Интервју: Димитар Богов, гувернер на НБРМ, за „Капитал“, 27 декември 2013 година

пишува: Александар Јанев
„Наредните години кога ЕУ ќе расте со стапка од 2% ние треба да растеме со 5-6%. Ако постигнеме повисоки стапки на раст уште подобро. Но, за тоа да го постигнеме потребно е да ја подигнеме потенцијалната стапка на раст на македонската економија. Токму затоа се потребни политиките за привлекување странски инвестиции, за подобрување на деловниот амбиент, инфраструктурните инвестиции, диверзификацијата на производството, освојувањето на нови неевропски пазари. Ако ние денес ги немавме во Македонија Џонсон Мети, Кемет, Текнохозе, Ван Хоол, Дрекселмаер, Кромберг и Шуберт и останатите нови компании, немаше сега да зборуваме ниту за раст од 3,3%.“
Не постојат добри или лоши прашања, функционерите мора да ги одговорат сите дилеми на новинарите за јавноста да ја знае реалноста, ми рече гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, пред ова интервју. Кога некој ќе ве пречека со овие зборови, имате одврзани раце да прашате било што и знаете дека тој е подготвен да одговори на се. гувернерот објаснува зошто е најголем оптимист од сите други во однос на заздравувањето на економијата следната година, зборува за воздржаноста на банкарите да го зголемуваат кредитирањето и предизвикот некои помали банки да се спојат за да не ги „изедат“ големите.
Г-не Богов, Народната банка објави најоптимистички прогнози за следната година според кои економскиот раст ќе достигне 3,7%. Што ќе ја поттикне економската активност, а кои се опасностите на кои што треба да се внимава? Каква 2014 година предвидувате да имаме на економски и финансиски план?
-Точно пред две години Народната банка излезе со најпесимистички проекции за 2012 година. Први предупредивме дека не чека забавување во 2012 година, во време кога дури и меѓународните финансиски институции како ММФ, Светската банка и ЕБРД имаа доста оптимистички проекции. Така и се случи. За 2013 година бевме најголеми оптимисти, а остварувањето ќе биде подобро и од нашите лански прогнози. Не е тоа затоа што сме ние најдобри и најпаметни. Секако дека аналитичките центри на меѓународните финансиски институции располагаат со повеќе човечки и материјални ресурси од нас, но треба да сме свесни дека тие немаат посебен модел за македонската економија. Македонија е една од стотината мали економии за која не посветуваат многу внимание во нивните глобални модели. Од друга страна, Народната банка има модел со најцелосни и најажурирани информации за македонската економија, секојдневно ги следи движењата во домашната економија, располага со квалитетни аналитичари и логично е да има најквалитетни проекции.
Растот во оваа година беше воден од странските инвестиции и јавните инвестиции. Очекуваме тие да продолжат да го поттикнуваат економскиот раст и во 2014. Дополнително, благото закрепнување на економијата на Европската Унија, која е наш доминантен трговски партнер, ќе го поттикне растот и во останатите традиционални извозно ориентирани индустрии, а закрепнувањето на приватната потрошувачка ќе влијае поволно врз секторот на услугите. Во целина, закрепнувањето ќе продолжи во 2014 година со посилен интензитет. Секако, нашите проекции базираат на одредени влезни претпоставки во моделите кои ги користиме. Доколку некои од тие претпоставки се променат, можни се повисоки или пониски остварувања. Во овој момент најголемите ризици сеуште доаѓаат од решавањето на должничката и банкарската криза во неколку земји од ЕУ.
Неодамна медиумите пренесоа дека Македонија остварила трет највисок раст во Европа, меѓутоа според БДП по жител, е трета најсиромашна земја. Колку е реално земја во развој како Македонија да се споредува со развиените земји и колку растот од 3,3% може да обезбеди вистински економски развој?
-Според индикаторите на Евростат, БДП по жител во Македонија е на нивото од 35% од просекот за ЕУ. Колку за споредба, кога првпат е објавен податокот во 1996 година, тој индикатор изнесуваше 26% од просекот на ЕУ. Процесот на конвергенција е долг и тежок. Македонската економија треба да расте за 3-4 процентни поени побрзо од растот во ЕУ за да го стеснува јазот во БДП по жител. Оваа година со растот од 3,3% кој го очекуваме, при намалување на европската економија за 0,5%, ние остваривме намалување на разликата. Наредните години кога ЕУ ќе расте со стапка од 2% ние треба да растеме со 5-6%. Ако постигнеме повисоки стапки на раст уште подобро. Но, за тоа да го постигнеме потребно е да ја подигнеме потенцијалната стапка на раст на македонската економија. Токму затоа се потребни политиките за привлекување странски инвестиции, за подобрување на деловниот амбиент, инфраструктурните инвестиции, диверзификацијата на производството, освојувањето на нови неевропски пазари. Ако ние денес ги немавме во Македонија Џонсон контролс, Џонсон Мети, Кемет, Текнохозе, Ван Хоол, Дрекселмаер, Кромберг и Шуберт и останатите нови компании, немаше сега да зборуваме ниту за раст од 3,3%.
Може ли да се очекува следната година банките со кредити повеќе да ја поттикнат економската активност, бидејќи годинава кредитирањето за приватните фирми беше речиси замрзнато? Колку на тоа гледате како сопствен неуспех и можете ли вие, и покрај неколкуте мерки што ги донесовте, да ги натерате банките да даваат повеќе кредити?
- Слабото кредитирање е општа карактеристика во цела Европа и покрај сите мерки за негова поддршка кои ги носат централните банки. А мерките што многу централни банки меѓу кои и Европската централна банка ги преземаат се навистина интензивни и иновативни. Но, кредитна активност нема. Причините се во проблематичните биланси на компаниите и банките, новата банкарска регулатива со која банките мора динамички да се усогласат, како и неизвесноста која владее. Но, да не одиме подалеку во Европа, ако ги погледнеме податоците за кредитниот раст во регионот од Словенија до Грција, Македонија оствари највисок кредитен раст во 2013 година. Впрочем, повеќето земји во нашиот регион имаат негативни стапки на кредитен раст. И мерките на Народната банка имаат одреден придонес во нашето постигнување. Не велам дека сме задоволни од тоа, но мора да го имаме предвид глобалниот амбиент бидејќи Македонија има мала и отворена економија со цврсти врски со европските економии. Следната година очекуваме благо забрзување на кредитниот раст на нешто над 6%. Нашиот банкарски сектор има потенцијал да обезбеди и повисока стапка. Но, сепак тоа највеќе ќе зависи од самите банки. Народната банка може да го подобрува амбиентот за кредитирање и тоа го правиме. Обезбедената ценовна стабилност и стабилност на курсот на денарот при поволни движења во Платниот биланс, ни овозможи за првпат во овие дваесет години на монетарна самостојност да донесеме мерки насочени за поттикнување на кредитирањето. Сепак, централните банки не се семоќни.
Главен изговор на банкарите за слабото кредитирање е порастот на лошите кредити, меѓутоа адекватноста на капиталот на ниво на банкарски сектор е исклучително висока и нивната стабилност во ниту еден момент не е доведена во опасност. Издржана ли е воздржаноста од давање кредити и што е според Вас причината за замрзнувањето на кредитирањето на компаниите?
-Воздржаноста на банките беше делумно оправдана во минатата година кога ЕУ беше во рецесија, неизвесноста беше голема, нашата економија стагнираше, а учеството на лошите кредити во вкупните имаше тренд на зголемување. Значителен придонес за таквото однесување имаа и индивидуални причини карактеристични за поедини банки. Но, од почетокот на 2013 година економијата почна да закрепнува. Во јули запре трендот на зголемување на учеството на лошите кредити иако треба време за да кажеме дека трендот е дефинитивно променет. Може слободно да се каже дека се намалени причините за воздржаност. Резултатите од нашата последна анкета за кредитната активност на банките спроведена во третото тромесечје покажува блага позитивна промена во очекувањата на банките. Верувам дека тоа ќе се материјализира во повисоки стапки на раст на кредитирањето.
Колку државата со политиката на зголемено задолжување на домашниот пазар кај банките ќе влијае врз обемот на кредитирање? Стравувате ли дека тоа дополнително ќе го забави кредитирањето и што сугерирате за да се надмине тоа?
-Во минатото државата своите потреби за финансирање ги задоволуваше на странскиот пазар за што добивавме сериозни забелешки од ММФ и препораки за развивање на домашниот пазар. Во последните две години државата постигна поурамнотежено финансирање на своите потреби на домашниот и странскиот пазар. Таа рамнотежа треба да се задржи и во наредниот период. Се додека не се отиде во друга крајност за доминантно домашно финансирање, нема опасност од истиснување на кредитирањето. Ако се гледа од аспект на банките, вложувањето во државни хартии од вредност не е замена за кредитирањето. Банките вообичаено одржуваат одредена структура на своите биланси во кои мора да има високоликвидни инструменти како што се државните хартии од вредност и благајничките записи на Народната банка. Доколку имаат премалку такви инструменти ќе имаат проблеми со ликвидноста, доколку имаат премногу ќе имаат проблем со профитабилноста поради значително пониската каматна стапка отколку на кредитите.
Колку експанзивната фискална политика е ограничувачки фактор Народната банка да води полабава монетарна политика? Се координирате ли со Владата како најдобро да ги поставите економските политики?
-Фискалната и монетарната политика имаат задача да ја одржуваат рамнотежата во економијата прилагодувајќи се зависно од фазата во циклусот во кој таа се наоѓа. Конкретно во македонската економија тие треба да постигнат одржување на ценовната стабилност преку стабилниот курс на денарот, притоа не попречувајќи го постигнувањето на потенцијалниот економски раст. Во изминатиот период кога економскиот раст беше далеку под потенцијалниот имаше простор двете да бидат полабави без да се доведе во прашање стабилноста на цените и девизниот курс на денарот. Заживувањето на приватниот сектор и доближувањето на економскиот раст до потенцијалниот во наредните две години соодветно е земено предвид во фискалната стратегија каде што се предвидува постепено затегање на фискалната политика со цел да се одржи рамнотежата во македонската економија. Монетарната политика тековно ќе се прилагодува на состојбата и соодветно ќе реагира доколку оцениме дека тоа не е доволно. Јас имам одлична соработка со министерот за финансии, редовно комуницираме и меѓусебно се информираме за ризиците, предизвиците и за можностите во македонската економија кои ги гледаме во наредните месеци.
Двајцата ваши претходници после завршувањето на мандатите излегоа со загрижувачки пораки дека државата е во сериозни проблеми. Зошто е проблематично гувернерите да критикуваат додека се на позиција да ги менуваат работите? И колку е навистина оваа функција независна од притисоци од власта? Вие сте сега на оваа позиција и ги имате предвид сите податоци и информации за финансиската кондиција на државата. Оправдани ли се критиките од вашите претходници?
-Законот за Народната банка му дава високо ниво на независност на гувернерот, така што единствено од него зависи дали ќе го искористи тоа право. Живееме во демократско општество и работата на гувернерот може да биде предмет на коментари и критики. Но, гувернерот има прецизно дефинирани цели кои треба да ги оствари (ценовна стабилност и финансиска стабилност, а не загрозувајќи ги нив да ги поддржи економските политики) и со тоа голема одговорност. Оттука, секој може да дава побарани или непобарани, добронамерни или недобронамерни совети, но гувернерот е тој што ќе одлучи кои потези ќе ги повлече со цел да ги оствари со закон поставените цели, затоа што одговорноста е негова. Во поглед на моите преходници, ги почитувам и не ги коментирам нивните изјави. За моменталната финансиска кондиција на државата Народната банка преку своите редовни статистички и аналитички извештаи, а гувернерот преку своите јавни настапи ја информираат јавноста. Во оваа прилика би упатил на најновиот извештај на Светската банка кој неодамна беше јавно промовиран. Факт е дека не сме задоволни со економскиот раст во последните пет години, и со отсекогаш високата стапка на невработеност. Но, исто така е факт дека Македонија има едни од најдобрите перформанси во Европа во последните пет години и во економскиот раст, и во зголемувањето на извозот, инвестициите, во креирањето нови работни места, во намалувањето на стапката на невработеност, во нивото на јавниот долг. Факт е дека во контактите со меѓународните финансиски институции Македонија секогаш се посочува како позитивен пример во југоисточна Европа на земја која ја задржа макроекономската стабилност и креираше економски раст без да креира позначајни нерамнотежи, во време на стагнација на европските и развиените светски економии. Значи секогаш мора да се гледа македонската економија во поширок европски контекст бидејќи таму се нашите најголеми трговски партнери.
Ќе има ли власта комоција да се задолжува со исто темпо во следните неколку години ако се имаат предвид долговите што доспеваат за наплата?
-Фискалната стратегија за наредните три години покажува дека власта е свесна за предизвиците кои и претстојат и презема мерки за стабилизирање на долгот во наредниот период на одржливо ниво. Сметам дека тоа е добар потег во насока на долгорочно зајакнување на фундаментите на македонската економија.
Последните податоци за девизните резерви покажуваат дека на годишно ниво тие се намалиле за 172,8 милиони евра, по што објаснивте дека не станува збор за интервенции на пазарот за одржување на стабилноста на денарот. Можеше ли подобро да се менаџираат парите од девизните резерви со цел да не дојде до вакви загуби?
-После големите интервенции во 2008 и 2009 година, Народната банка во последните четири години повеќе откупува отколку што продава на девизниот пазар. Намалувањето на девизните резерви во оваа година целосно се должи на ценовни и курсни промени, како и на повлекувањето на некои привремени позиции креирани на крајот на 2012 година. Народната банка е обврзана да управува со девизните резерви почитувајќи ги принципите на сигурност, ликвидност и рентабилност по тој редослед. Значи приматот го има сигурноста. Тоа наметнува политика на пасивно управување со портфолиото на злато, односно ние го одржуваме портфолиото во злато на стабилно ниво. Изминатите години кога растеше цената на златото акумулиравме високи ревалоризациони резерви во нашиот биланс. Сега кога цената на златото се намалува тоа оди на товар на ревалоризационите резерви. Немаме амбиции да шпекулираме обидувајќи се да погодиме во која насока ќе оди цената на златото или меѓувалутните курсеви. Познато е дека никој не може постојано да го победува пазарот. На пример, хеџ фондовите кои направија огромни добивки на кризата во 2008 година, минатата година остварија огромни загуби. Затоа централните банки вообичаено се конзервативни во своите инвестициони стратегии.
Неколку пати досега изјавувавте дека 16 банки колку што има на македонскиот пазар се премногу, но не сме чуле најави за спојувања или преземања. Има ли интерес од некои странски банкарски брендови да влезат на нашиот пазар? Дали Народната банка планира нешто да преземе со цел да го поттикне спојувањето преку зголемување на постоечките критериуми ?
Консолидацијата во македонскиот банкарски сектор е неизбежна. Конкуренцијата можат да ја издржат само оние кои имаат финансиски моќни акционери и се доволно големи и силни или се специјализирани за некој пазарен сегмент. Останатите немаат голем избор. Мора да влезат во окрупнување преку спојување, купување или продавање. Тоа може да биде доброволно додека се во добра кондиција или под притисок од регулаторот кога ќе западнат во проблеми поради нерентабилното работење. Во изминатите две години имаше неколку иницијативи и преговори но, повеќето пропаднаа поради превисоките очекувања на продавачите. За жал некои акционери не можат да разберат дека времето пред 2008 година кога добивале понуди трипати повисоки од сметководствената вредност на капиталот никогаш нема да се врати. Денес во Европа реткост е некој продавач да ја добие дури и сметководствената вредност на капиталот, а најчесто таа е далеку пониска. Со секој изминат ден вредноста на нивниот капитал и неговата цена се намалуваат, а времето кога доброволно можат да одлучат за продажбата полека се исцрпува. Но, има и позитивни примери и верувам наскоро ќе се реализираат.