ДЕВИЗНА ПОЛИТИКА
1. Политика на девизен курс
Согласно Законот за Народна банка на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија бр. 3/2002 и 51/2003, Народна банка на Република Македонија ја утврдува и спроведува политиката на девизниот курс на денарот во функција на остварување на основната цел - одржување на ценовна стабилност.
2. Тековен систем на девизен курс
Согласно член 33 од Законот за девизно работење, курсот на денарот се формира слободно (пазарно), согласно понудата и побарувачката на девизи на девизниот пазар. Курсот на денарот во однос на еврото се одредува врз база на извештаите од банките кои учествуваат на девизниот пазар. Курсевите кон другите валути се утврдува врз база утврдениот курс во однос на еврото и курсевите на еврото во однос другите валути фиксирани од страна на Европската централна банка. Со додавање и одземање на 0,5% се пресметува куповниот, односно продажниот курс на денарот. Вака утврдените курсеви се објавуваат дневно на курсна листа на Народна банка на Република Македонија.
3. Спроведување на девизната политика
Согласно стратегијата за таргетирање на курсот на денарот, како основно номинално сидро, мерките на монетарната политика се насочени кон одржување на стабилноста на курсот на денарот во однос на еврото. Доколку се појават тенденции за депрецијација или апрецијација на денарот, Централната банка интервенира со продажба, односно откуп на девизи, при што монетарната стратегија станува порестриктивна, односно поекспанзивна во однос на проектираните таргети.
4. Односот помеѓу монетарната и девизната политика
Постои висока меѓузависност помеѓу монетарната и девизната политика, имајќи предвид дека номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото претставува номинално сидро во македонската економија, со чие посредство се остварува основната законски утврдена цел на монетарната политика - ценовната стабилност.
Во октомври 1995 година, се премина од стратегијата на монетарно таргетирање кон примена на стратегијата на таргетирање на номиналниот девизен курс на денарот. За разлика од стратегијата на монетарно таргетирање, во која контролата врз паричната маса директно беше насочена кон остварување на ценовна стабилност, а девизниот курс беше индикатор за оптималноста на монетарната политика, при стратегија на таргетирање на девизниот курс, порастот на паричната маса се трансформира во инструмент преку кој директно се остварува стабилноста на девизниот курс и индиректно - стабилноста на цените. Во такви услови, монетарната понуда станува ендогена варијабла, чие движење е детерминирано од потребата за одржување на стабилен девизен курс на денарот. Доколку односот на понудата и побарувачката на девизи на девизниот пазар создава притисок врз стабилноста на екстерната вредност на денарот, тогаш се врши прилагодување на порастот на монетарните агрегати, со цел да се зачува стабилноста на девизниот курс.
5. Девизни резерви
Во моментот на монетарното осамостојување, Република Македонија не располагаше со сопствени девизни резерви. Со создавање на девизни резерви се започна во пролетта 1992 година. Бруто девизните резерви на централната банка се во постојан пораст и од 60 милиони САД колку што изнесуваа на крајот од 1992 година, на 30.06.2003 година достигнаа износ од 803 милиони САД долари, што претставува покриеност на четиримесечен увоз.
Согласно член 25 од Законот за Народна банка на Република Македонија, со бруто девизните резерви ракува Народна банка на Република Македонија. За ракувањето со бруто девизните резерви, Народна банка на Република Македонија изготвува извештај најмалку 2 пати годишно.
При ракувањето со бруто девизните резерви, Народна банка на Република Македонија согласно член 28 од Законот за Народна банка на Република Македонија се придржува кон принципите на сигурност, ликвидност и рентабилност. Принципот на сигурност се запазува со пласирање на девизните резерви во централни банки, странски меѓународни финансиски институции и комерцијални банки кои поседуваат првокласен кредитен рејтинг, утврден од страна на реномирани странски институции за определување на кредитниот рејтинг.
- Политика на управување и ракување со девизните резерви на РМ
6. Концепт на конвертибилност
Македонската национална валута има постигнато тековна конвертибилност. На 19.06.1998 година, Република Македонија го прифати членот 8 од Статутот на Меѓународниот Монетарен Фонд со што тековните трансакции помеѓу резидентите и нерезидентите се вршат слободно, без ограничувања.
Со цел постигнување на повисок степен на конвертибилност, со Законот за девизно работење (Службен весник на Република Македонија бр. 34/2001, 49/2001, 103/2001, 54/2002 и 51/2003) покрај ослободувањето на тековните трансакции се изврши и поголемо либерализирање на капиталните трансакции.
Директните инвестиции на резидентите во странство и на нерезидентите во Република Македонија се слободни, со обврска за нивно регистрирање во Министерството за економија. Нерезидентите можат слободно да инвестираат во домашни претпријатија, да формираат сопствени претпријатија и да купуваат акции или удели преку овластените брокери. Профитот и инвестираниот капитал нерезидентите можат слободно да го трансферираат во странство ако се намирени сите обврски спрема државата врз основа на даноци и придонеси.
Резидентите, со исклучок на дипломатските, конзуларните и други претставништва на Република Македонија, не можат да вложуваат во недвижност во странство. Вложувањата на нерезидентите во недвижности во Република Македонија се врши под услови определени со посебен закон или ратификувани меѓународни договори. Вложувањето во недвижност се регистрира во Централниот регистар на Република Македонија.
Резидентите можат да издаваат и воведуваат домашни хартии од вредност на странските пазари само со одобрение од Комисијата за хартии од вредност. Овластените банки можат да тргуваат и со странски хартии од вредност во странство согласно критериумите кои ги определува Народна банка на Република Македонија. Покрај овластените банки и Фондот за осигурување на депозити, осигурителните друштва, пензиските и инвестиционите фондови можат да купуваат хартии од вредност во странство согласно законите кои го регулираат нивното работење. По истекот на првата етапа од Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Република Македонија со Европската унија и останатите резиденти ќе можат да тргуваат со странски хартии од вредност во странство.
Со одобрение од Комисијата за хартии од вредност, во Република Македонија може да се издаваат и воведуваат странски хартии од вредност, со исклучок на странските должнички хартии од вредност со рок на доспевање над три години чие издавање и воведување не е дозволено. Нерезидентите преку овластените учесници можат да тргуваат со домашни хартии од вредност.
Кредитните трансакции (кредитното задолжување и кредитното одобрување) се целосно либерализирани со обврска истите да бидат евидентирани во Народна банка на Република Македонија.
Располагањето со девизите од страна на резидентите кои се остварени од трансакции со нерезиденти кои се извршени согласно Законот за девизно работење и другите законски прописи е слободно, а резидентите девизите можат да ги положат на сопствените девизни сметки, да ги искористат за плаќање на обврски кон нерезиденти или да ги продадат на девизниот пазар. За плаќање во странство резидентите можат да купат девизи на девизниот пазар. Резидентите - физички лица можат да купуваат девизи и за други цели. За отварање на сметки во странство резидентите треба да добијат одобрение од Народна банка на Република Македонија.
Нерезидентите можат да отвараат девизни и денарски сметки во комерцијалните банки и слободно да располагаат со средствата. За исплатата во ефективни странски пари и денари постои месечен лимит во противвредност од 10.000 евра.
Во случај на опасност од поголеми нарушувања во платниот биланс и нарушување на стабилноста на финансискиот ситем, Народна банка на Република Македонија може да воведе посебни заштитни.
7. Девизна статистика, надзор и контрола
Со цел остварување на функциите на Народна банка на Република Македонија, согласно Законот за девизно работење резидентите посредно и непосредно ја известуваат Народна банка на Република Македонија за извршените трансакции со нерезидентите.
Начинот и постапката на известување е пропишан од страна на Народна банка на Република Македонија зависно од видот на трансакцијата.
Народна банка на Република Македонија врши непосреден надзор над работењето на банките, штедилниците и менувачниците на кои им издала дозвола за работа, а посреден надзор врши и на другите резиденти врз основа на добиените извештаи.
Народна банка на Република Македонија соработува со другите органи на надзор кои според Законот за девизно работење и прописите донесени врз основа на истиот го вршат: Министерството за финансии, Министерството за економија и Комисијата за хартии од вредност.
Директните инвестиции во земјата се слободни и странските лица можат слободно да инвестираат во домашни претпријатија, да формираат сопствени претпријатија и да купуваат акции или други хартии од вредност од овластените брокери. Профитот и инвестираниот капитал може слободно да се трансферираат во странство. Директните инвестици на домашни лица во странство се дозволени и треба да се регистрираат во Министерството за надворешни работи.
Домашните лица можат да земаат кредити од странство за увоз на стоки и услуги, изведување инвестициони работи во странство. Резидентите можат да одобруваат кредити и гаранции и на странски лица. На домашните физички лица не им е дозволено воспоставување кредитни работи со странство, освен на претприемачите. Сите одобрени и користени кредити мораат да бидат регистрирани во централната банка. Во случај на нарушувања на платниот биланс и за одржување на општата ликвидност, Централната банка може привремено да го ограничи позајмувањето од странство, да воведе барање за претходна согласност, или да побара депонирање на денарски средства. Собранието на Република македонија треба да биде известено за овие мерки. Во согласност со Одлуката за девизната политика и Проекцијата на платниот биланс, претпријатијата можат да склучуваат финансиски кредити само за извозно ориентирани проекти, додека странски кредити за стоки за потрошувачка не се дозволени.