Улогата на НБРМ во Платниот систем во Република Македонија
Оперативна функција
Македонски Интербанкарски Платен Систем - МИПС
Општо
Македонски Интербанкарски Платен Систем - МИПС претставува Систем за бруто порамнување во реално време (RTGS - Real Time Gross Settlement System). Преку овој систем се процесираат големите плаќања и итните плаќања во домашниот платен промет, во македонски денари. Македонскиот Интербанкарски Платен Систем на Народна банка на Република Македонијае на располагање на овластените учесници во текот на секој работен ден.
Учесници во МИПС може да бидат:
1. Народна банка на Република Македонија.
2. Носителите на платен промет.
3. Клириншките системи:
· Клириншката куќа и
· Централниот депозитар на хартии од вредност.
4. Трезорскиот систем со Единствената Трезорска Сметка.
5. Останати институции согласно прописите.
Секој Учесник во МИПС има своја адреса која се нарекува BIC код. Сите Учесници во МИПС се водат во посебен Список на Учесници во МИПС.
Зачленувањето во МИПС е многу едноставно, по однапред пропишана процеду ра. За учество во МИПС не е неопходно да се има отворено сметка во Народна банка на Република Македонија. Отворањето на сметка во Народна банка на Република Македонија се регулира со посебен Договор помеѓу Народна банка на Република Македонија и Учесникот. Сите сметки на учесникот отворени во Народна банка на Република Македонија му се достапни преку МИПС. Учесникот може да овласти и други учесници во МИПС да ги задолжуваат неговите сметки, со пополнување на образецот ОВЛАСТУВАЊЕ за задолжување на сметка од друг Учесник. Истотака, други сопственици на сметки во Народна банка на Република Македонија може да овластат Учесник во МИПС да ги извршува работите во платниот промет за нивната сметка преку МИПС, со пополнување на образецот ОВЛАСТУВАЊЕ за сервисирање на подносителот во НБРМ од страна на Учесник во МИПС.
МИПС системот е информационен систем со сложени технички карактеристики. Тоа е првиот систем во Република Македонија во кој се започнаа да се применуваат документи во електронски облик - потпишани со електронски потпис. Самиот систем се базира на модерен информационен систем со голем број на вградени опции. Некои од опциите се: водење на повеќе сметки за еден учесник, извршување на налози во стандарден SWIFT формат, работење со повеќе мрежи при што се имплементира "V" шема, итн.
Во овој момент се користат три начини на приклучување: Начин на пренесување на пораки во МИПС број 1, 2 и 3.
МИПС системот ги процесира налозите кои се во SWIFT формат во согласност со Стандард за намената и форматот на пораките во МИПС.