
Народна банка на Република Македонија врз основа на Одлуката бр. 02-15/IX-1/2006, донесена од Советот на Народна банка на Република Македонија на седницата одржана на 28.09.2006 година, објавува
К О Н К У Р С
за годишна награда за млади истражувачи
за најдобар труд од областа на макроекономијата
Со цел стимулирање на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата, како и афирмација на млади и стручни кадри, Народна банка на Република Македонија (НБРМ) доделува годишна награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата.
Годишната награда на НБРМ изнесува 100.000 денари.
Право за учество на конкурсот имаат државјани на Република Македонија до триесет и петгодишна возраст. Вработените во НБРМ и членовите на Советот на НБРМ немаат право на учество на конкурсот.
Трудовите се поднесуваат на македонски јазик.
Еден автор има право да поднесе само еден труд.
На конкурсот за избор на најдобар труд авторите имаат право да конкурираат и со веќе објавени трудови. При поднесувањето на трудот, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.
Трудовите се поднесуваат до НБРМ со назнака: „За годишна награда на НБРМ“ по електронски пат, на адреса: konkurs@nbrm.gov.mk или преку линкот "Годишна награда на НБРМ" поставен на интернет страницата на НБРМ.
Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.
Изборот на најдобар труд го врши Одбор за евалуација, кој се состои од тројца членови, од кои најмалку еден е надворешен. Претседателот и членовите на Одборот за евалуација ги назначува гувернерот на НБРМ со решение кое ќе се објави на интернет страницата на НБРМ.
Краен рок за доставување на трудовите е 01.03.2007 година.
Годишната награда на НБРМ ќе се додели на 26 април 2007 година, на денот на монетарното осамостојување на Република Македонија.
