Автор: м-р Зоран Ставрески
Готови пари во оптек
РЕЗИМЕ
Готовите пари во оптек, заедно со депозитните пари, претставуваат компонента на најтесно дефинираната парична маса, чие следење е од посебен интерес за носителите на економската политика. Постојат неколку показатели за квантифицирање на релативното значење на готовите пари во секоја економија, од кои најзначајни се: 1/учеството на готовите пари во оптек во паричната маса; и 2/соодносот меѓу готовите пари во оптек и номиналниот бруто домашен производ. Динамичката анализа на овие показатели во Република Македонија покажува дека користењето на готови пари за извршување на стоковно-паричните трансакции е на исклучително високо ниво. Компарацијата на овие показатели со соодветните коефициенти во другите земји, покажува дека употребата и значењето на готовите пари во оптек во Република Македонија е значајно повисоко во однос на развиените пазарни економии, но и во однос на земјите во транзиција кои имаат слични макроекономски перформанси.
За елиминирање на причините кои детерминираат високо учество на готовите пари во оптек во паричната маса и во извршувањето на стоковно-паричните трансакции, потребно е да се операционализираат следниве активности: 1. Комерцијалните банки поорганизирано и поинтензивно да ги воведат во своето работење современите инструменти за безготовинско плаќање. Тоа би можело да се постигне преку спроведување на заеднички проект на ниво на национална економија (или барем со учество на десетина најголеми банки во Републикава) за воведување на единствена парична картичка, со која би можело да се вршат плаќања како внатре во земјата, така и во странство. Овој проект може да се надгради на веќе реализираните проекти на трите најголеми банки, односно да се направат напори за конвергенција на постојните системи кај овие банки со вклучување на помалите банки. Покрај ова, потребно е банките да инсталираат поголем број на банкомати, како и да го прошират спектарот на светски познатите кредитни картички и чекови кои ги прифаќаат во своето работење. Истовремено, потребно е да се подигне квалитетот на банкарските услуги во работењето со тековни сметки, со што би се анимирале одредени општествени групации (како на пр.пензионерите) да работат со тековни сметки; 2. Да се ревидира постојната законска регулатива која се однесува на работењето со готови пари. Најзначајно е во овој домен да се постават построги ограничувања во однос на износот за кој правните лица можат да вршат плаќања со готови пари. Воедно, потребно е да се предвиди и спроведува соодветна контролна и казнена политика за непридржувањето кон Упатството за работење со готови пари; и 3. Да се намали исплатата на плати и пензии во готово, како и да се намали плаќањето со готови пари на земјоделските производители при откупот на нивните производи. Наместо тоа, преку подобрување и проширување на банкарските услуги треба да се овозможи исплатата на платите и пензиите, како и исплатата при откупот на земјоделските производи во што поголем обем да се врши преку тековни сметки.
{{Title}}
{{Intro}}
{{{Content}}}
{{#hasElements Images}}
{{#each Images}}
{{#showInline ShowInGallery IsThumbNail}}
{{{dataImg this params="?width=886"}}}
{{/showInline}}
{{/each}}
{{#each Images}}
{{#showInline ShowInGallery IsThumbNail}}
{{{dataImg this params="?width=200&height=100"}}}
{{/showInline}}
{{/each}}
{{/hasElements}}