агенција за развој. Не сакам да бидам лош пророк но најголемиот дел од овие кредити на крајот ќе бидат ненаплативи, а сепак државата ќе мора да ги врати на Тајван.
Дека, сепак може да се забрза процедурата и да се зголеми процентот на искористеност на овие кредитни линии покажува и примерот со Македонската банка за поддршка на развојот. Еден добар дел од овие кредитни линии одат и преку оваа банка.
Новиот, би рекол, најновиот директор, одбра 20 најдобри претпријатија и отиде кај директорите да им нуди долгорочни кредити со ниска камата. Директорите не можат да се освестат. За прв пат директор на банка оди во претпријатие со понуда за доделување на кредит. Тоа се новите трендови во банкарството. Банките во светот не чекаат на проекти, банките нудат пакети. Тоа треба и ние да го правиме.
Сега, накратко да се осврнеме на структурните реформи во банкарството. Каква е состојбата во оваа област и каде се наоѓаме?!
За да видиме каде се наоѓаме треба да направиме споредба со другите земји во транзиција, според одредени индикатори. Бидејќи речиси во исто време дојде до слом на социјализмот и во земјите членки на СЕВ и во поранешна СФРЈ, можат да се прават споредби која земја што направила на планот на структурните реформи во областа на банкарството, бидејќи речиси е иста базната година. Независно што во Југославија постоеше двостепен банкарски систем (како во пазарните економии) и што банките беа акционерски друштва, системот на здружениот труд и управувањето со банките од страна на должниците, доведоа до исти последици по банките, како и во земјите со централно планско уредување. Така банките, во времето на распадот на Советскиот сојуз и на СФРЈ, беа несолвентни, неликвидни и со високи износи на ненаплативи кредити.
Додатна отежнувачка околност со кои се соочија банките од поранешна СФРЈ беа девизните заштеди на граѓаните и високите долгови спрема странските доверители. Затоа реформите во сите земји започнаа најнапред со решавањето на тн. лоши кредити и старото девизно штедење. Тие ги превзеде државата. Исто и долговите спрема странските доверители ги превзеде државата.
Според трошоците за рехабилитација на банките, ако се направи споредба, единствено Бугарија има повеќе издвоени средства како процент од GDP. Таа има издвоено 41,6% од GDP а ние 30,3%. Значи банките не смеат да се пожалат дека државата не им помогнала.
Во првите години од осамостојувањето или од промена на системот скоро во сите земји се воведе либерален пристап за оснивање на банки и минимален капитал, како цензус за оснивање банки. Тоа беше грешка што отпосле се согледа, зошто се дозволи да влезе во банките шпекулативен капитал. Тоа доведе до бројни банкротства и системски кризи во голем број земји зошто шпекулативниот капитал како што лесно доаѓа, лесно и си оди.
Понатаму скоро во сите земји се каснеше со формирањето и екипирањето на супервизијата. Тоа доведе до појава речиси во сите земји до пирамидално штедење. Пирамидалните штедилници не ја одминаа ни Република Македонија иако во споредба со другите земји во помали размери. Откако се увидоа овие грешки се прибегна кон зајакнување на супервизијата. Тоа доведе да започне со консолидацијата на банкарскиот систем, до појавата на спојување на банките.
Ние во споредба со другите земји во транзиција сме на самиот почеток од таа консолидација, со процесите на намалувањето на бројот на банките. Како ќе се смирува ситуацијата во регионот и во Македонија, очекувам поголемо присуство на странски капитал во банките и засилена конкуренција која ќе доведе некои банки да не можат да ја издржат таа конкуренција и да се припојат или да банкротираат.
Клучен параметар за да се види дали се реструктуирале и банките и стопанството е споредбата на процентот на лошите пласмани на банките по земји. Видовме понапред дека тие во Словенија изнесуваат 6,3%, во Хрватска 7,2, во Македонија на почетокот од 2002 - 20%, а на крајот од 2002 -15,9%. (Во развиените земји околу 2%) и според овој показател, Словенија е најблиску до Европската унија.
Според овој показател, не држат критиките дека нашите банки се многу конзервативни, дека бараат многу процедури. Напротив, ова покажува дека сеуште прават лоши пласмани, и тоа е една од главните причини за високите камати.
Друг показател кој сликовито покажува колку се реструктуирани банките во Македонија, а и зошто упорно се држат високи камати е нето каматната маргина.
Нето каматната маргина е однос меѓу каматниот приход и просечната актива и ја покажува способноста на банката да генерира приходи од камати со кои ќе ги подмири каматните расходи на страна на пасивата. Во најповолна положба тука повторно е Словенија и Естонија, а Република Македонија е далеку зад нив.
Табела бр.2
Нето каматна маргина (2000 година)*
Земја |
% |
Чешка |
2.5 |
Естонија |
4.7 |
Унгарија |
3.9 |
Латвија |
4 |
Полска |
4 |
Словенија |
4.5 |
Македонија |
1.8 |
* Исклучок во однос на податоците за 2000 година, е податокот за банкарскиот систем на Република Македонија кој е со состојба на 31.12.2001 година - извор: годишен извештај.
Извор на податок за останатите банкарски системи: (Ribnicar and Zajc)- Banking Sectors in the EU and Countries in transition - The Journal for Money and Banking “Bancni Vestnik".
Исто така од соодносот вкупна актива на банките со бруто општествениот производ може да се согледа нивото на финансиска интермедијација која се одвива преку банките, а преку тоа да се согледа и улогата и значењето на банките по пооделни земји така на пр. просечната стапка на финансиска интермедијација во земјите членки на Европската унија изнесуа 250% (Холандија е со највисок процент од 350 а Грција и Италија со најнизок - 150%).
Графикон бр.1: Вкупна актива како процент од БДП (2001)
Извор на податок: годишни супервизорски извештаи
Од земјите во транзиција Чешка според коефициентот на финансиската интермедијација се приближува до земјите со најнизок праг од Европската унија, потоа следуваат Словачка и Словенија.
Република Македонија со стапка од 23,1% влегува во групата земји со најниска стапка на финансиска интермедијација. Во таа група се и Бугарија и Босна и Херцеговина.
Во кои области можеме да се пофалиме дека сме во врвот? Во две:
Првиот е пристапот на населението до банкарски услуги. Овој показател се изразува преку три индикатори:
1. Просечниот број на жители кои се опслужуваат од страна на една банка;
2. Просечниот број на жители кои се опслужуваат од страна на деловните единици на банката. (Овој индикатор го покажува нивото на разгранетоста на банките во една земја со филијали, експозитури, шалтери и сл.)
3. Просечниот број на жители кои се опслужуваат од страна на еден вработен во банката.
Република Македонија и Словенија имаат најдобар степен на покриеност на населението со банкарски услуги.
Табела бр. 3
Пристап на населението до банкарските услуги*
Земја |
Број на жители по поединечна банка |
Број на жители по деловна единица |
Однос меѓу број на жители и број на вработени |
Полска |
543,662 |
3,673 |
234 |
Чешка |
271,053 |
5,882 |
252 |
Унгарија |
238,095 |
8,871 |
|
Словачка |
257,143 |
4,905 |
254 |
Хрватска |
109,302 |
|
|
Словенија |
95,238 |
3,472 |
183 |
Бугарија |
234,286 |
|
390 |
Естонија |
200,000 |
|
|
Босна и Херцеговина |
130,303 |
|
932 |
Македонија |
95,238 |
3,205 |
471 |
*Податоците за бројот на банките, деловните единици и бројот на вработените во банките се со состојба на 31.12.2001 година, со исклучок на податоците за Словенија и податокот за бројот на жители по деловна единица за Унгарија, кои се со состојба на 31.12.2000 година.
извор на податок за бројот на жители по деловна единица за Унгарија: I. Ribnikar и P. Zajc (2002) Banking Sectors in the EU and Countries in Transition, The Journal for money and banking “Bancni Vestnik”
*Извор на останатите податоци: годишни супервизорски извештаи
И вториот параметар каде сме на самиот врв е коефициентот на адекватност на капиталот. Република Македонија со 34,3% коефициент на адекватност на капиталот е на самиот врв.
Табела бр. 4
Коефициент на адекватност на капиталот на банкарските системи на земјите во транзиција со состојба на 31.12.2001 година
Земја |
Коефициент на адекватност на капитал (%) |
Македонија |
34.3 |
Бугарија |
31.1 |
Хрватска |
18.5 |
Литванија |
15.7 |
Чешка |
15.5 |
Полска |
15 |
Естонија |
14.3 |
Унгарија |
14.2 |
Словачка |
13.4 |
Словенија |
11.8 |
Извор: годишни супервизорски извештаи
Овој висок коефициент на адекватност на капиталот на банките во Република Македонија е еден од основните фактори, покрај конзервативната деловна политика на банките, зошто Република Македонија е една од ретките земји во транзиција која избегна системска банкарска криза.
На крај една препорака до Владата, бидејќи целта на ова Советување е да резултира со препораки до Владата:
Ако сакаме со побрзи чекори да одиме во структурните реформи и во стопанството и во банкарството, потребно е значително намалување на политичкиот и економскиот ризик на земјата.
А за да можеме да го намалиме овој тн. country risk потребна е:
- политичка и безбедносна стабилност;
- одржување на макроекономска стабилност;
- реализирање на аранжманите со меѓународните финансиски институции; и
- поедноставување на процедурите за влез на странски капитал.
Искуството од Чешка, Унгарија и Словенија ни покажува дека посериозни чекори во структурните реформи и во стопанството и во банките се направи со помош на странскиот капитал - влезен претежно како странски директни инвестиции.
Првиот чекор што треба да се направи веднаш од страна на Владата е да се побара реномирана меѓународна рејтинг организација да изготви оценка за тн. country risk за земјата.
Најголем број странски инвеститори избегнуваат да инвестираат во земја која нема рејтинг. Ова е најпогоден момент да се побара затоа што Владата е на почетокот од својот мандат и ќе може да следи како се движи рејтингот во секоја година од нејзиниот мандат, потоа имаме stand by аранжман што претставува голем поен плус, зачленувањето во светската трговска организација е исто голем поен плус, потоа ниска инфлација, стабилен курс и низок буџетски дефицит. Сите тие показатели се елементи кои одат во прилог на добивање добра оценка. Но и било каков рејтинг е подобар сигнал за инвеститорите од немањето рејтинг.