70 години централно банкарство

Ни претставува особена чест и задоволство да Ве информираме дека во 2016 година се одбележуваат 70 години централнобанкарски активности во Република Македонија. Во изминатите седум децении, нашата институција, во различни правно-формални рамки и низ низа процеси на еволутивен институционален развој, претставуваше и претставува суштински значаен столб за функционирањето на македонското општество и сидро на макроекономската стабилност на државата.
Оваа јубилејна година, Народната банка на Република Македонија ќе го одбележи 70-годишното институционализирано централнобанкарско работење во Република Македонија и по тој повод ќе организира низа манифестации и случувања. Одбележувањето на јубилејот ќе се одвива во текот на целата година, под мотото „Запознајте ја централната банка“ и ќе има за цел да ја приближи Народната банка до пошироката јавност и да ја унапреди информираноста на граѓаните за доменот на делување на институцијата, нејзината улога и значењето што го има во домашната економија. Во тој контекст, настаните што ќе се организираат во текот на годината ќе опфатат активности од областа на финансиската едукацијa, настани за промоција на научно-истражувачката дејност и спортски активности и случувања.
Во рамки на активностите за финансиска едукација, Народната банка ќе пристапи кон изработка на два кратки филма, и тоа: 1) краток документарен филм во кој, преку документиран видеоматеријал заснован врз историски факти, ќе се прикаже еволуцијата на централното банкарство во Република Македонија во изминатите 70 години и 2) краток едукативен филм преку кој пошироката јавност ќе се запознае со целите, функциите и надлежностите на централната банка. На тој начин централната банка ќе остави два трајни документа од кои идните генерации ќе црпат знаења од областа на централното банкарство. Во рамки на едукацијата на деца и млади се предвидува организација на еднодневни посети во Народната банка од страна на ученици од основните училишта од целата територија на Република Македонија. Организираните посети ќе вклучуваат посета на Музејот на Народната банка и Ковницата на пари, а учениците ќе бидат запознаени и со основните функции на Народната банка преку интерактивна презентација од страна на вработени во Народната банка. За делот од училиштата што нема да бидат во можност да организираат ваква посета ќе биде организиран караван на Народната банка за финансиска едукација којшто ќе посетува училишта низ цела Македонија. Целта на овој караван е ширење на финансиската едукација и доближување на Народната банка и до учениците од најоддалечените и рурални средини.
Како една од водечките институции во истражувачката дејност, и во годината на јубилејот Народната банка ќе продолжи со силна поддршка и промоција на научно-истражувачката дејност. Во тие рамки, Народната банка ќе изготви Библиографија на стручни трудови од областа на централното банкарство објавувани во Република Македонија за периодот од последните 70 години. Овој проект значително ќе помогне во зачувувањето на овие трудови, а ќе придонесе и за натамошен развој на централното банкарство и за целокупното банкарското работење во Република Македонија во иднина. Покрај ова, предвидена е и промоција на книги и научни трудови објавени од страна на вработените во Народната банка, со што уште еднаш ќе се потврди високиот научно-истражувачки профил на институцијата.
Седумдесетгодишниот јубилеј ќе биде одбележан и со низа спортски активности, меѓу кои би сакале да ја истакнеме мини маратонската трка покрај Вардар, со што Народната банка ќе даде свој скромен придонес кон промоцијата на поздрав и поактивен живот помеѓу вработените од финансискиот сектор.
Во рамки на настанот „Отворени денови за граѓаните“, Народната банка, во траење од една седмица, ќе ги отвори вратите за сите граѓани што имаат желба да ја посетат Народната банка и да се запознаат со нејзината историја, главните обележја и функциите на институцијата. Организираната посета ќе вклучува обиколка на Музејот на Народната банка и кратка едукативна презентација од страна на вработените во Народната банка.
Во текот на 2016 година, сите конференции, форуми, семинари, работилници и други проекти што Народната банка со години наназад на редовна основа ги организира, ќе бидат организирани и изведени во духот на големиот јубилеј. Во тие рамки, во текот на 2016 година Народната банка ќе ја организира Петтата меѓународна истражувачка конференција, којашто вообичаено се организира по повод годишнината од монетарното осамостојување на Република Македонија, традиционалната Конференција за платните системи и системите за порамнување на хартии од вредност, којашто оваа година, со значајно меѓународно учество, ќе се одржи по деветти пат, а втора година по ред ќе се одржи и Меѓународниот ИТ-форум од областа на ИТ-инфраструктурата и непрекинатоста во работењето. Во соработка со Банката на Англија, Народната банка во текот на годината ќе организира семинар наменет за едукација на кадри од областа на централното банкарство.
Веруваме дека со оваа програма на настани и активности ќе придонесеме за достоинствено и успешно одбележување на овој значаен јубилеј и ќе ја оствариме крајната цел за подигање на нивото на свесност на граѓаните за значењето и улогата на Народната банка во македонското општество.
Нека ни е честит јубилејот 70 години централно банкарство во Република Македонија.