Автор: д-р Љубе Трпески
Десет години од монетарното осамостојување на Република Македонија
(Реферат)
Почитувани дами и господа,
Десетгодишниот јубилеј на нашата валута-денарот и на Народна банка на Република Македонија како самостојна централна банка е убав повод да фрлиме поглед наназад и да се присетиме низ какви со премрежиња поминавме во овие десетина години.
Ќе започнам од 1991 година.
1991 година не е така далечна година за да ни избледеат сеќавањата за тоа што со се случуваше во државата во која живеевме близу половина век. Таа се распаѓаше на најкрвав можен начин. Беше потребна голема мудрост и тактичност од нашето политичко раководство и би рекол, од целиот македонски народ, Република Македонија да не биде вовлечена во таа крвава војна. И во тоа се успеа. Со гордост истакнувавме во изминатите години дека Република Македонија е единствена од поранешните Југословенски републики која на мирен начин ја стекна својата независност.
Со плебисцитарното изјаснување на македонскиот народ и на граѓаните во Република Македонија на референдумот од 8 септември 1991 година за самостојна и суверена Република Македонија се остварија вековните стремежи на македонскиот народ за самостојна и меѓународно призната Република Македонија.
Озарените лица на народот кој спонтано се собра на плоштадот во нашиот главен град веднаш после соопштувањето на резултатите од референдумот и на раководството кое искачено на бината, заедно со народот, во еден глас ја пееја химната - ја покажуваше пред целиот свет - единствената определба за самостојна и суверена Република Македонија.
Но, тоа беше само почетокот, од патот кој требаше да се изоди за целосно уставно-правно и институционално, воспоставување на сите функции и прерогативи својствени за една самостојна и суверена држава.
Политичките и економските услови во времето после политичкото осамостојување беа такви што бараа деноноќна работа.
Хиперинфлацијата предизвикана од високата монетарна експанзија на Народната банка на Југославија и од упадите на пооделни републики во монетарниот систем, не овозможуваше на мирен, сталожен и систематичен начин да се работи на монетарното осамостојување.
Верувам дека на сите ви се сеуште свежи сеќавањата на тоа време кога инфлацијата дневно растеше со стапки колку што сега расте на годишно ниво, кога курсот на динарот дневно депрецираше за по неколку процентни поени, на огромната разлика меѓу официјалниот и "црниот" или "уличниот" курс. Само заради илустрација да напоменам дека непосредно пред монетарното осамостојување, месечната стапка на инфлација изнесуваше 86% а неофицијалниот или "црниот" курс на динарот беше повисок за 300%. Верувам дека се сеќавате на уличните дилери, како на многу важни личности во тоа време.
Таквата ситуација налагаше што побрзо да се воведе стабилна валута за да се извлече земјата од зоната на хиперинфлација.
Од друга страна, постоеја фактори кои предупредуваа на крајна внимателност во реализацијата на овој проект. Бевме свесни дека, секое брзоплето решение, без сериозни припреми, може да се врати како бумеранг и народот да не ја прифати новата валута.
Второ, сите анализи покажуваа дека Републиката ќе се најде во сериозни платно билансни потешкотии непосредно после монетарното осамостојување и може да се доведе во ситуација да нема девизни средства за купување на основните, виталните производи како што се, храна, лекови, нафта и сл. Имаше мислења, со додека може да се купуваат девизи од НБЈ по официјален курс за увоз на овие стратешки производи, да не се избрзува со монетарното осамостојување. Исто така се поставуваше прашањето, на кој начин да се обезбедат почетните девизни резерви, кои се неопходни за несметано функционирање на економијата во првите месеци после воведувањето на новата валута.
Трето, се поставуваше прашањето, како ќе реагира меѓународната заедница, односно, главните доверители, на чинот на монетарното осамостојување, дали ќе бараат веднаш да им се исплати долгот на Република Македонија спрема нив или не, дали пред да ја воведеме сопствената валута, да го отвориме ова прашање со нив, или не?!
Четврто, како ќе реагира остатокот од Југославија, дали економски ќе не блокира или ќе продолжи да тргува со нас. Во случај на економска блокада кои алтернативни излезни решенија ги имаме.
Заради сложеноста на работите и брзината со која требаше да се завршат, експертската Влада ги ангажираше речиси сите авторитети во економската наука во Републиката. После десетгодишна временска дистанца на тоа треба да и се одаде признание. Владата, односно Министерството за развој, склучи договор со МАНУ, за проект: "Стратегија за приспособување на македонското стопанство во новонастанатите услови со глобални согледувања за стопанскиот развој", кој требаше да се заврши само за неколку месеци.
Во тој проект учествуваа 15 научни работници од Економски факултет и од други институции, а со него раководеа академиците Ксенте Богоев и Никола Узунов.
Истовремено една друга група млади (во тоа време) научни работници предводени од Гоце Петрески, а во која влегуваа и Михајло Петковски и Трајко Славески, работеше на антиинфлациона програма.
Работниот тим или комисија кој беше формиран за монетарното осамостојување на Република Македонија, заради природата на задачата што ја имаше, работеше во најголема тајност. Состаноците се одржуваа или во Кабинетот на Претседателот на државата или во Кабинетот на Претседателот на Владата. Во неа влегуваа:
- Претседателот на Владата (проф.д-р Никола Кљусев);
- Министерот за финансии (м-р Методија Тошевски);
- Гувернерот на НБМ (м-р Борко Станоевски);
- Академик Ксенте Богоев; и
- Проф.д-р Љубе Трпески.
Последните двајца како претставници на науката.
Народната банка и Министерството за финансии го понесоа најголемиот товар во припремите за монетарното осамостојување.
Сега е прилика, да им оддадеме признание за тоа. Исто така, одделно признание заслужуваат и групата ентузијасти од печатницата "11 Октомври" од Прилеп. Графичките инженери Сашо Јосифовски и Борче Николовски, како и уметникот Борче Тодоровски се меѓу поистакнатите, кои го изработија дизајнот на првите македонски пари. Зарем нема симболика во тоа: 11 Октомври, првата пушка - 11 Октомври, првите македонски пари.
За само неколку месеци, се успеа да се припремат соодветните закони, да се набави соодветна хартија, тајно да се донесе во Македонија, да се изработат сите потребни технички решенија и да се отпечатат парите.
Се оцени дека е најпогодно време да се донесат потребните закони, непосредно пред првомајските празници, за да може за време на празниците, ако нешто се случи надвор од планираното да се коригира. Така се определи тој историски 26 април 1992 година да биде денот кога Парламентот ќе заседава и ќе ги донесе потребните закони и тоа:
Закон за паричната единица на Република Македонија;
Закон за употреба на паричната единица на Република Македонија;
Закон за Народната банка на Република Македонија;
Закон за преземање на депонираните девизни влогови на граѓаните од страна на Република Македонија.
Верувам дека нема присутен овде во салата, кој не се сеќава, на моментот кога Претседателот на Владата, во своето уводно обраќање пред Парламентот, ги извади од внатрешниот џеп - првите македонски пари и на долготрајниот аплауз што уследи потоа
На првите македонски пари не е испишано името на валутата. Тоа произлегува од фактот што за името е потребен закон, а закон не можеше порано да се донесе заради тајноста на целата операција. Од тие причини, иако со донесувањето на законот за парична единица на 26 април 1992 година беше официјализирано името на нашата валута, сепак, тоа не можеше да биде отпечатено на првите апоени, заради фактот што парите беа отпечатени пред донесувањето на Законот.
Но тоа не сметаше, народот со радост да ги прифати, и да почне да врши плаќања со нив, како со години да постоеле.
Самиот акт на размената на динарите за денари се вршеше во сооднос 1:1. Тоа се направи за да им се олесни и поедностави размената на граѓаните.
Заедно со законите за монетарното осамостојување, македонскиот парламент во април 1992 година ја донесе и антиинфлационата програма.
Главна цел на оваа програма беше елиминирање на хиперинфлацијата, која во април 1992 година достигна 86,1% на месечна основа, односно 1198,7% на годишно ниво, со тенденција за натамошно забрзување. Непосредно пред воведувањето на стабилизационата програма, менувачите на "црниот пазар" применуваа девизен курс кој беше драстично (за 300%) повисок од официјалниот. Антиинфлациониот пакет се состоеше од следните клучни мерки:
воведување на нова валута-денар, со фиксен паритет во однос на германската марка од 360:1;
рестриктивна монетарна политика, насочена кон редуцирање на понудата на пари и одржување на реално позитивни каматни стапки;
редуцирање на делот од општествениот производ наменет за јавна потрошувачка од 38% на 35%;
замрзнување на сите плати;
ограничено замрзнување на цените, кое опфаќаше околу 18% од сите стоки.
Aнтиинфлационата (стабилизациона) програма се спроведуваше под многу тешки околности. Меѓу главните беа: неповолна состојба на платниот биланс, многу ниски девизни резерви, драстично опаѓање на општествениот производ како последица на брзата дезинтеграција на југословенскиот пазар и економски блокади наметнати однадвор. Исто така, во текот на спроведувањето на програмата се јавија и одредени девијации во смисла што конверзијата од динари во денари беше многу поголема од очекуваната.
Имено, фактот што не се успеа да се сочува до крај тајноста на припремите за монетарното осамостојување, и што изгледаше логично, за другите средини од поранешна СФРЈ, дека по Словенија и Хрватска, и Македонија, порано или подоцна ќе воведе свои пари, придонесе при замената на динарите за денари, да се заменат двојно повеќе пари отколку што се очекуваше. Тоа е и еден од факторите зошто антиинфлационата програма беше од краток век, бидејќи при фиксен курс од 360 денари за 1 германска марка двојно поголемата количина на денари придонесе да се наруши тој сооднос и набрзо да се формира повторно "црн курс" на доста повисоко ниво од званичниот.
Овие фактори, силно поттикнати со одлуката на Собранието за напуштање на еден од клучните лостови на антиинфлационата програма - замрзнатите плати - придонесоа антиинфлационата програма да биде напуштена и инфлацијата повторно да затропа на вратите.
Обновената инфлација и слабиот квалитет на хартијата на првите пари-боновите, не им даваше мир на раководството и вработените во Народна банка. Мораше брзо да се работи на второто издание на парите. Но, сега беше полесно, барем не мораше во тајност да се набавува хартијата.
Од истата фирма во Словенија се купи, овој пат многу поквалитетна хартија. Дизајнот на банкнотите повторно го изработи стручната екипа на Печатницата "11 Октомври" од Прилеп. Инфлацијата налагаше да се прибегне кон операцијата, кратење на двете нули при замената на боновите за новите пари, која се изврши во мај 1993 година.
Во меѓувреме, започнаа и подготовките за изработка на првите македонски ковани пари.
Беше донесена одлука и кованите пари да се изработат во Република Македонија. Од бројните алатници во Република Македонија, храброст да влезат во таа операција покажаа вработените од фабриката "Сувенир" од Самоков. Посебно сакам да ги истакнам инженерите Ристо Џишев, Димче Бошковски и Жана Атанасовска. И тие заслужуваат честитки, затоа што направија ковани пари од 50 дени и од 1, 2 и 5 денари, кои и многу поразвиени земји не би се срамеле да ги имаат.
Галебот, шарпланинецот, рисот и охридската пастрмка - како ликовни решенија на кованите пари и како симболи карактеристични за нашето поднебје останаа неизменети до денес. И мислам дека не треба да ги менуваме.
Веднаш после усвојувањето на пакетот закони од страна на Собранието на Република Македонија, меѓу кои беше и Законот за Народна банка на Република Македонија беше конституиран и првиот Совет на Народна банка, во кој влегуваа, покрај гувернерот и 7 надворешни членови, избрани на 7 години од страна на Собранието.
На својата седница одржана на 10.12.1992 година, Советот донесе одлука за распишување на конкурс за изработка на новите би рекол денешните пари, кои би биле од многу поквалитетна хартија и со поголема заштита. Исто така, Советот формира и жири комисија која требаше да изврши избор на најдобрите понуди. Во жири комисијата членуваа:
1. Академик Ксенте Богоев, претседател на МАНУ;
2. Д-р Љубе Трпески, министер, Влада на Република Македонија;
3. Д-р Александар Никуљски, декан, Архитектонски факултет;
4. Димитар Кондовски, академски сликар, дописен член на МАНУ;
5. Александар Цветковски, ликовен уметник во "Детска радост";
6. М-р Томе Неновски, заменик гувернер во НБРМ.
Конкурсот беше јавен и анонимен. Во конкурсот се бараше идејните решенија да се изработат и достават во две серии од по 6 апоени и тоа:
1. Серија "а" од шест апоени кои како основен белег ќе содржат ликови од историското и културното минато на Република Македонија и мотиви сврзани за животот и делото на тие личности;
2. Серија "б" од шест апоени во кои треба да бидат содржани изразите на државноста, историските традиции и културното наследство на Република Македонија, нејзините природни, стопански и архитектонски белези, флората и фауната што живее на нејзиното подрачје, современиот техничко-технолошки развој, стремежот за социјален и духовен напредок и современите стремежи за демократско општество и интеграција во светот.
Во предвидениот рок пристигнаа осум предлози. Жири комисијата констатира дека четири од вкупно осум понуди не ги задоволуваат некои од критериумите пропишани со конкурсот.
На пример, понудата од Печатницата "11 Октомври" - Прилеп, беше доставена без шифра, со печат на ковертот од самата печатница, со што не се задоволуваше критериумот за анонимност и со самото тоа не влезе во конкуренција за избор.
Другите три не ги исполнуваа условите од техничка страна (изработени во несоодветна техника, димензии, боја, број на апоени и сл.)
Од останатите четири понуди кои влегоа во конкуренција, една под шифра "Дориан" отскокнуваше според квалитетот од другите. Сите членови на жирито бевме едногласни, дека понудата под таа шифра ја заслужува првата награда. Немаше дилема кај никој од членовите на Жирито.
Победник на конкурсот беше Билјана Унковска, уметник со кој Народна банка на Република Македонија од тој момент до денес има воспоставено извонредна соработка. Ја користам оваа прилика и на неа да и честитам. Притоа, сакам да ја искористам оваа прилика и да споменам уште две имиња кои имаат заслуги за нашиот денар. Тоа се академикот Петар Илиевски, кој го предложи името на нашата валута и Благоја Дрнков, од кого се користени фотографии за дизајнирањето на пооделни апоени.
Можеби ние сме субјективни, па ликовните решенија на нашите пари ни изгледаат најубаво, затоа што се наши. Затоа би ви препорачал да го прочитате трудот на д-р Вирџинија Хјуит и д-р Тим Анвин: Културно богатство: еволуција на дизајнот на македонските банкноти, двајца еминентни научници, едниот од Универзитетот во Лондон, а другиот од музејот во Лондон, кои, секако се ослободени од пристрасноста. Трудот е објавен во книгата што за кратко време ќе можете да ја имате во вашите раце. Јас ќе ја цитирам само последната реченица од тој труд: "За Македонија, раѓањето на банкнотите е дел од раѓањето на самата држава и, сега кога се во секојдневен оптек, тие претставуваат амбасадори на нивната земја, агенти на економскиот пораст и икони на културниот идентитет".
Во меѓувреме Република Македонија постана член на ММФ и Светската банка и ги заклучи првите аранжмани со овие институции.
Во текот на 1993 година се изготви нова стабилизациона програма од новата влада која исто така се потпираше на трите лоста: монетарната политика, фискалната политика, и доходовната политика, како и претходната, во која беа добро одмерени соодносите парична маса - девизен курс, парична маса - плати и на тој начин беше полесна за имплементација. Од друга страна, фактот што имавме аранжман со ММФ со критериуми за извршување, над кои се правеше мониторинг секој квартал, ги правеше поодговорни и подисциплинирани сите субјекти и институции, одговорни за имплементација на програмата.
Успешната реализација на СТФ аранжманот, ни овозможи многу брзо, да го заклучиме и класичниот Stand by аранжман со кој практично постигнавме целосна макроекономска стабилност. Понатамошните аранжмани што ги имавме со ММФ и Светската банка ни овозможува, така да речам, веќе рутински да ја одржуваме постигнатата макроекономска стабилност.
Република Македонија спаѓа во групата на земји во транзиција со најинтензивни односи со ММФ и Светска банка. Таа соработка имаше повеќестрана корист за Република Македонија.
Прво, со помош на аранжманите, во изминатите години ги решававме проблемите коишто произлегуваат од дефицитот во платниот биланс. (Познато е дека во Република Македонија, додека беше во рамките на СФРЈ, се изградија бројни стопански капацитети коишто работат на база на увезени суровини, и таа состојба ќе не прати низ една подолга временска перспектива, додека не се преструктуира стопанството и не се доведе македонската економија во урамнотежен платен биланс).
Аранжманите со овие институции овозможија да се добијат и други значителни средства во форма на подароци или "меки" заеми од развиените земји наменети за поддршка на платниот биланс, а кои тие земји ги врзуваа со постоење на аранжман на Република Македонија со ММФ.
Во таа смисла, аранжманите со ММФ и Светска банка ни помогнаа, да ги регулираме односите со Парискиот и Лондонскиот клуб. Аранжманите ни помогнаа, исто така, во периодот од осамостојувањето до крајот на 2001 година, Република Македонија да врати 713,8 милиони долари долгови спрема странски доверители.
Во истиот период, Република Македонија зеде кредити за поддршка на платниот биланс (главно од Светска банка и ММФ) во износ од 550 милиони долари. Од нив, 367 милиони долари се под т.н. ИДА услови, со рок на враќање од 35 години, 10 години граце период и без камата.
Со други зборови, најголемиот дел од долговите спрема странство, наследени од поранешна СФРЈ, кои беа со високи камати и доспеани, ги заменивме со нови кредити , без камати и со рок на отплата од 35 години.
Без аранжманите немаше да се добијат ни 113,5 милиони долари донации (подароци - без обврска за враќање) дадени за поддршка на платниот биланс.
Второ, склучените аранжмани и исполнувањето на т.н. критериуми за извршување, помогнаа за дисциплинирано однесување на сите релевантни субјекти во реализацијата на економската политика, и како резултат на тоа, постигнување на трајна макроекономска стабилност како предуслов за одржлив стопански раст.
Трето, техничката помош што ја пружија овие две институции во годините што следеа по осамостојувањето, е драгоцена.
Курсевите коишто се организираат во Вашингтон или во Виена секоја година од страна на ММФ и Светска банка, и коишто ги завршија десетици млади кадри од Народна банка на Македонија, а во последно време и од Министерството за финансии, се училишта кои ретко може да се најдат на друго место.
Чуствував потреба да ја истакнам корисноста од заклучените и реализирани аранжмани со ММФ и Светската банка заради се позачестените критики за наводното штетно влијание на овие аранжмани по македонската економија. Аранжманите ни беа потребни и ќе ни бидат потребни и во иднина.
Почитувани дами и господа,
Со до монетарното осамостојување Народна банка на Република Македонија беше дел од системот на Народна банка на СФРЈ.
Притоа, нејзина основна задача беше само да ја спроведува монетарната, девизната и кредитната политика на територијата на Република Македонија.
За жал, додека бевме во рамките на СФРЈ не го следевме примерот на Република Словенија, која уште во 70-те и 80-те години направи, Народната банка на Словенија, независно што имаше исти статус како и Народна банка на Македонија, да има служби и кадри, во некои домени и појаки од службите и кадрите во НБЈ.
Тоа им помогна во првите години после монетарното осамостојување многу подобро и полесно да се снајдат во новонастанатата ситуација.
Народна банка на Република Македонија во првите години после монетарното осамостојување се соочи со проблемот на немање доволно кадри во доменот на изработка на монетарните проекции, на платнобилансните проекции и особено во организирањето на супервизијата.
Но вложувањата во млади кадри, особено во последните пет години и воспоставените принципи дека во Народна банка на Република Македонија може да биде примен дипломиран економист, правник или инженер само со висок просечен успех од студиите, со одлично знаење на еден од светските јазици и со познавање на еден од компјутерските јазици, како и воведената пракса, на секој курс што се одржува од страна на ММФ или од Светската банка, да има учесник од Народна банка на Македонија, дадоа резултати.
Денес со гордост можам да истакнам дека Народна банка на Македонија не само што е оспособена квалитетно и компетентно да ги извршува сите свои функции туку и дава техничка помош на други централни банки од земјите во транзиција. И тоа на централни банки со повеќе од 100 годишна традиција.
Кој со најзначајните резултати што ги постигна Народна банка на Македонија во изминатите 10 години:
1. Одржување на стабилна куповна сила на денарот преку успешно одржување на ценовната стабилност во економијата, што е и основна цел на монетарната политика. Така, од почетната состојба на хиперинфлација, преку реализирање на антиинфлационите програми во првите години од осамостојувањето и потоа преку успешно монетарно регулирање и координираност со другите макроекономски политики, кои се во доменот на Владата, стапката на инфлација во Република Македонија од 1995 година наваму се одржува на едноцифрено ниво (независно од неповолни услови и влијанието на екстерните шокови). Гледано од овој аспект, Република Македонија се вбројува меѓу најуспешните земји во транзиција.
2. Одржување на стабилност на интервалутарната вредност на денарот. Девизниот курс на денарот, иако е флуктуирачки, НБРМ со секојдневни интервенции на девизниот и менувачкиот пазар, било на страна на понудата, било на страна на побарувачката, го одржува да биде стабилен. Стабилниот девизен курс на денарот е еден од главните фактори на стабилната куповна сила на денарот.
3. Континуиран пораст на девизните резерви, при што постојано се зголемува и степенот на покриеност на просечниот месечен увоз на стоки. Притоа, после регулирањето на односите со меѓународните финансиски институции, со Парискиот и Лондонскиот клуб, НБРМ врши редовно сервисирање на надворешниот долг во име и за сметка на Државата. Република Македонија важи во меѓународните финансиски кругови за уреден плаќач.
4. НБРМ редовно го следи и надгледува работењето на банкарскиот систем и преку супервизорските и контролните активности, како и постојано унапредување на законската регулатива, се залага за изградба на стабилен и ефикасен банкарски систем. Зголемениот интерес на странски инвеститори за влез во банкарскиот систем на Република Македонија во последните неколку години, претставува своевидна потврда за солидното работење на банките.
Република Македонија спаѓа меѓу ретките земји во транзиција која успеа да избегне системска банкарска криза. А причини за тоа имаше многу повеќе во Република Македонија отколку во било која земја во транзиција.
Да ја споменеме само 1999 година и 2001 година, кога заради познатите настани, уплашените штедачи масовно навалија во банките да си ги подигнат своите депозити.
Тоа е школски пример кога по правило настанува системска банкарска криза.
И сами сте сведоци дека тоа успешно го пребродивме. До последниот денар, марка или долар им беше исплатен на штедачите, а не дозволивме банките да западнат во неликвидност. Заради тој факт и раководствата на банките заслужуваат да им се оддаде признание.
Почитувани дами и господа,
Во својот обид да го одбележи заокружувањето на првата деценија од монетарното осамостојување на нашата држава, Народната банка на Република Македонија одлучи да издаде две публикации непосредно поврзани со значајниот јубилеј, а кои, верувам, ќе го побудат интересот на пошироката јавност.
Првата, со симболичен наслов и мемоарски поднаслов - Создавањето на македонскиот денар: видувања и сеќавања, ги содржи личните сеќавања и белешки на раководни личности во тоа време и на непосредните учесници во тој голем проект на монетарното осамостојување, кои секој на свој особен начин, беа директно соочени со одговорностите и предизвиците на заедничката цел. Ова хронографско дело претставува интегрално навраќање на деновите во кои, натпреварувајќи се со времето се планираше стратегијата за монетарното осамостојување на Република Македонија и Антиинфлационата програма, се превземаа неопходните подготовки за печатењето на нашата национална валута, се дискутираше за нејзиното име, дизајн и квалитет, се реализираше замената со старите југословенски динари, се подготвуваше првото стандардизирано парично издание и се планираше второто.
Сакавме да оставиме едно вакво дело за идните генерации, но, истовремено, и да го покажеме нашето уважување за сите личности кои несебично го понудија својот труд, знаење и визионерство во креирањето и реализирањето на еден од фундаменталните моменти на осамостојувањето на државата. Оваа пригода ќе ја искористам јавно да им се заблагодарам на авторите што се согласија да одделат од своето време и да ги преточат своите сеќавања во траен запис за времето во кое бевме на почетокот на патот. Тука, се разбира, ја изразуваме и нашата благодарност на сите оние кои помогнаа во конципирањето, техничката подготовка и реализација на оваа публикација.
Втората публикација претставува хронолошки преглед на сите изданија на банкноти, ковани пари и јубилејни емисии издадени од страна на Народната банка на Република Македонија во овие 10 години, која всушност претставува прв референцијален каталог во кој се дадени карактеристиките на парите на Република Македонија. Со тоа што ја објавуваме двојазично, односно на македонски и на англиски јазик, овозможуваме таа да им биде достапна и на сите оние чии професионален интерес се врзува за проучувањето на модерните пари.
Почитувани дами и господа,
Да завршам со една мисла или афоризам кој вели: Ако трчате маратон од 20 километри, не заборавајте кога ќе стигнете на 19-от километар дека сте сеуште на половина пат. Ако сите ние, и кога сме пред целта, работиме и делуваме секој на своето работно место, свесни дека сме само на половина пат, јас верувам дека на прославата на 20 години од монетарното осамостојување ќе заклучиме дека денарот добро си ја извршил својата улога и го праќаме во историјата, бидејќи Европската унија констатирала дека Република Македонија ги исполнила сите услови за нивна членка, односно за влез во ЕМУ.
Ви благодарам,
Д-р Љубе Трпески
гувернер