Интервју: Димитар Богов, гувернер на Народната банка на Република Македонија, за дневниот весник „Капитал“, 20.05.2011 година
Александар Јанев
Во услови кога девизниот режим останува фиксен која било влада мора да води прудентна фискална политика, со ниско ниво на буџетски дефицит, за да може Народната банка да ја олабавува својата политика и да стимулира поголема кредитна активност, порачува новиот гувернер на Народната банка, Димитар Богов, во своето ексклузивно интервју за „Капитал“. Ова е прво негово интервју откако ја презеде функцијата гувернер на НБМ. Богов истакнува дека во седумгодишниот мандат главна цел ќе му биде одржувањето на ценовната стабилност и поддршка на економските политики на земјата. Богов зборува и за предизвикот поради заканите за зголемување на инфлацијата, зголемениот ризик за затегнување, а не олабавување на монетарната политика, соработката со Владата, како и за причините зошто одлучил да ја продолжи стратегијата на фиксен курс на денарот.
Кои ќе бидат Вашите главни приоритети во седумгодишниот мандат како гувернер на Народната банка? Каква монетарна политика ќе водите?
Моите приоритети произлегуваат од целите кои треба да ги остварува Народната банка согласно Законот за НБРМ. Сите активности во Народната банка ќе бидат во функција на најдобро остварување на ценовната и финансиската стабилност, а потоа и кон поддршка на економските политики. Значителни ресурси ќе насочиме во надградување на нашите капацитети за макроекономското моделирање и истражувачката работа, кои се клучни за оценка на движењата и ризиците во економијата и за навремено реагирање на монетарната политика. Мора да нагласам дека монетарната политика ќе продолжи да биде поставена за да одржува ценовна стабилност. Дали ќе биде релаксирана или затегната ќе зависи од неурамнотеженоста во економијата. Не помало внимание ќе посветам на улогата на Народната банка како регулатор и супервизор на банкарскиот сектор. Во оваа област приоритет ќе ми биде надградувањето на системот на супервизија базирана на ризик. Тоа подразбира индивидуален пристап кон секоја банка, идентификација на ризиците и преземање соодветни микропрудентни мерки. Но, согласно најновите трендови во областа на финансиската стабилност, ние мора да изградиме конзистентна рамка во која микропрудентната регулатива ќе се дополнува и ќе создава синергија со макропрудентните мерки и монетарната политика.
Последните податоци укажуваат на раст на инфлацијата во земјава, најмногу поради раст на цените на увозот. Какви се прогнозите за понатамошниот тек на инфлацијата?
Повисоката инфлација засега е целосно последица на повисоките цени на нафтата и на храната на светските берзи поради шокови на страната на понудата. Тоа не значи дека е нарушена ценовната стабилност. Народната банка не може да ги контролира цените на индивидуалните производи, туку општото ценовно ниво. Ние не можеме ништо да направиме против растот на берзанските цени на нафтата и храната, но по секоја цена ќе спречиме пренесување на овој раст врз цените на останатите производи. Нашите анализи покажуваат дека базичната инфлација сe уште е ниска, што значи дека не се креираат инфлациони очекувања. Истовремено, нема притисок од платите и од домашната потрошувачка, производниот јаз е негативен, цените на храната на светските берзи од март веќе се намалуваат. Доколку не дојде до нов шок на понудата на примарните земјоделски производи и на нафтата на светските берзи, инфлацијата во Македонија ќе почне да се намалува во втората половина на годината и ќе се спушти под 3% во наредната година. Оттука, предвременото затегнување на монетарната политика може да направи повеќе штета отколку корист. Во секој случај, Народната банка внимателно ја следи инфлацијата и при првите сигнали дека ценовниот раст се пренесува на останатите производи јас нема да се двоумам соодветно да реагирам за да ја зачувам ценовната стабилност.
Кога базичната инфлација е само 1%, зошто НБМ се воздржува од олабавување на монетарната политика преку намалување на задолжителната резерва, кое е важно за стимулирање на кредитирањето? Сметате ли дека банките доволно ја поддржуваат економијата?
Иако сe уште не се чувствуваат инфлациони притисоци, ризиците се во нагорна насока. Во такви услови, сигналот што го праќаме е дека внимателно ги следиме движењата и доколку некои од тие ризици се материјализираат, ние соодветно ќе реагираме. Таа реакција сигурно не е во насока на олабавување. Што се однесува до задолжителната резерва, ние постојано ја анализираме поставеноста на инструментите на монетарната политика и ја прилагодуваме на целите што сакаме да ги постигнеме. И без нејзино намалување банките имаат на располагање 300 милиони евра во благајнички записи, кои претставуваат чист вишок ликвидност и може веднаш да се употребат за кредитирање. Секако, доколку банките оценат дека има добри проекти и клиенти кои треба да ги поддржат. Растот на кредитите минатата година изнесуваше 7%, а оваа година очекуваме да биде 12%, односно банките да ја поддржат економијата со близу 25 милијарди денари нови кредити. Постои едно непишано правило дека стапката на кредитен раст треба да биде двапати поголема од номиналниот раст на бруто-домашниот производ. Ние сме тука некаде и очекуваме наредните години кредитите да растат со стапка од 15% до 20%. Лекциите од финансиската криза нé научија дека повисок раст од тоа би бил ризичен и треба да се избегнува.
Што ќе биде Ваш приоритет, профитот на НБМ или развојот на економијата?
Приоритети ќе бидат ценовната и финансиската стабилност. Само во таков амбиент е можен одржлив развој на економијата и само тогаш НБРМ може да создаде услови банкарскиот сектор да го поддржи економскиот раст. НБРМ нема цел да прави профит и тоа не е фактор кој го зема предвид при поставувањето на инструментите на монетарната политика.
РИЗИЦИТЕ СЕ ЗНАЧИТЕЛНО НАМАЛЕНИ
Какви се перцепциите на НБМ за движењата во економијата, се намалуваат ли ризиците како предуслов за зголемен кредитен раст?
Споредено со минатата година ризиците се значително помали. Европските економии, кои се наши најголеми трговски партнери, го зајакнуваат економскиот раст, иако сe уште остануваат ризиците поврзани со должничката криза во периферните економии на еврозоната. Во Македонија инвестициите почнаа да заживуваат во четвртиот квартал од минатата година, а од почетокот на годинава имаме поинтензивен прилив и на странски директни инвестиции. Тоа е придружено со исклучителен годишен раст на извозот од 40% во првиот квартал оваа година. Засега, приватната потрошувачка е анемична, а нејзиното закрепнување се очекува да почне кон крајот на годината.
Какви реформи ги очекуваат банките во Вашиот мандат?
Во претстојниот период во светските банкарски кругови ќе биде актуелно воспоставувањето на таканаречените стандарди Базел 3, кои произлегоа како потреба по големата финансиска криза. Народната банка ќе ги прилагоди и преточи овие стандарди во нашата банкарска регулатива и ќе изработи акциски план за нивно имплементирање. Тоа ќе биде крупна задача, која ќе бара значително зајакнување на човечките и институционалните капацитети на македонските банки. Дополнително, ќе се фокусираме на зајакнување на акционерската структура и на корпоративното управување во мал број банки кои заостануваат на тој план.
Во Вашиот прв јавен говор од оваа позиција упативте порака дека девизниот курс останува фиксен. Зошто ги отфрлате барањата за промена на монетарната стратегија со воведување режим на таргетирана инфлација за да се создадат услови за побрз економски развој?
Во последните 15 години просечната годишна инфлација изнесува 2,2%. Ако основна цел на Народната банка е одржување на ценовната стабилност, тогаш политиката на таргетирање на стабилен курс на денарот е успешна. Од друга страна, досегашното искуство покажа дека граѓаните и претпријатијата во Македонија не се подготвени да држат денари во своите активи ако не им се гарантира стабилноста на курсот. Во мала и отворена економија со висока евроизација на билансите на сите економски субјекти - населението, претпријатијата и банките - самата најава за напуштање на политиката на стабилен курс би предизвикала нестабилност. Во отсуство на реални притисоци врз курсот очекувањата за депресијација на курсот би довеле до депресијација. Сите би настојувале да ги конвертираат денарите во евра, со што ќе направат притисок на девизниот пазар. Бидејќи курсот би бил флуктуирачки, Народната банка не би интервенирала на пазарот. Тоа би довело до пад на вредноста на денарот и дополнителен бран на конверзија на денарските активи во девизни. Денарот би бил во слободен пад. Цените на увозните производи би пораснале, а исто така и на домашните поради повисоките цени на увозните суровини. Тоа би значело надминување на таргетот на инфлацијата и би била потребна реакција на монетарната политика со зголемување на каматната стапка и интервенција на девизниот пазар. Но, кредибилитетот на Народната банка би бил сериозно нарушен, поради што интервенциите на девизниот пазар би морале да бидат многу големи, исто како и зголемувањето на каматните стапки. Значи, резултатот би бил висока инфлација, високи каматни стапки и загуба на девизни резерви. Да не ги заборавиме намалувањето на животниот стандард и зголемените рати за враќање на девизните кредити, што би довело до банкрот на голем број бизниси и граѓани.
Дали можеби одбравте да ја водите оваа стратегија поради удобноста што ја нуди за гувернерската позиција и да се заштитите од напади од јавноста?
Како гувернер на НБРМ, јас имам обврска да се водам од интересите на земјата во целина. Во економија со карактеристики како македонската, во овој стадиум на развој, стабилниот курс на денарот е стратегија која докажа дека ја остварува основната цел за ценовна стабилност и дава најдобри резултати за благосостојбата на најголем дел од граѓаните и бизнисите.
Зошто Македонија останува изолиран регион на Балканот за странските инвестиции. Како да се привлечат инвеститорите во земјава?
Последните две години пред светската економска криза странските директни инвестиции изнесуваа околу 8% од БДП. Тоа е бројка конкурентна на земјите од регионот. Првите два месеци од оваа година се добра најава дека инвеститорите се враќаат. Многу е веројатно дека на среден рок ќе ни се повторат бројките на странски директни инвестиции од пред економската криза.
Како клучен предизвик го спомнувате реструктурирањето на домашната економија. Како може да се направи тоа за да се зголеми извозот, а да се намали увозната зависност на земјата?
Основен предуслов за зголемување на извозот, за отворање нови работни места и подобрување на животниот стандард е поголема конкурентност на македонската економија. Единствен начин за одржливо зголемување на конкурентноста во однос на нашите трговски партнери е продуктивноста да расте побрзо од платите. Навидум едноставно решение, но за да се постигне тоа потребни се комплексни реформи и посветено работење од сите во земјата. Подобрувањето на услугите кои јавната администрација им ги дава на граѓаните и бизнисите ќе им заштеди време, ресурси и пари. Зголемената ефикасност на судскиот систем ќе придонесе за намалување на каматните стапки и заштеда на време, ресурси и пари. Елиминирањето на корупцијата ќе ја зголеми конкуренцијата, ефикасноста, квалитетот на производите и услугите и ќе заштеди време, ресурси и пари. Поквалитетното образование и здравство ќе го зголемат квалитетот на човечкиот капитал, како еден од основните фактори на производството. Подобрата патна и железничка инфраструктура ќе ги скрати времето и трошоците за транспорт на стоките. Поголемото производство на поевтина домашна енергија ќе ги намали трошоците на производство во останатите сектори. Ние во Народната банка, исто така, може да дадеме свој придонес преку унапредување на банкарската регулатива. Има простор за поедноставување на регулативата и зголемување на брзината и ефикасноста на делување на Народната банка, без притоа да се загрозат основните барања за ликвидноста и солвентноста на банките, како и критериумите за fit and proper на акционерите. Тоа ќе ги намали трошоците на банките и ќе создаде простор за пониски каматни стапки. Крајниот ефект од сите овие реформи ќе биде поголема продуктивност и пониски трошоци, што води кон поконкурентна економија.
Каква ќе биде улогата на Народната банка во водењето на фискалната политика? Има ли координација меѓу Владата и гувернерот?
Координацијата на монетарната и фискалната политика е институционализирана преку Комитетот за координација, во кој членуваат министерот за финансии и гувернерот на НБРМ со своите соработници. Во тоа тело еднаш месечно се врши меѓусебно информирање за движењата и плановите во фискалната и во монетарната област, како и во економијата, воопшто. Постојат и оперативни работни групи, кои на неделна основа одржуваат состаноци и разменуваат информации за краткорочните планови и движења во буџетот, пазарите на пари и должничките хартии од вредност. Ваквата соработка овозможува и фискалната и монетарната власт да ги знаат претстојните потези на другата страна и соодветно да ги прилагодат своите политики.
Какви се вашите очекувања за развојот на економијата во вашиот мандат?
И покрај сите моментални предизвици во светската економија, влегуваме во период на стабилен раст на македонската економија и поинтензивен влез на странски инвеститори. Надворешно-трговската размена и инвестициите забрзано ќе растат, а приватната потрошувачка ќе бележи континуиран, но умерен раст. Секако, тоа ќе влијае врз позначително намалување на стапката на невработеност иако структурните проблеми кај невработеноста ќе не мачат подолго време. Во такви услови, предизвик за фискалната политика ќе биде да се задржи ниското ниво на јавен долг, а за монетарната да не се дозволи создавање нерамнотежа во екстерниот сектор и да се задржи ценовната стабилност.
Гувернерот Гошев Ви порача да се чувате од политички притисоци. Политичките партии во своите предизборни програми веќе напишаа каква монетарна политика сакаат. Ќе успеете ли да ја одбраните независноста на монетарната власт од политички притисоци?
Не сум стигнал да видам што пишува во предизборните програми. Во секој случај, Законот за Народната банка јасно кажува во чија надлежност е монетарната политика. Ако пишува тоа што велите во предизборните програми, верувам дека мислат на индиректното влијание врз монетарната политика преку водењето на фискалната политика. Во услови на стабилен курс на денарот најдобар начин која било влада да влијае врз монетарната политика е да води прудентна фискална политика. Колку попрудентна е фискалната политика, толку порелаксирана ќе биде монетарната политика.